КОШАРКА
- На седницата на УО на КФМ беше прифатена оставката на селекторот на машката сениорска репрезентација Марјан Илиевски
Управниот одбор (УО) на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) на одржаната седница ја разгледа и едногласно ја прифати оставката на селекторот на машката сениорска репрезентација Марјан Илиевски, поднесена непосредно пред почетокот на седницата. Иако УО беше изненаден од ваквата одлука, КФМ во целост ја почитува личната и професионалната одлука на Илиевски и уште еднаш упатува искрена благодарност за неговиот ангажман, професионалност и придонес во периодот додека ја извршуваше селекторската функција, со желби за многу успех во неговата понатамошна кариера, пишува КФМ.
На седницата едногласно беше донесена одлука легендата на македонската кошарка Владо Илиевски да биде назначен за координатор на сите македонски репрезентативни селекции. Неговото именување претставува силна порака за јасна визија, континуитет и системски развој. Станува збор за една од најголемите фигури во историјата на македонската кошарка, поранешен долгогодишен репрезентативец, лидер на теренот и дел од најуспешната генерација на националниот тим, со која беше испишана историја на Европското првенство во 2011 година, информира КФМ.
Покрај ова, УО ги утврди критериумите за избор на стручни лица во рамките на Спортската академија, како и формирање комисија задолжена за утврдување на исполнетоста на критериумите за селекција на тренери, за кревање на квалитетот и професионалните стандарди во македонската кошарка. КФМ со ова јасно потврдува дека останува посветена на стабилноста, транспарентноста и долгорочниот системски развој, при што во фокусот се националните селекции, стручното работење и враќањето на довербата и амбицијата во македонската кошарка, пишува КФМ. Г.И.
































