Изминатиот период владата на Христијан Мицкоски преку тајна дипломатија успеала да им ги пренесе на европските политичари своите забелешки во однос на блокадата од Бугарија, па веќе многу е извесно дека францускиот претседател и германскиот канцелар ќе се вклучат во разговорите меѓу Македонија и Бугарија. Дали тоа значи дека е слушнат и разбран македонскиот глас? Тоа секако, но, сепак, остануваат многу тешки политички и историски прашања за кои ќе бидат потребни и дипломатски вештини и поддршка од пријателски земји
МОЖНИ СЕ РАЗГОВОРИ МЕЃУ СКОПЈЕ И СОФИЈА СО ПОСРЕДНИЦИ
Доколку работите одат во позитивна насока во процесот на формирање нова бугарска влада, многу е веројатно во декември Македонија и Бугарија да седнат на преговарачка маса и да тргнат во решавање на отворените проблеми. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите во петокот, прв негов откако застана на чело на македонската влада. Од владини кругови неофицијално се дознава дека во изминативе месеци се влечеле заткулисни потези, односно преку тајната дипломатија се отворале канали за пласирање на македонските ставови поврзани со последиците од сегашната условна и неприфатлива за националните интереси преговарачка рамка со ЕУ.
Иако се знае за средбата меѓу германскиот канцелар Олаф Шолц и Мицкоски во Берлин, сепак за содржината не се знаеја многу детали, а сега нешто протекува како неофицијално за големи поместувања во решавањето на напната состојба меѓу Софија и Скопје.
Очигледно е дека овој пат успешно е направен дипломатски притисок кон Софија, откако и официјално го стави ветото за почеток на преговори, првин по понудата од унгарскиот премиер Виктор Орбан да биде посредник во дијалогот. Како претседавач со Советот на Унијата, позитивно е што Орбан му отворил дипломатски канали на Мицкоски да ги пласира ставовите на Владата, но и да добие сериозни информации какво е во моментов расположението во Брисел по ветото и што може да се прифати таму од она што се вика „македонски барања“.
– Земи или остави за нас е неприфатливо – подвлече Мицкоски на брифингот со новинарите и притоа додаде дека „сега сум поголем оптимист отколку пред пет-шест месеци“, мислејќи на дијалогот со Бугарија и на евроинтегративниот процес.
Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, на тие средби ја отфрли можноста за предлагање уставни измени без претходна согласност и загарантирани придобивки од Бугарија и Европската Унија. Овој потег, како што нагласи, би бил ризичен и би претставувал сериозна закана за евроинтеграциите на земјата, кои, според него, веќе се загрозени од „авантуристичките одлуки на претходната влада.“
Мицкоски појасни дека ваквите чекори не можат да бидат направени без поддршка од меѓународните партнери.
– Такви еднострани потези би биле наивни и би донеле само нови пречки на нашиот пат кон Европа – изјави премиерот и додаде дека „треба да добиеме некаква сигнализација од партнерите во ЕУ и Софија за да може да продолжиме со овој процес“.
Сигналите веќе се добиени, но бидејќи станува збор за тајна дипломатија, не се откриваат детали. Она што е на површина и веќе е обелоденето е дека Орбан се понуди за посредник, а и Шолц би можел да влезе во политичкиот оган меѓу Скопје и Софија. Од друга страна, телефонски разговор имале Мицкоски и Борисов, при што тој му ја честитал изборната победа и му кажал на својот соговорник дека е подготвен на разговори. Проблемот е во Софија, каде што и покрај јасната победа на Борисов и ГЕРБ, тој сепак најверојатно ќе има тешки преговори за формирање коалиција. Конечно, таа може да биде формирана како малцинска влада, а тоа значи дека Бугарија останува во политичка неизвесност. Доколку се случи тоа сценарио, неизвесно е дали македонската страна ќе остане на ставот дека нема да преговара ако нема јасен политички победник за партнер во Бугарија.
Но и тука е можно да се сменат работите, доколку се потврди дека и канцеларот Шолц, како и францускиот претседател Емануел Макрон влезат во политички ангажман со цел да најдат компромисно решение во македонско-бугарскиот дијалог. Како речиси сигурна информација циркулира таа дека на разговорите во Берлин меѓу Шолц и Мицкоски се приклучил и емисарот на Макрон, министер во Владата, Бенџамин Хадад. Тој потоа создал канал за телефонска комуникација меѓу Макрон и Мицкоски. Дека се одвивала дипломатска активност сега е повеќе од јасно, а останува наредниот период да одговори на повеќе прашалници. Дали ќе се менува преговарачката рамка, дали ќе се заборави на фамозниот втор протокол, кој според сите правила не би смеел да биде обврзувачки за Македонија, а тоа би создало натамошна подобрена атмосфера за отворен дијалог и градење траса за вистински соработка.
Можеби ќе прозвучи смешно, но сега една ваква варијанта ќе биде можност пред Макрон и Шолц да се разговара за едно прашање што за нив најверојатно би било ирационално – чиј е Гоце Делчев, а чиј е и Самуил?
На новинарско прашање до Мицкоски дали во однос на ваквата рамка за разговори има извесни стравови од неуспех, тој рече: „Нема што да загубиме. Мислам дека никогаш не сме биле во полоша состојба“.
Прва и втора лига членки
Во процесот на реформи на Унијата, веќе извесен период сѐ поактуелна станува темата за таканаречени прва и втора лига членки на ЕУ. Притоа за прва лига веќе не се зборува за поделба во блокот, туку дека сегашните 27 членки би биле во првата лига, додека другите би ја сочинувале втората лига. За македонската влада тоа во моментов не е опција и таа смета дека досега доволно дала, доволно направила и постигнала за да биде член со прволигашки статус.
Од друга страна, во рамките на ЕУ циркулира и нонпејпер за кој се изјаснуваат земјите околу начинот на гласање. Еден од предлозите е да се примени моделот 27 минус еден како начин да се избегне билатерализација, како што е случајот меѓу Македонија и Бугарија. Х.И.