Илустрација: „Нова Македонија“

Дипломатијата на Македонија би можела порешително да се заврти кон зголемување на контактите со лидерите на Вишеградската четворка, како алтернација на коридорот за изолација на земјава што до скоро го поставуваше актуелен Брисел. Отворањето пошироки комуникациски канали со државните и национално-политички лидери на Полска, Чешка, Унгарија и Словачка би можело да биде начин за амортизација и на притисокот на Бугарија и некои членки на ЕУ за насилната промена на македонскиот устав. Но, секако, како што истакнуваат некои наши соговорници, во контекстот на глобалните тековни и драматични промени, вклучувајќи и во ЕУ, „да се фатат ритамот и чекорот во градењето на новата Европа на суверени нации“

За веројатноста Вишеградската четворка да стане политичка противтежа на Брисел и позицијата на официјално Скопје во врска со тоа

На претседателските избори во Полска во јуни годинава победи Карел Навроцки, што претставуваше значително изненадување и резултат спротивен на истражувањата на јавното мислење. Угледни европски политички експерти и експерти за прашањата на европската политика коментираат дека, „обопштено анализирано, победата на Карол Навроцки претставува пораз на Европската Унија“! Д-р Катерине де Вриес, професорка по политички науки и експертка за европска политика од Универзитетот „Бокони“ во Милано, Италија, предупредува дека „иднината на Европа нема да се одлучува само во Брисел, туку ќе зависи еднакво и од изборите во Варшава, Букурешт и другите европски главни градови“.
Во својата анализа со наслов „Претседателските избори во Полска откриваат длабоки поделби со европски и глобални импликации“, објавена на 3 јуни годинава на интернет-порталот на Институтот за европска политика на Универзитетот „Бокони“ во Милано, Италија, Де Вриес изнесува и важни прогнози за ЕУ во периодот што доаѓа.
„Нова Македонија“ пренесува дел од тие клучни согледувања. Според професорката Де Вриес, на претседателските избори во Полска се случи остра политичка и идеолошка поделба. Од една страна е Полска на Карол Навроцки, конзервативниот историчар, поддржан од суверенистичката опозициска партија Закон и правда, а од друга страна е Полска на Рафал Тшасковски, либералниот и силно пробриселски ориентиран градоначалник на Варшава, кој ја претставува Граѓанската платформа на премиерот Доналд Туск. Политичкиот ќор-сокак меѓу полската пробриселска влада и, од друга страна, полскиот бриселоскептичен претседател би можел да ја ослаби позицијата на Полска во ЕУ и да го поткопа европскиот одговор во врска со украинскиот став и активности на Брисел.

Трамп создава политички простор за лидерите што ги нагласуваат нацио
налниот суверенитет и идентитет

Катерине де Вриес нагласува дека победата на Навроцки во Полска е морален поттик за меѓународното движење околу претседателот на САД, Доналд Трамп.
– Се случува ефектот на Трамп. Тој создава политички простор за лидерите што ги нагласуваат националниот суверенитет и идентитет. Иднината на Европа нема да се одлучува само во Брисел туку ќе зависи еднакво и од изборите во Варшава, Букурешт и другите европски главни градови – заклучува оваа експертка за европска политика во својата спомената анализа.
– Последиците од овие избори се протегаат многу подалеку од границите на Полска. Исходот на претседателските избори во Полска одразува поширок глобален тренд на политичка поларизација. Додека десните партии неодамна изгубија место во земји како што се Канада, Австралија или, на пример, Романија, каде што проевропскиот кандидат Никушор Дан убедливо го победи крајниот десничар Георге Симонеску, Полска се насочува кон конзервативниот и националистичкиот камп. Наместо пад на радикалната десница, полските избори сигнализираат нејзина консолидација – посочува д-р Де Вриес.
Имено, според анализите, се констатира дека „во ерата на Трамп се покажува колку е тесно поврзана суверенистичка Европа со американскиот трампизам“. Така, исходот од изборите во Полска служи како предупредување за пролибералните политичари. Без убедлив наратив за безбедноста, социјалната заштита и националниот идентитет, проевропските партии ќе се борат да ја задржат поддршката на гласачите.

Новиот полски претседател Навроцки допрва ќе претставува и тоа голема закана за Брисел, за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен

Новиот полски претседател Навроцки ја подготви Торунската декларација заедно со неговиот соперник во третиот круг на полските претседателски избори Славомир Менцен, со цел, како што пишува во таа декларација, „да се спречи пренесувањето дополнителни овластувања од Полска врз институциите на ЕУ“. Во тој акт се содржани и други точки, кои се означени како „одраз на мнозинското расположение на полскиот народ против постојната (гео)политика на ЕУ“.
Зашто, растат поделбите во Европската Унија, како и спротивставувањата кон политиката што ја води ваквата постава на Брисел, против националните суверенитети и против барањата на одделните нејзини земји членки. Не бараат само Полска, Унгарија, Чешка и Словачка да располагаат во многу поголема мера со своите внатрешни и надворешни државни суверенитети одошто е ситуацијата сега, тука се и Алтернатива за Германија со нејзината растечка популарност во Германија, партијата на Матео Салвини во Италија, партијата Национално собирање во Франција…. Низа соговорници на оваа тема се согласуваат дека „нема да претставува никаква пропаганда против ЕУ ако се искаже констатацијата, втемелена врз реални аргументи, дека сево ова се претвора во сѐ посериозни закани за самата внатрешна архитектура на ЕУ“?

Опсервативна перспектива одовде

Дипломатијата на Македонија би можела порешително да се заврти кон зголемување на контактите со лидерите на Вишеградската четворка, како алтернација на коридорот за изолација на земјава што до скоро го поставуваше актуелен Брисел. Отворањето пошироки комуникациски канали со државните и национално-политички лидери на Полска, Чешка, Унгарија и Словачка би можело да биде начин за амортизација и на притисокот на Бугарија и некои членки на ЕУ за насилната промена на македонскиот устав. Но, секако, како што истакнуваат некои наши соговорници, во контекстот на глобалните тековни и драматични промени, вклучувајќи и во ЕУ, „да се фатат ритамот и чекорот во градењето на новата Европа на суверени нации“. Местото на Република Македонија се отвора да си ја заземе својата заслужена позиција таму, штом постојниот Брисел знае само да испорачува ултиматуми и наредби кон Македонија во улога на „адвокат на бугарските интереси“, тонејќи едновремено во својата геополитичка безначајност, лицемерност и неспособност да одговори на потребите на македонскиот и другите европски народи.

Свето Тоевски