„Македонскиот речник од 16 век“ е драгоцен аргумент против негаторските тези на соседите

Огромниот придонес на францускиот македонист Андре Вајан и неговиот „Македонски речник од 16 век“ за побивање на негаторските бугарско-грчки тези дека не постои македонскиот јазик

Во спомен на францускиот лингвист и македонист Андре Вајан

„Словенскиот македонски јазик претставува реалност во таква мера што во XIX век суштествувал еден македонски литературен јазик, јазик на сосем мала учена литература, но на обилна народна литература. Овој литературен јазик, заснован врз говори што природно се разликуваат малку меѓу себе, немаше време да се унифицира. Меѓутоа негови центри беа Скопје, Тетово, Охрид, Битола (Манастир), Воден итн.“, ќе запише францускиот лингвист и македонист Андре Вајан во 1938 година за постоењето и засебноста на македонскиот јазик, побивајќи ги сите и секакви бугарски и грчки тврдења дека македонскиот јазик бил измислен од Тито во 1944/1945 година (А. Vaillаnt: Le probleme du slave Macedonien – Bulletin de la Societe de linguistique de Paris, t,. 39, 2 (Numero 116), Рaris 1938, р. 195).
Еден од најжестоките аргументи на овој врвен европски лингвист против таквите негаторски тези е и „Македонскиот речник од XVI век“, кој го издал заедно со Ќиро Ѓанели, професор на Универзитетот во Рим, Италија, – речник со повеќе од 300 изворни македонски зборови и фрази, напишан во 16 век од непознат автор, а објавен во 1958 година. Текстовите презентирани за анализа во ова издание биле изработени од „Институтот за словенски студии“ при Парискиот универзитет во 1958 година. Станува збор за еден од најраните ракописи напишани на чисто македонски народен јазик, а неговите содржини се собрани од селото Богатско, кое се наоѓа во регионот на Костурскиот округ, во југозападна Македонија. Денес, на 23 април 2025 година се навршуваат 48 години од смртта на овој француски македонист и тоа е соодветна пригода за ново навраќање кон исклучителниот придонес на Вајан во борбата против сите фалсификати и негации на самобитноста на македонскиот народ и неговиот македонски јазик.

Вајан: „Словенскиот македонски јазик претставува реалност!“

Андре Вајан (2.11.1890–23.4.1977) е француски славист, професор на Националната школа за ориентални јазици и Високата школа за напредни студии во Франција, како и на Францускиот колеџ. Тој бил дописен член на МАНУ од 25 јули 1969. Бил и дописен член на Славјанскиот институт во Праг, дописен член на Југословенската академија на науките и уметностите, но и на Бугарската академија на науки и уметностите. Во периодот од 1922 до 1934 година, за да се запознае добро со славјанските јазици престојувал во Југославија, Чехословачка, Советскиот Сојуз и во Полска.
Во периодот меѓу двете светски војни, кога пропагандите на Србија, Бугарија и на Грција ги негираат постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик, францускиот славист Андре Вајан во 1938 година за македонскиот јазик ќе напише: „…Поимот на ‘словенскиот македонски’ е нејасен само за оној што тоа го сака. Словенскиот македонски претставува реалност во таква мера што во XIX век суштествувал еден македонски литературен јазик, јазик на сосем мала учена литература, но на обилна народна литература; и не се работи само за документи на фолклорот какви што можат да се соберат сегде: лирската македонска песна, многу ценета во Србија и во Бугарија, претставува еден автентичен литературен жанр, со реална вредност. Овој литературен јазик, базиран врз говори што природно се разликуваат малку меѓу себе, немаше време да се унифицира. Меѓутоа негови центри беа Скопје, Тетово, Охрид, Битола (Манастир), Воден, итн.“.
Првиот непосреден допир со Македонија, Андре Вајан го имал како француски војник на Македонскиот фронт во времето на Првата светска војна. Тогаш како потпоручник во Главниот штаб имал задача во „околината на Лерин да ја испита јазичната ситуација, обичаите и спомениците“, при што започнал и со собирање македонски народни песни и приказни. Притоа, меѓу другото, утврдил дека „Во Македонија, српска и грчка, постои само македонски јазик…“.
Во неговите научни истражувања особено го интересирале и старословенскиот јазик и книжевноста, компаративната граматика на словенските јазици и сл. Се занимавал и со македонската дијалектологија и македонскиот јазик во рамките на јужнословенската јазична група. Автор е на дваесетина книги и на голем број статии и други прилози.

Андре Вајан

Немерливата важност на „Македонскиот речник од 16 век“ на Вајан и Ѓанели

Ракописот № Ц 152 од Ватиканската библиотека, кој ги содржи и македонскиот речник и македонските народни песни од Богатско, од околината на Костурско, ќе го проучуваат Андре Вајан и Ќир Ѓанели. Резултатите од истражувањето на текстот од македонските материјали и описот на ракописот со јазична студија на текстот, ќе го објават како „Еден македонски речник од XVI век“ во изданијата на Институтот за словенски студии на Парискиот универзитет „Текстови“, кн V, Париз, 1958, стр. 1—70 (Сiго Giаnnelli – Аndre Vaillant, Un lexique macedonien du XVI Ѕiесlе, Рariѕ, 1958).
Зборувајќи за ова, Ѓанели како особено интересен го истакнува портретот на некоја жена во македонска народна носија. Во уводниот дел Ѓанели изнесува целосен палеографски опис на ракописот, кој се состои од три дела, од поголем број тетратки. Во вториот дел на ракописот се забележани македонскиот речник, македонските народни песни и турската народна песна. Покрај ова, забележени се уште две македонски реченици.
„Македонскиот речник од 16 век“ во првиот дел содржи неколку обични реченици. Поголемиот дел од Речникот претставуваат случајно забележени зборови, но има и поединечни групи зборови со кои се именуваат: животни, птици, растенија, жита, носија, садови, алати, сродство, деновите во неделата и др.
Во дел од речениците и зборовите е забележано следното: „Господине, брате, да си здрав, остави ни да спиме, ела да јаме, и да пиеме, да работиме, имате вино да купиме, от која страна да појдиме во Богаско; – сокол, врапци, јастреп, тресопашка, властовица, врани, јаребици, голоби; – офци, кози, јагне, мечка, елен, лисица; – месо, сирени, мљако, јајца, хлабо, вино, сол; – жито, пшеница, арж, просо, ечмен, овез, зоб; – паница, вјадро, кутел, корито, лопата; – перница, разбој, фурка, врјатено, гребен, игла, точило, брич; – глава, чело, вјажди, очи, око, нос, мрсул, уши, уста; – гуна, кошјула, ракав, поас, гашник, чехли, опинци; – жена, вдовица, невјаста, старец, дедо, стара; – духовнико, властели, стрина; – ден, недела, месецу, година, понеделник, фторник… петок; – косор, срп, кола, гумно, врешта, плевна, пчели, мет…“.
Потврда дека македонските текстови потекнуваат од Костурско, Вајан и Ѓанели наоѓаат во реченицата што е дел од македонскиот речник, а во која се вели: „От која страна да појдиме во Богаско“. Богаско се наоѓа во Костурско, на патот од Кожани за Костур. Во однос на тоа кој ги запишал македонските материјали, Ѓанели мисли дека станува збор за некој, можеби, ученик од Костур, секако Грк, кој го знаел и македонскиот говор од Костурско, па забележил неколку реченици, три песни и неколку десетини збора од секојдневниот говор, а со тоа се согласува и проф. Вајан.
Покрај македонскиот речник, ракописот содржи и три народни македонски песни. Овие песни имаат особено значење за македонскиот јазик и за македонското народно творештво од XVI век. Народната лирска песна со своjата длабока старост има огромно значење не само за македонското туку и за целото славјанско културно наследство.

Свето Тоевски