Сликовницата претставува иновативно едукативно издание, кое го збогатува музичкото детско издаваштво, доближувајќи ги македонската народна песна и културното наследство до децата преку мелографијата и текстовите на песната и преку креативни и визуелно привлечни содржини. Страниците се збогатени со учење за народните инструменти преку колоритни боенки и ноти
„Фолконика“ ја промовираше музичката сликовница „Облаче ле, бело“ од Наско Џорлев
Во просториите на детската градинка „Росица“, Општина Ѓорче Петров во Скопје, центарот за зачувување и развој на македонската фолкмузика и фолклорното творештво и за едукација и иновации за деца „Фолконика“, во петокот ја промовираше новата музичка фолксликовница „Облаче ле, бело“. Делото е наменето за најмладите љубители на традицијата и на македонското музичко богатство.
Сликовницата е посветена на зачувувањето и промоцијата на македонската музичка традиција, а во насока на едукација на најмладите преку ваков иновативен начин. Со тоа, оваа обнародена песна добива и ново детско руво, со што се доближува и до најмладите. Тоа е начин тие да ги запознаваат, да ги засакаат и да ги негуваат македонското народно музичко творештво и народната песна.
На промоцијата беа претставени активностите на „Фолконика“, во проектот „Детска патувачка фолкбиблиотека во Ѓорче Петров“, од кој произлезе и сликовницата, поддржан од локалната самоуправа. Во рамките на проектот беше реализиран и Награден конкурс за најдобар детски цртеж на темата „Народна песна“ и најдобра детска изведба на македонска народна песна, со учество на деца од градинките и основните училишта во општината.
Им беа доделени и награди на најуспешните млади учесници на конкурсот, создавајќи вистинска прослава на детското творештво, музиката и фолклорот. Наедно, беа изведени и музички точки со народен инструмент од Емил Адамски, со вокална изведба на фолкпејачот Душко Георгиевски.
– Со издавањето на „Облаче ле, бело“, „Фолконика“ испраќа јасна порака дека воспитувањето на идните генерации, кои ја ценат и негуваат македонската културна традиција, започнува со љубовта кон народната музика и приказната за нашето потекло. Затоа е важно тоа да се доближи до најмладите на нов и иновативен начин, кој ќе го привлече нивното внимание и ќе им остави трајно сеќавање за народната песна и музичката фолклорна традиција. Преку оваа сликовница и семејството Џорлеви дава придонес, продолжувајќи ја својата децениска семејна традиција насочена кон негување на македонската народна песна – истакна Душко Георгиевски, фолкпејач со тридецениска музичка кариера и претседател на „Фолконика“.
Сликовницата претставува иновативно едукативно издание, кое го збогатува музичкото детско издаваштво, доближувајќи ги македонската народна песна и културното наследство до децата преку мелографијата и текстот на песната и преку креативни и визуелно привлечни содржини. Страниците се збогатени со учење за народните музички инструменти преку колоритни боенки и ноти, како и со речник со зборови и креативни содржини. Преку овој проект, „Фолконика“ се стреми да го зајакне знаењето кај децата, поттикнувајќи ги љубовта и почитта кон традицијата уште од најрана возраст.
Издавањето на сликовницата, со песната „Облаче ле,бело“, е овозможено со отстапеното авторско право од наследниците на авторот Наско Џорлев, семејството Џорлеви, на кои „Фолконика“ искрено им се заблагодарува за нивната поддршка и доверба во реализацијата на оваа важна културно-едукативна мисија. Без нивната согласност ова дело немаше да го добие своето ново детско руво.