Добри есенски мамки се на пример глистите, ларвите, ракчињата, црвите, но лебот е, сепак, незаменлив, а во зима треба да се избегнуваат големи количества крма, оти таа предизвикува контраефект, бидејќи рибата брзо се заситува

Едно од многуте прашања што ги мачат рибарите e кои мамки да се користат наесен или во зима. Секоја риба наесен се подготвува да ги помине што полесно студените денови, имајќи притоа предвид дека нејзиниот метаболизам не е како во потоплите денови, што значи нема интензивно хранење иако има храна во водите.
Рибарот не треба да го изненади осцилирањето на рибите во некои интервали, оти рибата во зима и нема многу голем апетит, што и да ѝ понуди како мамка. Секоја риба се труди во текот на есента да собере доволно количество енергија за претстојните постудени денови и токму тогаш треба да се користат месести мамки. Поимот месести мамки значи сѐ што е похранливо, со протеини, минерали, витамини итн. Треба, исто така, да се обрне внимание и на ензимите што им помагаат на рибите при варењето одделни видови храна.

Рибите се многу троми во доцна есен и во зима, наспроти пролетта и почетокот на есента, токму поради метаболизмот, а и чувањето енергија игра улога во тоа. Секоја риба кога ќе види примамлива мамка, без разлика колку била незаинтересирана, ако е лесен плен и е на вистинското место, ќе го изеде. Во зима треба да се избегнуваат големи количества крма оти таа предизвикува контраефект, бидејќи рибата брзо се заситува, а рибарот останува со празни раце.

Добри есенски мамки се на пример глистите, ларвите, ракчињата, црвите, но лебот е, сепак, незаменлив. Секоја риба лесно го вари лебот и, воопшто, тој за неа не е тешка храна, па затоа и лесно ќе го свари, односно ќе му дојде како дополнителен залак, додека пренатрупаноста со многу црви нема таков ефект.

Секако, треба да се има мерка во сѐ, а тoa првенствено зависи од големината на водата, односно местото на кое се риболови, но и од количеството на рибата во неа, оти не е исто да се фрлат црви од еден килограм на 20 риби или на 200 риби.

Рибите грабливки наесен и во зима, како што се на пример сомот, штуката, смуѓот и други, се хранат како и другите бели риби. Риболовот со живи мамки или со парчиња од некое месо, како што се филета од бела риба, пилешки црн дроб, исто така, не се отповеќе ако рибарот ги носи со себе. Како и да е, сепак, вреди да се обиде оти никогаш не се знае што сака да јаде рибата тој ден.


Дали елените ги препознаваат камуфлираните ловџии?

Ефикасната камуфлираност ја разбива ловџиската сенка и ја вклопува со околината, така што елените не го препознаваат ловечкиот лик. Она што можеби е проблематично е тоа што производителите на камуфлирана облека сакаат нивниот производ да биде препознатлив, што значи контрастите помеѓу примероците на лисјата и гранчињата јасно да се истакнат. За такво истакнување им служат т.н. УВ-осветлувачи, кои на човечкото око му го зголемуваат визуелниот впечаток, но на елените им праќаат целосно поинакви сигнали. Осветлувачите се составен дел на детергентите за перење облека.


Според едно истражување на д-р Бредли Кохен од Џорџија (САД), овие осветлувачи елените ги гледаат како син сјај. Тим на научници работел на истражувања на елените со бел опаш. Притоа е потврдено дека тие елени имаат поголема чувствителност на кратки бранови должини (сина и зелена), додека боите на долгите бранови должини (црвена, портокалова) послабо ги гледаат. Како и некои луѓе, така и елените се „слепи“ на зелената и црвената боја, ја разликуваат сината од црвената, но не и црвената од зелената, ни црвената од портокаловата. Меѓутоа елените се осетливи на УВ-светлото, кое, пак, не е видливо со голо човечко око. Со други зборови, тие послабо ги гледаат црвената и портокаловата боја, освен ако не се третирани со УВ-осветлувачите. Црвената и портокаловата ткаенина третирани со одредени хемиски средства, еленскиот дивеч јасно ги гледа како син сјај. Ловџиите во ваква облека им се повидливи на елените отколку на другите луѓе.