Минатиот четврток во ОУ „Александар Македонски“ во населбата Ново Лисиче во Скопје беа претставени кинески книги за деца, публикувани од „Македоника литера“, со посебен осврт на романот „Децата во мобилниот телефон“ од Џоу Син, во превод од англиски јазик на Дијана Крстевска, наставничка по англиски јазик токму во ова училиште.
Книгата обработува современа и многу актуелна тема – зависноста од мобилниот телефон, а објавена е како дел од новата серија на „Македоника литера“ со дела од најдобрата кинеска фантастична литература за деца. Оваа издавачка куќа досега публикуваше 33 антологиски книги за деца од кинеската литература – сериите „Најдобрата кинеска литература за деца“ (18 книги со избор од најдобрите современи кинески писатели за деца), „Кинески народни приказни“ (пет илустрирани книги), најдобрата проза за животни на Шен Шиси – кралот на приказните за животни (7 книги).
Еве што велат од училиштето за оваа интересна посета.
– Живееме во време кога технологијата не ни го олеснува животот, туку нè прави нејзини слуги. Незабележливо и несвесно децата, но и родителите, се вшмукани во своите мобилни телефони и не обрнуваат внимание на случувањата околу нив. Токму тоа беше и темата на денешната промоција на книгата „Децата во мобилниот телефон“ од авторот Џоу Син, превод на нашата наставничка по англиски јазик Дијана Крстевска. Уредникот на издавачката куќа „Македоника литера“, Нове Цветаноски, на интересен начин им ја доближи содржината на книгата на учениците од IV и V одделение и успеа да ја поттикне љубопитноста. Тој исто така даде краток осврт и на други книги за деца од нивната издавачка куќа, а и ги запозна со темите, верувањата, културата и мотивите на кинеската детска литература – беше објавено на веб-страницата на ОУ „А. Македонски“.
По промоцијата, училишната библиотека беше збогатена со 16 нови наслови од наградени автори за деца од кинеската литература.