Во Република Македонија, освен Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, веќе имаме и Министерство за култура и туризам, но освен објавите на социјалните мрежи и известувањата на официјалните интернет-страници, немаме јасна видливост на стратешките приоритети за развој на туризмот, веб-сајтовите на официјалните институции се со застарени дизајни, недостига национална кампања за клучни зборови преку кои ќе се води дигиталната промоција на туристичкиот потенцијал и така натаму. Предизвиците наместо кочници и пречки, можат да бидат скалила за раст и развој, доколку им се пристапи со соодветно ноу-хау, транспарентност и оптимизирање на расположливите ресурси. Светскиот туризам брзо се менува…

Република Македонија располага со огромни природни ресурси, непроценливо културно наследство и туристички потенцијал, за кој веќе се покажа и докажа дека не може успешно да се управува, односно менаџира на начините и методите што се употребуваат во изминатите децении. И покрај величествените планини, националните паркови, бистрите езера, речните кањони, живите традиции, древните локалитети, остатоците од прастарите градови, тврдините, манастирите и црквите – нешто недостига. На страниците на социјалните мрежи на официјалните институции е видливо дека не недостигаат патувања по семинари, состаноци и менаџирање буџети „како и досега“. Недостига работа на домашен терен, активно и транспарентно вмрежување на ресурсите на туристичкиот потенцијал. Она што најмногу недостига за разумна употреба на туристичкиот потенцијал е соодветен пристап кон управувањето и маркетингот, сразмерно не само со силата на потенцијалот со кој располагаме туку и со развојот на светскиот пазар, технолошките достигнувања и зголемувањето на свеста кај голем дел од искусните патници и туристи. Со разноликата понуда – природа, култура, историја, традиција, гастрономија и верски локалитети, Република Македонија ги има сите предуслови за да се развива како атрактивна туристичка дестинација и потенцијал да се вброи во врвот на културните туристички дестинации во светот.

Туризмот во 21 век прави разлика помеѓу туристички дестинации и туристички атракции

Македонија е засебна туристичка дестинација во која постојат сите елементи што се релевантни за еден одмор или туристичко патување (пејзаж, флора, фауна, климатски услови, атракции, објекти за сместување, објекти за забава). Секој од регионите во државата треба да биде брендиран како посебен дел од големата слика за Македонија, односно помала туристичка дестинација. Недостигот од организација за менаџирање со дестинации што би била одговорна за менаџирањето и маркетингот на туристичката дестинација е сè повеќе очигледен. Според Светската туристичка организација, туристичка дестинација претставува физичко место во кое посетителите можат да преноќат, но и да имаат одредени активности. Туристичката дестинација е неразделна од нејзиниот имиџ и идентитет, кои секогаш влијаат на пазарната конкурентност.
Во Република Македонија, освен Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, веќе имаме и Министерство за култура и туризам, но освен објавите на социјалните мрежи и известувањата на официјалните интернет-страници, немаме јасна видливост на стратешките приоритети за развој на туризмот, веб-сајтовите на официјалните институции се со застарени дизајни, недостига национална кампања за клучни зборови преку кои ќе се води дигиталната промоција на туристичкиот потенцијал и така натаму. Предизвиците наместо кочници и пречки, можат да бидат скалила за раст и развој, доколку им се пристапи со соодветно ноу-хау, транспарентност и оптимизирање на расположливите ресурси. Светскиот туризам брзо се менува, а патниците бараат сè поразлични и поавтентични доживувања.

За среќа, Македонија може релативно лесно да се позиционира на стабилна позиција во светските промени доколку се направат вистинските потези – еве дел од нив…

И покрај големиот потенцијал, домашниот туризам сè уште се соочува со низа предизвици, сè позабележливо е дека и кога бројот на туристи расте, не се зголемува просекот на должината на престојот, бидејќи најчесто остануваат кратко, поради тоа што инфраструктурата и услугите на терен не се на потребното ниво. Околу многу атракции не само што нема доволно сместувачки капацитети, добри пристапни патишта, туку и се непознати за многумина што за првпат доаѓаат во Македонија. Тоа е така и со најпознатите атракции – туристите доаѓаат, но најчесто немаат каде ни да се освежат. Итно се потребни сместувачки капацитети, туристички бироа – канцеларии и основни санитарни услови за да се задржат посетителите. Достапноста на информации и пристапноста на дестинациите претставуваат огромен предизвик.
Со децении државата се потпира главно на организирани групни туроператори, додека независните патници што патуваат сами се чувствуваат запоставено, а многу често и непожелно, поради недостигот од основни потребни информации онлајн. И покрај „силната интернет-кампања“ и обидите за некаков пиар, кои се речиси исти и покрај промените на менаџментот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, промоцијата на земјата на официјално ниво е речиси незабележлива. Недостигаат мерливи кампањи со активни локални учесници во туристичкиот пазар, привлекување странски и поттикнување домашни инвестиции за нови сместувачки капацитети и јавни содржини за туристите и иновативни идеи во чекор со глобалните трендови.
Денешниот турист најпрвин пребарува онлајн, па Македонија мора да биде видлива на интернет-мрежата – јасно и организирано. Потребни се модерна национална интернет-платформа и мобилна апликација што би ги обединиле информациите за атракциите во секоја општина во државата, заедно со достапност на информации за настаните и сместувањата. Многу странски посетители имаат забележано недостиг од организирана промоција на Македонија. Дигиталниот маркетинг би требало да е задолжителен дел од стратегијата за промоција, бидејќи така се допира до новите генерации патници, но и до искусните патници и потенцијалните партнери за домашниот бизнис. Многу лесно Македонија може да си остане „скриениот бисер“, кој во скоро време, сакале ние или не, би бил „фрлен кај што не треба“, а туристичката понуда да деволуира во споредба со светските трендови доколку не се преземат одлучни и навремени мерки. Тоа зависи од одлуките на носителите на политики, од визијата на туристичките работници, од иницијативноста на локалните заедници и поддршката на официјалните институции.
Посочувањето на овие слабости не е за обесхрабрување, туку за мотивација и добронамерни насоки за правците во кои може да се дејствува. Јасно е дека постои јаз меѓу богатиот потенцијал на Македонија и скромната реалност на туристичката понуда. Иселеништвото, туристичките работници, странските амбасадори и инвеститорите го забележуваат тоа и очекуваат промени. Време е за похрабар пристап, преку кој организирањето на туристичкиот продукт во туристичката дестинација Македонија и понудата ќе бидат во сооднос со најновите спознанија од научните дисциплини менаџмент и маркетинг и ефикасно ќе бидат вклучени модерните технологии и дигиталниот свет, со што би се поврзала автохтоноста на Македонија како засебен бренд со новите информатички можности, што би предизвикало ефикасно поврзување на понудата на дестинацијата со побарувачката на туристичкиот пазар и позитивно влијание врз домашната економија.


Новата стратегија за туризам (2025–2030) да биде видливо различна од претходните, со мерливи чекори и етапи за развој

Решителни и стратешки чекори за Македонија да прерасне во конкурентна туристичка дестинација од светски ранг

За Македонија да прерасне во конкурентна туристичка дестинација од светски ранг, потребни се решителни и стратешки чекори. Информациите се најсилниот ресурс на 21 век. Доколку постои свест за почеток на организација на ресурсите на туристичката дестинација Македонија, најпрвин треба да се соберат потребните информации за научна анализа, планирање, прогнозирање, оформување стратегија, менаџмент и маркетинг на туризмот. Бидејќи во многу од општините не постојат архиви со документи и податоци, идната организација за управување со дестинацијата задолжително треба да оформи дигитална библиотека и архива, со цел полесно управување со потребните информации од секој регион. Дигитализирањето и чувањето на резервни хард-дискови и сервери речиси и не треба да се споменува во 21 век, затоа што веќе станува задолжително. Еве неколку приоритетни мерки:

– Поедноставување на административната сложеност и подобрување на комуникацијата помеѓу Министерството, Агенцијата, центрите за развој на планските региони, општините, приватниот сектор и локалното население. Прво треба да се договориме овде, за да можеме за што било да преговараме надвор.
– Групирање на постојните ресурси според нивните карактеристики, состојба, положба и старост.
– Определување пешачки патеки и туристички рути со различна содржина.
– Собирање, архивирање и дигитализирање на книги, научни трудови, статистички и архивски документи, сведоштва, фотографии, видео и аудиозаписи, карти, мапи и други потребни податоци.
– Мотивирање на постојните капацитети и домаќинствата за вклучување во туризмот во регионот.
– Обезбедување информации за поволности за градинари, лозари, пчелари, земјоделци и сточари што имаат интерес за вклучување во туризмот, преку овозможување организирани посети на нивните имоти.
– Проучување достапни начини и пронаоѓање средства за конзервирање и итно зачувување на археолошките локалитети и старите религиозни храмови што се распаѓаат.
– Обезбедување средства за научни истражувања во полза на развој на туризмот.
– Препорачливо е секој плански регион да има посебна канцеларија за менаџмент и маркетинг на туризмот, а во скоро време истото тоа да се направи и во сите општини, за каде што се потребни и посебни, нови и реални локални стратегии за развој на туризмот.
– Новата стратегија за туризам (2025–2030) да биде видливо различна од претходните, со мерливи чекори и етапи за развој.

Автор: Никола Ристевски