ВО ГБ „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ ВО СКОПЈЕ

Кој вели дека децата денес не сакаат да читаат? Маја Тушевска, ученичка во трето одделение во ОУ „Јохан Ханјрих Песталоци“ во Скопје, неодамна од вработените во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ беше прогласена за читател рекордер. По тој повод доби диплома и на подарок две книги.
Маја најчесто во библиотеката доаѓа со својата баба Светлана, која уште додека била малечка ѝ раскажувала убави приказни и кај својата внука ја всадила љубовта кон читањето.
– Баба ми ми раскажуваше за кучињата Маза, Мишко и Мурџо и интересни случки поврзани со нив. И самата многу ги сакам кученцата, но, сепак, засега се грижам за моите две мачки, мои миленичиња. Инаку, од книгите што досега сум ги прочитала најмногу ми се допаѓаат: „Дневникот на едно смотано девојче“, „Шерлок Холмс“ и „Мачки детективи“ – ни рече Маја.
Таа вети дека и во иднина ќе ја посетува библиотеката, бидејќи сака да дознае што се крие зад шарените корици на книгите за деца.