Брисел – Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ се согласија за новиот нацрт-закон за климата со кој ќе се намалат емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 проценти до 2030 година. Претставниците на 27-те влади, ЕП и ЕК постигнаа договор по повеќемесечни преговори. „Ова е значаен момент за ЕУ и силен сигнал до светот: нашата посветеност на климатски неутрална ЕУ ќе ги води нашите политики во следните 30 години“, напиша на Твитер потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, кој е одговорен за климата.
Прага – Чешка ги повика колегите членки на ЕУ и на НАТО на „солидарна“ акција за поддршка, во услови на дипломатски расправања меѓу Прага и Москва во врска со тврдењата на Чешка дека руски воени агенти стојат зад смртоносната експлозија во чешкото складиште за оружје во 2014 година. Во меѓувреме, Кремљ ги отфрли „неоснованите обвинувања“ на Прага и ги нарече чешките потези „неразумни и штетни за билатералните односи“.
Москва – Русија објави дека има право да ја ограничи навигацијата на странски воени бродови во Црно Море во близината на Крим, отфрлајќи ги обвинувањата на Украина и Западот. Украина протестираше минатата недела во врска со затворањето на Русија на големи делови на Црно Море во близината на Крим за странски воени бродови до ноември. Завчера и САД изразија загриженост за одлуката.
Вашингтон – Поротата во судењето на Дерек Шовин го прогласи поранешниот полицаец од Минеаполис виновен за смртта на Џорџ Флојд. По нешто повеќе од 10 часа размислување, поротата од 12 лица на 20 април го прогласи Шовин за виновен за сите три обвиненија за убиство. Четириесет и петгодишниот Шовин може да се соочи со децении затвор кога ќе биде осуден за два месеца.