Вечерва, од 20 часот, на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ќе биде изведена претставата „Како што сакате“ („Ноќ спроти Водици“) на кумановски театар, кој ќе оствари гостување во прилепскиот театар. Режијата е на Срѓан Јаниќијевиќ, а играат Жарко Јовановиќ, Марко Трајковиќ, Антонио Димитриевски, Нина Максимова, Анастасија Величковиќ, Александра Пешевска, Давид Илиќ и Никица Јанковски.
„Како што сакате“ е современа адаптација на драмата на Вилијам Шекспир „Ноќ спроти Водици“, опишана како негова најсмешна комедија.
– Вител на згрешени идентитети и невозвратена љубов. Никој не е она што е и сѐ е можно. Зошто таа замена на родови идентитети е толку смешна во театарот со векови, а толку застрашувачки сериозна, а понекогаш и брутално трагична во реалниот живот. Кај Шекспир, тоа е едноставно: машко или женско? Како што сакате – стои во најавата на претставата.
Практично со ова гостување и со неколкуте претстави на репертоарот театарот „Војдан Чернодрински“ ја започна театарската сезона 2025, во која ќе одбележи 75 години од формирањето. Притоа, од 17 до 23 февруари е планирана Недела на театарот, на која ќе се прикажат неколку претстави од тековниот репертоар, а ќе се остварат и гостувања од неколку македонски театри.

Ка.М.