Писателот Владо Димовски со нова книга одбележува 45 години творештво

Излезе од печат книгата „Мали приказни за големи сонувачи“, со која нашиот познат писател за деца Владо Димовски одбележува 45 години творештво.
Со оглед на тоа што голем дел од опусот на писателот Димовски е посветен на приказните, оваа книга, чиј издавач е „Поинтер“ од Скопје, претставува избор од претходно објавените книги „Приказни за голем одмор“, „Приказни за буквите“, „Испревртени приказни“ и „За секоја буква приказна“, но има и нови досега непубликувани приказни. Станува збор за приказни во кои провејува духот на народното творештво и на традицијата, но и за современи урбани текстови во кои авторот ги отсликува живописниот свет на децата и нивната фантазија.
Приказните се куси, игриви, забавни и едукативни. Секоја од нив има своја порака и придонесува за збогатување на знаењата на децата, за поттикнување на нивната љубопитност и фантазија. Овие приказни се значаен придонес во македонската проза за деца, но и драгоцен ресурс и поддршка на наставната програма по македонски јазик, бидејќи некои од нив се посветени на изучување на буквите во фазата на описменување на децата. Книгата може да се најде во книжарниците на „Литература.мк“.

Владо Димовски е писател за деца, автор на радиодрами, сценарист на телевизиски играни серии… Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско, на 1 октомври 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на редакцијата за деца, уредник на секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година. Автор е на голем број книги за деца, меѓу кои ќе ги издвоиме „Приказни од А до Ш“, „Продавница за играчки“, „Приказни за голем одмор“, „Љубов за летање“, „Кога малечкото срце ќе затрепери“ и „Во срцето на птицата“, за која во 2004 година ја доби наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца.

Тој е автор и на голем број радиодрами за деца и за возрасни, но публиката најмногу го памети како сценарист на култната тeлевизиска серија за деца „Умни глави“, со која растеа многу генерации. На страниците на „Колибри“ актуелен е со новата рубрика „Кажи ми да ти кажам“, која често ќе ја читате на страниците на вашиот омилен додаток за деца и преку неа ќе ги осознавате тајните на македонската фразеологија.

Ф.Д.