- ЏФМ упатува честитки до сите наградени и благодарност до сите што придонесуваат за развојот на македонското џудо. Со нетрпение ја очекуваме 2026 година со нови успеси, пишува ЏФМ
Македонската џудо-федерација (ЏФМ) на пригодна свеченост во Прилеп, во присуство на претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, традиционално ги прогласи најуспешните спортисти, клубови, тренери и судии за 2025 година, со надеж за уште повисоки спортски достигнувања во 2026 година. Признанијата и благодарниците на најдобрите им ги врачи Трпаноски.
Најуспешни спортисти за 2025 година се: Матеја Николоска (категорија помлади пионерки), Давид Спироски (помлади пионери), Емилија Паскоска (пионерки), Марко Димитријоски (пионери), Анамарија Стојмиловска (кадетки), Никола Петров (кадети), Ива Богдановска (јуниорки), Сергеј Димитриоски (јуниори), Лилјана Недановска (млади сениорки, до 23 години), Александра Најдоска (сениорки) и Никола Павловски (сениори).
Најуспешeн клуб е Миоки од Скопје, втор е Сеишин од Прилеп, а трет Дрим од Струга. Најуспешни тренери за 2025 година се Игор Паскоски, Дејан Мицкоски и Ѓорѓија Стојанов, а за најуспешни судии за годинава, која полека изминува, се прогласени Сашо Димовски и Катерина Николоска.
Благодарници за посебен придонес во организацијата на меѓународните џудо-настани во 2025 година добија Горан Мицкоски, Дејан Мицкоски, Ванчо Стојмиловски, Борче Недановски, Огнен Јовановски, Марјана Ѓорѓиоска-Гоговска, Ивана Пројковска, Драгана Панкова и Ирена Силјаноска.
Благодарници за континуирана поддршка и посебен придонес за развојот на џудо-спортот за годинава им беа доделени на спонзорите-поддржувачи, Министерство за спорт, „Витаминка“ АД Прилеп, „Раде Кончар – ТЕП“, „Кожувчанка“ ДОО, „Триглав осигурување живот“ АД Скопје, „Делфино рентакар“ ДООЕЛ, млекарницата „Бимилк“ АД Битола и „Аутомотив груп“-Скопје.
– ЏФМ упатува честитки до сите наградени и благодарност до сите што придонесуваат за развојот на македонското џудо. Со нетрпение ја очекуваме 2026 година со нови успеси – пишува ЏФМ. Г.И.
































