Врзивно ткиво за сите македонски граѓани се евроинтеграциите, но тоа мора да биде достоинствен пат по кој ќе чекориме со крената глава, а не понижени или уценети. Во нашиот случај понижувањата и уцените се наменети исклучиво за Македонците. Ако тие понижувања доаѓаат однадвор, не треба да се прават и внатре. Македонија е држава на македонскиот народ и на сите други што живеат во неа, држава на рамноправни граѓани по сите основи, која почива на темелите на Илинден и на АСНОМ
Во време кога македонскиот народ се соочува со отворени атаки од надвор за негово бришење и замена со нова „северномакедонска нација“, многу поопасни стануваат одредени внатрешни сили, кои под превезот на некакви европски светогледи се подготвени да ги урнат и темелите врз кои е изградена македонската држава, како Илинден и АСНОМ.
Тие внатрешни сили продолжуваат да ја поткопуваат унитарноста на државата градејќи наратив дека всушност Македонците се тие што се нетолерантни и дека ја кочат европската перспектива на сите други заедници во земјава. За нив дури и оние што во 2001 година зедоа оружје и ја нападнаа државата не се многу радикални, бидејќи можело да има и многу порадикални од нив ако и натаму продолжиме да се храниме со национализми.
Можеби за некого во таа 2001 година беше недоволно радикално изживувањето врз градежните работници на ГП „Маврово“, погубувањето на двајцата чувари на мотелот „Бриони“, киднапирањето на Македонци од Непроштено, масакрите кај Карпалак, Вејце и Љуботенски Бачила, илјадниците раселени што и денес не можат да се вратат во своите домови. Токму оние „нерадикалните“ и ден-денес не дозволуваат да се постави спомен-обележје на луѓето што ги дадоа животите бранејќи ја оваа Македонија. Тоа што истите оние што пукаа кон македонските безбедносни сили потоа ги соблекоа униформите и облекоа костуми и ставија вратоврски не ги прави помалку радикални. Тоа е во нивниот менталитет. Сега истите тие знаат дека ги имаат сите контролни алатки за остварување на својата идеја и работат преку институциите. Во оној момент кога некој ќе каже „стоп“, веднаш се враќа стариот радикализам, од типот „старата куќа, чизмите на таванот“ и слично. Институциите и државата функционираат под заложништво на една воена хунта, а тоа никого не може да го направи радосен.
Очигледно некои внатрешни сили упорно работат на уривање на темелите на асномска Македонија и на овозможување полесно остварување на поставените асимилаторски цели, без оглед од која страна од соседството доаѓаат.
Но кога земјата е внатрешно сплотена и може да се потпре врз лојалноста на своите граѓани, тогаш секаква закана ќе биде одвратена. Некој ќе каже дека треба да се радуваме кога во државата постојат лојални граѓани, и тоа е точно, ама вистински лојални, кои ќе бидат подготвени да дадат и самите жртва кога станува збор за иднината на државата. Не е лојален граѓанин оној што избегнува да ги плаќа давачките кон државата, што краде струја, што е вклучен во коруптивни активности, а е недопирлив за законот, што повикува постојано македонскиот народ да прави отстапки, а самиот не е подготвен да се помести дури ни милиметар од својата позиција.
Македонците никому не му се камен околу вратот, туку, напротив, тие беа оние што широко ја отворија вратата за косовските граѓани примајќи половина милион Косовци што бегаа пред налетот на воениот конфликт на Косово. За возврат Македонија доби терористички напади токму од Косово, за да се оствареле и потиснатите права на Албанците во Македонија. Се потпиша Охридскиот рамковен договор со кој Албанците во земјава станаа рамноправен партнер во државата, со децении не дозволувајќи да се направи попис бидејќи точно знаеја колкав е нивниот број и колку тој не соодветствува со придобивките стекнати со рамковниот договор. Но очигледно и тоа не беше доста, па и ден-денес се излегува надвор од рамката на Охридскиот договор и се бараат дополнителни измени, нови бонуси, за сметка на уште поголема партизираност и нефункционалност на институциите на државата. Во име на заедничката европска иднина, Македонија се откажа од уставното име, а сега за да почне преговори со ЕУ мора да направи нови жртви, кои може сериозно да го загрозат македонскиот идентитет и воопшто државата како матична држава на Македонците. Сите овие 30 години максимално беше демократизирана државата, уште на почетокот на самостојноста македонскиот устав и доделените малцински права беа оценети со највисоки оценки од врвни европски уставотворци, така што тезите дека нечии права биле загрозени едноставно не држат вода. Загрозени беа правата на оние што истакнуваа знамиња на соседни држави, што организираа референдуми за отцепување, што не гласаа за уставот, со други зборови сите оние што одбија да ѝ дадат легитимитет на македонската држава како држава на македонскиот народ и сите други. Македонците и сите други граѓани ќе бидат камен околу вратот на оние што сакаат да ги дезавуираат државата и нејзините институции, кои сакаат преку коруптивни и криминални активности да се богатат врз грбот на народот, кои повеќе се грижат за интересите на соседните земји отколку за интересите на државата од која примаат плата. Наративот дека Македонците се камен околу нечиј врат е крајно опасен и како да ги охрабрува утре да удрат по македонскиот народ затоа што не бил подготвен да се самоуништи за „доброто на сите“.
Македонија треба да стане сериозна и функционална држава, а сите оние што работат спротивно на тоа, тие се кочничари. Македонија треба да им биде камен околу вратот на криминалците ако сака да излезе од оваа летаргија во која тоне општеството.
А за да се изгради сериозна држава, потребно е луѓето да се избираат според мерит-системот, според своите знаења и квалитети. Која и да дојде влада, треба да коалицира со оној со кој има слична програма, дели слични идеологии, а не составот на влади да се сведува со некакви победници од еден или друг табор и да се диктира од соседна држава. Токму таквата формула ја нарушува унитарноста на државата и таквиот принцип де факто значи федерална влада, етничка сегрегација, а не политичка влада што ќе работи за интересите на сите свои граѓани, без оглед на која етничка група припаѓаат.
Врзивно ткиво за сите македонски граѓани се евроинтеграциите, но тоа мора да биде достоинствен пат по кој ќе чекориме со крената глава, а не понижени или уценети. Во нашиот случај понижувањата и уцените се наменети исклучиво за Македонците. Ако тие понижувања доаѓаат однадвор, не треба да се прават и внатре. Македонија е држава на македонскиот народ и на сите други што живеат во неа, држава на рамноправни граѓани по сите основи, која почива на темелите на Илинден и на АСНОМ. Сите добро знаат кој даде најголема жртва за да ја изгради државата, така што доволно е барем малку почит тука, дома. С.Т.