Средношколки од Скопје снимија филм што отвора важни прашања за природните и минералните богатства на нашата земја
Ученичките Марија Ташевска, Јасемин Демировска и Ангела Ристовска од СОУ „Ѓорѓи Димитров“ од Скопје, заедно со нивната професорка Марина Иванова, кои минатата година добија сребрена награда за филм посветен на рубинот, деновиве остварија средба со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Нивниот филм беше претставен на државниот фестивал за непрофесионален филм, во организација на Народна техника, каде што во конкуренција на околу 40 филма освоија сребрена награда – успех што говори за истражувачкиот дух и искрената љубопитност.
Министерката Божиновска ја поздрави нивната иницијатива, потенцирајќи дека токму ваквите примери се доказ дека младите имаат потенцијал да ги препознаат, да ги истражуваат и да ги афирмираат вредностите на сопствената земја.
– Особено ме радува што младите избираат да зборуваат за теми што се директно поврзани со нашите природни ресурси и богатства. Македонскиот рубин не е само минерал – тој е дел од нашиот идентитет и вистинско богатство. Ваквите иницијативи треба да се поттикнуваат и поддржуваат, бидејќи знаењето и свесноста започнуваат токму од младите генерации – истакна министерката Божиновска.
На средбата беше нагласена потребата од поголема едукација и вклученост на младите во теми поврзани со енергетиката, рударството и одржливото користење на природните ресурси, како и важноста од нивно активно учество во градењето идни политики.
Професорката Лотеска, пак, изрази благодарност за средбата и радост за постигнатиот успех на своите ученички.
– Часовите по Говорење и пишување отвораат интерес, поттикнуваат креативност и даваат резултати. Минатата година, моите ученички снимија документарен филм посветен на македонскиот рубин – тема што отвора важни прашања за природните и минералните богатства на нашата земја. Благодарност до министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и целиот нејзин тим за препознавањето на трудот и за поттикот за нови истражувачки проекти – рече професорката Иванова.

































