Неодамна од печат излезе најновата книга на познатиот македонски писател за деца Васил Мукаетов, насловена „Стапка по стапка, од Дојран до Попова Шапка“ во издание на „Панили“ од Скопје.
Во книгата се поместени деведесет песни посветени на македонските села и градови, како и на природните и културните знаменитости на нашата убава татковина Македонија.
– Одиме заедно на прошетка во нашата татковина. Од град во град. Од село в село низ природните убавини и знаменитости. Низ нашето духовно културно наследство. А, дома. Некои сте ги посетиле на училишните екскурзии. Некои ќе ги посетите кога ќе бидете повозрасни. Стиховите ќе ви помогнат да ги видите од поведрата страна – вели авторот Мукаетов во предговорот на книгата.
Во поговорот кон книгата, пак, насловен „На пат низ Македонија со најдоброто и најбезбедно превозно средство“, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска го истакнува Васил Мукаетов како автор што постојано се обидува да го фати ритамот на новото дете и да му раскаже, да му отпее на тоа ново дете и за детето од времето на неговите родители, на неговите учители, на неговите баби и дедовци.
– Најновата стихозбирка на Васил Мукаетов потврдува дека неговата песна е уметнички оживотворена детска игра. Ако тргнеме од сознанието на Роже Кајоа дека според игрите се оценува каков е кој човек, тогаш со мирна душа може да заклучиме дека детството на Васил Мукаетов било поезија и дека неговата игра била магијата на зборот – подвлекува проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Таа додава дека песните на Мукаетов можат да бидат потврда по некое наше патување или, пак, прво да се прочитаат, па да бидат поттик да се посети некое место во нашата Македонија.
Ф.Д.
Галебите зимуваат на бранови
Белите снегови од Галичица
в езеро се огледуваат.
На брановите, јато до јато
– птици што зимуваат.
И гледај чудo:
– Зимуваат на студот!
Дивите патки,
по вода рашетани!
Бели облачиња
-галеби долетани!
И понекој лебед
се нишка заљубено!
Од мене прашање зачудено:
– Зар не им е студено?
Од брегот мавтаат,
поздрави испраќаат,
летот на галебите,
насмевката ја враќаат!
И во зимска руба,
Охрид е убав!
И кајчињата зиме зимуваат
Бришат ветрови од северни страни.
Рибарите на муабет збрани.
Така е во Пештани, во Дојран,
во Крани.
И кајчињата зиме зимуваат,
Не пловат, не патуваат.
Наредени на брегот,
под тенките корки на снегот.
Нашите пријатели стари
дремат под зимски шубари!
Превртени на смрзнатите треви,
скриени зад исушените трски,
сонуваат некои соништа леви,
летни познанства и блиски врски.
Секоја квечерина студена,
тие се станица изнудена.
Пристап за гулаби диви,
врапчиња, гугутки сиви.
Имаат и скриена јавка
– за некоја заскитана чавка.
За ова само ветерот е сведок.
И понекој рибар редок.
Автор: Васил Мукаетов
(од книгата „Стапка по стапка, од Дојран до Попова Шапка“ на Васил Мукаетов, „Панили“, Скопје, 2025)
Активности за ученици
Кои птици во зима остануваат да живеат кај нас иако е студено и има снег?
Луѓето зимуваат, зимуваат и птиците, но дали можат да зимуваат кајчињата? Кое изразно средство е употребено во насловот „И кајчињата зиме зимуваат“?
Кои места се спомнуваат во песната „И кајчињата зиме зимуваат?“. Издвој ги и обиди се да напишеш песна за едно од нив.
За авторот
Васил Мукаетов е македонски писател за деца. Објавувал песни за деца во „Титов пионер“, „Другарче“, „Колибри“ и во „Развигор“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Добитник е на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца во 2017 година. Застапен е во учебниците по македонски јазик и литература за основното образование.
Ги објавил книгите: „Ти реков ми рече“ (1995), „Ние дома“ (2003), „Поглед со двоглед“ (2005), „Што е, што не е“ (2011), „Ај погоди“ (2011), „Да нацртаме другар“ (2013), „Колку да се рече“-записи (2014), „Кој кого расте?“(2013), „По зелени краеви-слезови и чаеви“(2016), „Децата можат се“(2016), „Скокни-прескокни“ (2017), „И да, и не“ (2018), „Сѐ е игротека“ (2018), „Ние по тротоари, по булевари“ (2019), „Згода до згода, заграб бистра вода“ (2020), „Што е, што не е“ (2020), „Ај погоди“ (2020), „Колку да се рече“-записи, „Општество, видување, литература, објави, критики“ (2020), „Мариовски сказни“, „Пејови приказни“ (2020) „Чукни, чукни три пати“ (2020), „Има ли страна петта“ (2022), „Дотаму-доваму, натаму-наваму“ (2025), „Стасај ме ако можеш“ (2025).

































