Фото: ЕПА

Некои аспекти на предизвикот од поместувањето на стрелките на часовникот

  • Двапати годишно милијарди луѓе го прават истиот едноставен гест со стрелките на часовникот (или со дигиталните бројки на часовниците). Тие го поместуваат часовникот за еден час, нанапред или наназад, во зависност од сезоната, зимска или летна. Но зад таа навидум техничка промена стои сложена мешавина од биологија, економија, политика и навики. И токму таа мешавина прави многу од нашите животни нешта да бидат измешани и да им прават проблеми на луѓето, и тоа сериозни и повеќеслојни. Ќе пристапиме ли конечно кон нивно решавање?

На почетокот на март годинава, токму на Денот на жената, 8 Март, мнозинството жители на Соединетите Американски Држави ги поместија часовниците еден час нанапред, со што денот практично траеше покусо, имено 23 часа. Преминот на летно сметање на времето, како и секоја година, предизвика милиони поплаки поради нарушен сон и рани утрински активности што сега се одвиваат во темнина.
Иако анкетите покажуваат дека само околу еден од десет возрасни Американци го поддржува сегашниот систем на промена на времето двапати годишно, политичко решение сè уште нема. САД се соочуваат со класичен парадокс: речиси сите се незадоволни од постојниот систем, но не постои согласност каков треба да биде новиот.

Американската дилема: Летно или стандардно време?

Во американската јавност мислењата се длабоко поделени. Приврзаниците на трајно летно сметање на времето тврдат дека подолгите вечерни часови со светлина се корисни за економијата и секојдневниот живот. Но противниците предупредуваат на сериозни практични проблеми.
На пример, ако трајно се воведе летно време, во Детроит сонцето во зимските месеци би изгревало дури околу 9 часот наутро. Од друга страна, ако се задржи трајно стандардното време, во Сиетл во јуни сонцето би изгревало веќе во четири часот и единаесет минути наутро.
– Не можеме со закон да го поместуваме сонцето по наша волја – предупредува Џеј Пи, претседател на организацијата „Сејв стандард тајм“.
Научниците во меѓувреме посочуваат дека проблемот не е само практичен туку и здравствен. Истражувачите предупредуваат дека деновите по поместувањето на часовникот носат зголемен ризик од фатални сообраќајни несреќи, срцеви и мозочни удари. Според професорот Кенет Рајт од Универзитетот „Колорадо Болдер“, нарушувањето на биолошкиот ритам има реални и мерливи последици. Неврологот Карин Џонсон дополнува дека утринската светлина е клучна за синхронизација на човечкиот биолошки часовник и дека трајното стандардно време би било најздраво решение.
И покрај тоа, политиката се движи бавно. Во 2022 година Сенатот на САД изгласа премин на трајно летно време, но Претставничкиот дом, Долниот дом на американскиот Конгрес, никогаш не го потврди законот. Некои од конгресмените тврдат дека промени блокира и авиоиндустријата, која би морала повторно да ги усогласува сложените глобални распореди на летови. Како компромис, се предлага дури и трајно поместување од 30 минути.

Европа како и секогаш – неодлучна: Политичка одлука без политичка храброст

Во Европската Унија дебатата има поинаков тек, но сличен исход – неизвесност. По големата јавна консултација во 2018 година, во која милиони граѓани се изјаснија против сезонското менување на времето, Европска комисија предложи укинување на практиката.
Европскиот парламент во 2019 година ја поддржа идејата и предложи државите да изберат дали трајно ќе останат на летното или на стандардното време. Но одлуката беше одложена бидејќи земјите членки не успеаја да постигнат согласност. Главниот страв беше дека Европа може да се претвори во мозаик од различни временски режими, што би создало хаос во транспортот, трговијата и секојдневниот живот.
Пандемијата на ковид-19 дополнително ја турна темата настрана, па сезонската промена на времето остана во сила.

Македонија: Следење на европскиот ритам

Во Македонија прашањето ретко се отвора како политичка или општествена тема. Земјава практично ја следи европската регулатива и го поместува часовникот истовремено со државите од ЕУ.
Причината е едноставна: економијата, транспортот и комуникациите се силно поврзани со европскиот систем на време. Секое самостојно отстапување би создало непотребни проблеми во железничкиот, авионскиот и деловниот сообраќај.
Сепак, и тука расте интересот за научните аргументи против сезонското поместување на времето, особено во медицинските кругови. Истражувањата за биолошкиот ритам, нарушувањето на сонот и влијанието врз продуктивноста постепено ја внесуваат темата и во јавната дебата.

Перспективи: Реформа што сите ја сакаат, но никој не ја спроведува

И во Америка и во Европа се создаде необична ситуација: постои широка согласност дека сегашниот систем не е добар, но не постои политичка согласност за негова замена.
Во САД дилемата е меѓу трајно летно и трајно стандардно време. Во Европа проблемот е координацијата меѓу државите. Во помалите земји, како Македонија, пак, просторот за самостојна одлука е ограничен бидејќи временскиот режим мора да биде усогласен со поголемите економски партнери.
Така, поместувањето на часовникот останува една од ретките навики што речиси сите ги критикуваат, но светот и понатаму ги практикува. Додека политичарите не постигнат договор, граѓаните ќе продолжат двапати годишно да го местат часовникот, а организмот да се обидува да го стигне времето.