Фото: „Нова Македонија“

Повод: Настанот во организација на МАНУ за посебноста на македонскиот јазик и политичкиот говор на омраза

  • Нашите соговорници академици ја истакнуваат следнава информација за јавноста: „Бугарија најверојатно е единствената земја во светот што не го признава нашиот јазик. Цел политички свет нè признава, официјално нè признаваат и во светскиот атлас, во европскиот атлас на јазици, во ОН јазикот ни е признаен, едноставно македонскиот јазик е секаде признаен, освен од Бугарија“…
  • Според сите соговорници од највисоката национална академска фела, „стратегијата што треба да ја турка нашата држава, тоа е дека за идентитетски, јазични, историски и културни прашања нема преговори. Тоа се нашите обележја, впрочем тоа сме ние. Никој не може ниту да го негира тоа, уште помалку да бара од нас да се откажеме од нашиот јазик. Напротив, ЕУ треба да побара од Бугарија објаснување зошто го прекршува нејзиниот пристапен договор со Унијата, во кој се обврзала дека ќе ги почитува сите различности, вклучувајќи и на земјите што претендираат да станат дел од европското семејство!“

Евроинтегративниот пат на секоја земја кандидат претставуваше адаптирање и на самата Европска Унија на различностите со кои во иднина ќе се соочува, а богатството на идентитети, јазици и култури всушност ја направи Унијата посакувана дестинација токму поради почитувањето на различностите како една од темелните европски вредности.
За жал, во 21 век и натаму има земји членки на ЕУ што го оспоруваат правото на еден народ на сопствен јазик, идентитет и култура, што е огромен чекор назад кога станува збор за промоција на европските вредности.
Токму со еден таков предизвик денес се соочува македонскиот јазик, кој е отворено нападнат од соседна Бугарија, која не дозволува тој да биде дефиниран како посебен јазик, туку само како дијалект на бугарскиот. Објаснувачкиот документ што официјална Софија го упати до ЕУ е токму на таа линија, што јасно говори дека ЕУ не го признава во целост македонскиот јазик, иако вербално го тврди спротивното.
Тоа во практика значи дека, порано или подоцна, во рамките на преговорите за членство, Бугарија повторно ќе го изнесе на маса прашањето за јазикот, со што ќе ја доведе земјава во ситуација или целосно да ги прекине преговорите со ЕУ, без оглед што претходно направила многу отстапки, или, пак, да се согласи со идентитетско обезличување, што во суштина ќе значи крај на македонскиот народ, јазик, историја и култура.

Македонскиот јазик постои за сите, освен за Бугарија

Свесни за ваквата идентитетска битка што ја води Македонија, македонската академска фела активно се вклучува во одбраната на македонскиот јазик, како столб врз кој почива идентитетската особеност на Македонците во државата Македонија, но и секаде во светот каде што битисува македонскиот народ.
Македонскиот јазик како посебен пред повеќе децении е признаен од Обединетите нации, го има во сите светски и европски јазични атласи, постојат повеќе универзитети низ светот каде што има катедри за македонски јазик на кои тој се проучува, така што крајно време е и Македонија како држава конечно да повлече јасна црвена линија пред идентитетските обележја бидејќи членството во ЕУ не е вредно за етноцидот што би си го направиле сами на себе.
– Македонскиот јазик со години е на директен удар од соседите, последниве најмногу од Бугарија, која целосно го негира неговото постоење. Токму тоа во моментов е и пречка на Македонија на европскиот пат, бидејќи официјална Софија нѐ блокира… Значи ја негира посебноста на македонскиот јазик и се тврди дека претставува норма, регионална норма на бугарскиот јазик. Доколку Европската Унија навистина сака да нѐ види обединети, на рамноправна основа во нејзиното големо семејство, тогаш мора да го направи тоа преку почитување на нашата посебност, културна и јазична – вели поранешната министерка за култура Ганка Цветанова, притоа додавајќи дека доколку ЕУ вистински ја посакува Македонија, тогаш ќе мора да ги признае и македонскиот јазик и култура.
На иста линија дека македонскиот јазик е на удар е согласен и потпретседателот на МАНУ, Витомир Митевски, кој истакнува дека јазикот како еден културен феномен се злоупотребува во дневната политика.

Негирањето на јазикот е форма на насилство

Академик Катица Ќулавкова, говорејќи на работилницата на темата „Посебноста на македонскиот јазик и политичкиот говор на омраза“ организирана во МАНУ, констатира дека македонскиот јазик е предмет на злоупотреба.
– Нашиот јазик се доведува во една парадоксална ситуација, кога неговата основна задача, улога и значење тенденциозно се извртуваат до безмислие. Така, самата негова употреба се претвора во предмет за злоупотреба, од средство за разбирање се преобраќа во средство за недоразбирање. Нашиот јазик како цивилизациска придобивка станува предмет на нецивилизирано однесување – изјави Ќулавкова.
Според неа, Македонците од својата независност се соочуваат со негирања и со притисоци од надвор.
– Македонците од мигот на осамостојувањето од југословенската федерација, во 1991 година, наидуваат на препреки и притисоци од Обединетите нации, тоа беше случајот со Охридскиот договор и со Преспанскиот договор, Европската Унија и други влијателни фактори на моќ. Преку блокади, условувања, преговори, спогодби, промена на знаме, промена на Устав и негова преамбула, промена на името на државата – потенцира Ќулавкова.
Академиците уште додаваат дека Бугарија е единствената земја во светот што не го признава македонскиот јазик и тоа дефинитивно може да биде голема пречка во евроинтегративниот пат на земјата.
– Бугарија најверојатно е единствената земја во светот што не го признава нашиот јазик. Цел политички свет нè признава, официјално нè признаваат и во светскиот атлас, во европскиот атлас на јазици, во ОН јазикот ни е признаен, едноставно македонскиот јазик е секаде признаен, освен од Бугарија. Дури и Бугарите го признаваат како посебен, но нè тераат да кажеме дека потекнува од бугарскиот – објаснуваат академиците.
Негирањето на јазикот, според фелата, претставува форма на насилство и предизвикува колективна траума кај народот, исто онака како што предизвика траума промената на името на државата, која и натаму е присутна кај македонскиот народ.
Академиците сметаат дека државата има претрпено голема штета по Преспанскиот договор и со Договорот за добрососедство со Бугарија, така што апелираат до властите да бидат многу внимателни во преговорите со официјална Софија.
Истиот став го делат и некои од аналитичарите што се запознаени со македонско-бугарските релации, кои сметаат дека најумните глави во државата треба да се обединат околу една платформа, која ќе значи заштита на македонскиот јазик.
– Стратегијата што треба да ја турка нашата држава, тоа е дека за идентитетски, јазични, историски и културни прашања нема преговори. Тоа се нашите обележја, впрочем тоа сме ние. Никој не може ниту да го негира тоа, уште помалку да бара од нас да се откажеме од нашиот јазик. Напротив, ЕУ треба да побара од Бугарија објаснување зошто го прекршува нејзиниот пристапен договор со Унијата, во кој се обврзала дека ќе ги почитува сите различности, вклучувајќи ги и на земјите што претендираат да станат дел од европското семејство. Да негираш нечиј јазик во денешно време е крајно нецивилизациски чин. Бугарија нема да се откаже и по уставните измени, ако се случат, ќе удри по јазикот и дел по дел ќе работи да го разнебити македонското етничко ткиво. Јазикот е нашата одбрана и од него нема откажување по ниту една цена – констатираат аналитичарите.


Одлука од бугарски „Службен весник“ број 16 од 22.2.1957 година

Бугарското Собрание го признава македонскиот јазик како засебен веќе шест и пол децении

Бугарското Народно собрание го има признаено официјално македонскиот јазик како посебен и различен од бугарскиот уште пред 66 години и тоа признание е сè уште во сила, така што актуелната реторика од страна на Софија за непризнавање на македонскиот јазик и негово дефинирање како бугарски дијалект е само обид да се продолжи со живкоистичкиот наратив за вештачки креирана нација, која била присилно оттргната од своите бугарски корени.
„Нова Македонија“, во функција на заштита на македонскиот јазик од многубројните атаки, во многубројните истражувања поврзани со оваа проблематика наиде на интересен податок што јасно потврдува дека Бугарија официјално го признала македонскиот јазик и тоа признание стои објавено во нивниот „Службен весник“, официјалното гласило во кое се објавуваат државните акти.
Нашето истражување откри билатерален договор за заемна правна помош потпишан во 1956 година меѓу владите на тогашните Народна Република Бугарија и Федеративна Народна Република Југославија, со кој им се гарантира на граѓаните на едната држава слободен достап до судовите на другата држава за да бараат правна заштита на личноста и имотот со еднакви услови како граѓаните на таа држава.
Особено важен момент е фактот дека во членот осум на тој договор на граѓаните на двете држави им се одобрува барањата за правна помош да ги испраќаат на бугарски, српско-хрватски, словенечки или македонски јазик. Овој договор е ратификуван со указот број 167 на президиумот на Народното собрание на 8 јуни 1956 година, а стапил во сила на 26.1.1957 година и е на неодредено време. Објавен е во бугарскиот „Службен весник“ број 16 од 22.2.1957 година.
Сето ова е најдобра потврда дека Бугарија преку билатерален договор заверен во нејзиното Народно собрание и објавен во нејзиниот „Службен весник“ официјално го признала македонскиот јазик и таа одлука и натаму е во сила. С.Т.