Илустрација: „Нова Македонија“

Гласот на народот, неговиот избор и масовното учество во изборниот процес ќе биде активирање на ’рѓосаниот замаец на демократската машина, која конечно треба да се стартува, да завергла и да проработи и да се придвижи. Не само кон ЕУ, туку и по патот на решенија за внатрешни прашања, кои налагаат решенија во доменот на здравството, образованието, науката, одбраната, економијата. И тоа е суштината на непосредната, директна демократија – изборите! Сѐ друго би немало смисла. Ако низ еден ваков чист процес, со кој се најавува нова демократска пролет во Македонија, јасно се изразува волјата на избирачите, односно на нацијата, тоа кажува дека националната и системска ерозија може да запре. А, се разбира, од оној што ќе победи, со највисок степен на граѓански легитимитет (што е поврзано со високиот одзив), да се побара кормилото на државата да се насочи кон вистинскиот курс: раст, развој, просперитет, благосостојба – на сите општествени полиња! И да се бара одговорност!

Денот на изборите севкупно беше оценет позитивно, при што во голема мера се почитуваа процедурите за гласање, додека во некои случаи, при пребројувањето, избирачките одбори не ги завршија целосно пропишаните процедури. Ова е сумираната оценка на меѓународната мисија на ОБСЕ/ОДИХР, која го набљудуваше првиот изборен круг од претседателските избори во Македонија. Мисијата ја предводи амбасадорката Џилиен Стирк.
Во прелиминарниот извештај има многу позитивни оценки, но и сериозни препораки за земјата, кои би требало да ги подобри со што ќе добие многу поквалитетен изборен процес.
Но со такви изборни процеси можат да се пофалат само мал број земји, а еден куп традиционални или шампиони во демократијата имаат многу полоши изборни процеси.
За да не се чудиме зошто ОБСЕ не вели од прва дека изборите биле демократски, таа паневропска организација има прифатено една рамка при што оценува дали некој изборен процес е спроведен според законите на една држава, во случајов Македонија. Ако законите се донесени во демократска процедура и гарантираат слободи, тогаш јасно е дека и изборите биле демократски. А оценката е дека тоа е направено во најголем дел.
– На првиот круг од претседателските избори имаше разновидна конкуренција, а гласачите беа информирани за да направат избор – се додава во првичната оценка на ОБСЕ.

ДА НЕ БИДЕМЕ СКРОМНИ, ДА СИ ЧЕСТИТАМЕ ЗА ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

Затоа, не треба да бидеме скромни и треба да си честитаме што првиот претседателски круг е спроведен во согласност со законите, без посериозни инциденти, а резултатот ја одразува волјата на избирачите. И тоа е суштината на непосредната директна демократија – изборите! Сѐ друго би немало смисла. Ако низ еден ваков чист процес, со кој се најавува нова демократска пролет во Македонија, јасно се изразува волјата на избирачите, односно на народот, тоа кажува дека националната и системска ерозија може да запре. А се разбира, од оној што ќе победи, со највисок степен на граѓански легитимитет, да се побара кормилото на државата да се насочи кон вистинскиот курс: раст, развој, просперитет, благосостојба – на сите општествени полиња! Доколку не дојде до смена на власта, повторно политичките елити ќе треба внимателно да слушнат каде се казнети од граѓаните и за што. За, како што рековме, изборите да имаат смисла.
„Се движиме кон ЕУ“, „Ние сме дел од НАТО“, „ЕУ нема алтернативи“… се само празни реченици и лоши мамки за фаќање риби (гласови) ако во реалниот живот има малку од вредностите на Европската Унија. Народот по тоа ќе ги цени партиите и политичарите. Сега јасно кажува дека оние што сега го држат кормилото им направиле полош живот, понизок стандард, проблеми кога одат на лекар, проблеми во образованието, демографска катаклизма… Ги има многу.
Одзивот во првиот круг беше добар, а би било извонредно практикување на непосредната демократија и потврда на високиот демократски капацитет на нацијата кога во вториот претседателски круг одзивот би бил уште повисок. Тој се совпаѓа со парламентарните избори и тоа ќе биде уште еден квалитет повеќе за Македонија во услови кога во многу земји на Европа владее гласачка апатија.
Гласот на народот, неговиот избор и масовното учество во изборниот процес ќе биде активирање на ’рѓосаниот замаец на демократската машина, која конечно треба да се стартува, да завергла и да проработи и да се придвижи. Не само кон ЕУ туку и по патот на решенија за внатрешни прашања, кои налагаат решенија во доменот на здравството, образованието, науката, одбраната, економијата. Сите статистики велат дека сме меѓу најсиромашните во Европа. Европските истражувања велат дека сме „циклична хибридна демократија“. Што значи тоа? Нашите соговорници велат „едноставно кажано, имаме парламентарна демократија, одиме на избори, ама владите потоа ја партизираат и практично си ја присвојуваат држава за своја. Е, тоа не е демократија“.

НАРОДОТ Е ЗАМАЕЦОТ ШТО ЌЕ ЗАВЕРГЛА И ЌЕ ГО СТАРТУВА МОТОРОТ

Со право долго време јавноста се прашува: Ваков систем сакаме? Заробена држава сакаме? Анкетите нудат и одговор: Сигурно не!
Дали моторот е добар или е зарибан пак ќе покажат граѓаните, кои метафорички искажано „се замаецот или како што некогаш се викаше курблата, со која се стартуваа моторите“. Или ќе профункционира или ќе ја дознаеме неговата дијагноза дали го бидува или е за ремонт. Граѓаните добро си ја сфатиле својата улога, а потврда за тоа е враќањето на поголемиот одзив за разлика од претходниот изборен циклус во 2019 година. Тие го даваат мандатот, тие и им го одземаат, тие им го даваат легитимитетот на избраните раководители. Тие добро знаат дека изборите се нивната шанса и одличната вест е што се мотивирани да излезат и својот избор да го стават во гласачката кутија.
Дали и овој пат ќе бидат прелажани од тие што ги избрале? Оваа дилема ќе биде вечна, но најважно е што кај нив се враќа надежта, се излегува од апатичната атмосфера, а тоа би требало да даде добри резултати за интересите на земјата. За сите нас, а не само за политичките елити. Дека тие што ќе бидат избрани ќе си ја извршуваат својата функција и ќе изградат еден функционален систем во кој ќе се воспостави фер натпревар за да се избираат најдобрите кадри, најдобрите идеи, најдобрите решенија. Дека ќе се напушти системот на одлучување зад затворени врати. Дека ќе ѝ се зададе смртен удар на корупцијата. Таков систем може да се воспостави уште во првите месеци од формирањето на новиот парламент, Владата и со новоизбраниот претседател. Закони има, само тие треба да се спроведуваат неселективно. Х.И.


Македонците се Европејци на кои им е преку глава
од лажни ветувања и двојни стандарди

Македонските граѓани и преку избори и на референдуми секогаш јасно кажувале дека никогаш не се одрекле од вистината дека се Европејци, дека сакаат да бидат дел од ЕУ, но како Македонци, со еднакви права како сите други народи и држави во европското семејство. ЕУ треба со отворено срце да ги прифати тие пораки од Македонија. Но, секогаш има скриени пораки на кои треба да се внимава. И соодветно да се реагира. На пример зошто извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за првиот круг од изборите е на англиски, потоа на албански и потоа на македонски јазик? Како македонскиот стана трет јазик и тоа баш во ОБСЕ, организација која ужива висок кредибилитет. Грешка е или пак се испраќа некаква скриена порака? Еве причина да се реагира.
Истото прашање може да се постави и на домашен терен, зашто само со отворени и длабоки анализи и дискусии ќе можеме да ги надминеме сите предизвици кои произлегуваат од се уште длабоката меѓуетничка поделба на општеството, а сега и на администрацијата.
Кога станува збор за одржаните ветувања спрема Македонија, ЕУ не се покажа доследна на своите принципи и вредности, а со антиевропските уцени вградени во преговарачката рамка наречена „француски предлог“, македонските граѓани, македонскиот народ, како да се исклучени од „ветувањето дека сите Европејци можат да бидат господари на својата судбина“. Брисел како да сака да даде до знаење дека „сите во ЕУ се рамноправни, ама некои се повеќе рамноправни“.
На крајот, и таквите рамки во одреден дел зависат и ќе зависат и од нас, од нашата способност, сила, знаење и кохезивност да ги браниме и одбраниме националните интереси храбро и аргументирано. Тоа што е наше си е наше и со тоа ќе влеземе во ЕУ. Или како што рекол еднаш американскиот претседател Теодор Рузвелт:„Колку повеќе знаеш за минатото, толку подобро ќе бидеш подготвен за иднината“.