По „Мистична Македонија“ и „Окултен маркетинг“, Никола Ристевски од Свети Николе во своето трето гостување кај Крешимир Мишак ја претстави новата книга „Огледало на душата“, отворајќи ја темата за психолошката длабочина на сказните и народното творештво. Дека македонските истражувачи и автори имаат што да му понудат на регионалниот и светскиот пазар потврдува најновиот успех на Ристевски. Изминатиов викенд, на Хрватската радио-телевизија (ХРТ) беше емитувана најновата епизода од култната емисија „На рубу знаности“, насловена „Приказните како огледало на душата“, каде што тој гостуваше третпат во помалку од една година.
Гостувањата на овој Македонец кај авторот, уредник и водител на емисијата „На рубу знаности“, Крешимир Мишак, започна во мај минатата година со емисијата посветена на „Мистична Македонија“, продолжи во јануари годинава со интригантната тема за „Окултен маркетинг“, за сега да се заокружи со промоција на неговиот најнов труд на англиски јазик – „Огледало на душата“. Во ова трето гостување, гледачите имаа можност да запознаат една поинаква, длабоко интроспективна страна од истражувачкиот опус на Ристевски. Фокусот беше ставен на неговата нова книга, која претставува еден вид алхемиски прирачник за самоспознавање преку анализа на симболиката во бајките и митовите. „Огледало на душата“ не е само обична книга туку патување низ архетипите што со векови се провлекуваат низ народното творештво. Ристевски во емисијата детално објасни како приказните што ги слушаме во детството всушност се огледало на нашите внатрешни процеси и како нивното правилно разбирање може да послужи како алатка за личен развој. Со овој последен настап, Ристевски ја зацврстува својата позиција како еден од најактивните македонски промотори на слободната мисла и културното наследство во регионот. Книгата „Огледало на душата“ веќе е достапна на глобалната платформа „Амазон“, со што македонското истражувачко перо станува достапно за читателите низ светот.
За сите оние што ги пропуштиле емитувањата на ХРТ, епизодите се достапни на нивниот официјален јутјуб-канал.
Ексклузивно за „Нова Македонија“, нашиот колумнист и соработник сподели превод на извадок од неговата нова книга на англиски јазик, која поради значајниот интерес веќе се подготвува за издавање на македонски и хрватски јазик. Наедно, најавено е и четвртото гостување на Ристевски во емисијата „На рубу знаности“, каде што фокусот повторно ќе биде ставен на истражувања поврзани со територијата на Македонија. Оваа претстојна епизода обработува тема што, поради својата специфичност и досегашна недоволна афирмираност, се очекува да предизвика дополнително внимание кај стручната и пошироката јавност.
– Живееме во ера на информации, опкружени сме со екрани од кои многу често и „дознаваме“ што „сакаме“, но ретко гледаме во древните огледала коишто ги откриваат длабочините на нашата свест – приказните. Од треперливите сенки на праисториските пештери, до високата резолуција на модерните екрани, човекот отсекогаш бил раскажувач на приказни. Тие приказни, басни, бајки, митови, легенди и преданија, не се само забава туку главен механизам преку кој генерации луѓе ја обработувале тагата, наоѓале храброст и се обидувале да го разберат и да го објаснат своето учество во големата мистерија наречена живот. Приказните се „софтверот“ на човечката психа, кој низ милениумите успеал да застари, па како што се зголемува влијанието на технологијата и дигиталниот свет, така се намалува можноста за усно и писмено пренесување на приказните…, кои не се ни стари ни нови, туку свети, бидејќи го содржат светот и опстанале пркосејќи му на времето.
Оваа книга е покана да се погледне кон нарацијата како основа на човечкото прикажување на личното и генерациското искуство. Ова не е книга со приказни, туку мапа кон длабочините на нашиот хардвер – мозокот, којшто е наративен процесор на податоци. Преку 12 текста и четири практични вежби ви овозможувам да ѕирнете во древното огледало на колективното несвесно и да препознаете како можете да ги употребите овие „стари“ приказни во новиот век за личен раст и развој, за остварување на сопствениот потенцијал и за пренесување на вечната мудрост што го зачувала човештвото во векови, милениуми, еони.


































