Љубовната амброзија како знак за успех

Рецензија

Велат да се создаде комедија жанровски е најтешко, но за тоа треба, освен талент, да имате и одлична смисла за хумор. Во листата на личности што постигнале значајни успеси со комедии, покрај имињата на великани како Фелини, Чаплин, Менцел, ќе го додадеме и името на Лука Миниеро со прекрасната комедија „Добре дојдовте на југ“ (2010).
Алберто Коломбо (Клаудио Бисио) е поштарски началник во малото место Бријанца, кој живее скромен живот со сопругата и синот. Тој не успева да најде преместување во Милано, за што толку мечтае со сопругата, што би било дополнителна гаранција за иднината на нивниот син. На огласот, кој е наменет за лица со попреченост, тој се пријавува и настануваат доволно компликации. Самата природа на началникот е комична со физикусот на Коџак, но умее да гестикулира извонредни виртуозни движења. И сѐ ќе беше во ред, поточно ќе ја добиеше работата во улога на инвалид (сместен во количка), ако при потпишувањето не станеше од количката, а со тиковите го фрла гледачот во френетична смеа. Ова беше дополнително прелевање на чашата кај директорот Марио, кој добива „заслужено“ преместување на југот од Италија во романтичното Кастелабате, блиску до Неапол. Параноичната сопруга Силвија не може да се соочи со неговата нова работна обврска мислејќи дека заминува во мафијашка мека, која е ризична за живот. Во вечерните часови Коломбо стигнува во Кастелабате, кој првично остава впечаток на напуштено место. Тука го пресретнува Матео (Алесандро Сиани) сместувајќи во неугледна куќа. Утредента започнува со својата нова работна обврска, но сега како директор на локалната пошта што е пречекан со топлина. Има една аномалија, а тоа е што Коломбо не може да се изначуди на лежерниот комфор на жителите со честите кафиња и доцнењето на работа. Сакајќи да се докаже како строг внесува ред и дисциплина, но се соочува со првиот проблем, односно грубиот неаполски акцент од страната на еден муштерија што ништо не го разбира. Прв импулс на пријателство прикажува Марија (Валентина Лодовини), која му помага при преводот, а тој љубезно се заблагодарува. Валентина Ладовини е типичен пример на италијанска убавица, која освен убавина поседува и актерски талент, па заслужено беше наградена со „Давид ди Донатело“. Матео (Алесандро Сиани) не може да се тргне од посесивната лушпа на зачмаен провинцијализам од мајка му. Марија е негова непрежалена љубов што ја нема преболено.
Гранде е страстен навивач на Наполи, а со дресот на Лаваци парадира и на работното место. Добро всидрен покрај брегот на морето во одлично друштво Коломбо ужива во морски плодови и одеднаш добива повик од сопругата, која е загрижена бидејќи се нема јавено и ѝ нема вратено на пораките.

Тој ги оцрнува вработените и локалните жители опишувајќи ги како Цигани со „мишелински“ димензии, а девојките заостанати со мустаќи. Не требаше долго време да помине за Коломбо да ја разоткрие вистината и да им ја предочи на вработените за скорешното пристигање на Силвија. Секако разочарани сите му вртат грб и се чини е оставен сам да се справува. Вработените прават сојуз и му помагаат на Коломбо преместувајќи го во друг град блиску до Кастелабате адаптирајќи го како автентичниот. При пристигнувањето на Силвија ги грабнуваат со образложение да ги заштитат од киднапирања и ги сместуваат во руиниран стан каде што нема основни услови за живот (без соодветен тоалет). Којзнае по кој пат Силвија влегува во „акцион“ филм сакајќи да остане со сопругот, а притоа синот да го остави сам. Како што знаеме, на лагата ѝ се кратки нозете, па така, Силвија го открива лажниот маневар многу брзо. Коломбо сака да му се оддолжи на Матео за гостопримството со тоа што на празникот на огнометната фиеста ги спојува со Марија за да бидат повторно заедно и навира љубовниот пламен. По завршениот мандат од две години, Матео како учениче со солидна оценка добива преместување во толку посакуваното Милано. При разделбата го совладуваат емоциите и почнува да плаче, а Матео ја повторува неаполската референца, која вели: „Секој што доаѓа во Неапол на почетокот плаче и кога си заминува плаче“. Следува фамилијарно обединување со синот, но овој пат во миланската метропола.