Репортажа
Многу патници што претходно не биле на крстосување со поголеми бродови сметаат дека станува збор за патувања во кое ќе можат да одмораат, да јадат и пијат и да се коцкаат. Но сето тоа е далеку од вистината, затоа што крстосувањето со брод, особено крузер, е многу повеќе од тоа.
Крстосувањето е преубаво доживување, патување со кое се комбинираат преференциите на патниците за одмор и релаксација. Крстосувањето со совршен брод е убаво патување, кое остава впечаток кај секој патник. Една од привлечностите е тоа што имате можност во деновите што ви се на располагање да посетите повеќе градови и дестинации без притоа да ги распакувате вашите куфери. Има и денови за одмор и релаксација на бродот, кој нуди многу интересни содржини, спортски, музички, театарски, oдносно има забава за секого. Но има и можност да вкусите најразлични специјалитети, кои не можете да ги добиете како понуда на едно место. Па така, тргнувајќи по едно такво доживување, група од стотина Македонци се упативме на крстосување со крузерот „Коста Смералда“ по Средоземно Море, а наши дестинации беа градови во Франција, Шпанија, Италија… За жал, поради временските непогоди не успеавме да стапнеме на тлото на Тунис, кој ќе го видиме и разгледаме во некоја следна пригода.
Беше облачен ден кога по 24-часовно патување со автобус стигнавме во италијанскиот град Савона, од каде што со крузерот започна нашето патување. Терминалот за крузери е во центарот на Савона, па затоа одлучивме градот да го разгледаме на враќање. Многу брзо се чекиравме и се сместивме на бродот со 20 ката и голем број палуби со разновидни содржини – спортски патеки, базени, џакузи, тобогани, а во внатрешноста убав и одличен ентериер, со ресторани, барови, театар, танцови сцени, казино… Така започна нашето патување, кое траеше седум ноќи. Имавме можност да го проучуваме бродот и да уживаме во неговиот раскош. Беше доста возбудливо, особено за тие што првпат патуваат на крузер. За мене вообичаено, бидејќи имав претходно искуство од крстосување по Балтикот.
Марсеј – град со историја и модерна култура
По целоноќно пловење, стигнавме на првата дестинација – Марсеј. Француски град, еден од најстарите. Место што изобилува со богата историја, традиција и култура. Иако по малку врнеше и дуваше ветер, сепак тоа не нѐ спречи да тргнеме во разгледување на градот, кој, според мене, е поинаков во однос на сите други француски градови во кои сум била. На прв поглед различно архитектонско наследство, факт што говори дека бил мост меѓу Европа и Северна Африка. Уште веднаш забележуваш дека е град на различни стилови. Прошетката ја започнавме од пред катедралата „Де ла Мајор“, импресивна градба не само по големината туку и со изгледот, како надворешно така и внатре. На платото пред неа поставен голем знак дека си тука, во Марсеј. Продолжуваме кон Музејот на европската и модерната цивилизација (MUCEM), впечатлива модерна зграда поврзана со старата тврдина. Шетајќи покрај морето стигнавме до старото пристаниште, каде што се закотвени помали бродови. Времето не нѐ поколеба пеш да се искачиме до најзначајниот симбол во градот -базиликата „Нотр Дам де ла Гарде“, изградена на висина од 150 метри. Кога ќе стигнете пред овој симбол, до кој се стигнува по триесетина минути пешачење низ стариот град, ќе имате фантастичен поглед на Марсеј и на околината. Оттука се гледа и островчето каде што некогаш бил затворен грофот Монте Кристо. Ако не сакате да пешачите, за 11 евра можете да се возите со симпатично туристичко вовче што тргнува од старото пристаниште, кое ќе ве однесе до базиликата и ќе ве врати назад. Прошетката ја продолживме низ живописните улици на Марсеј, каде што те пречекуваат стари и понови градби, во различни стилови. Патот нѐ однесе до импресивната градба, платата Лонгшамп, во чии згради се Музејот на уметноста и Музејот на природата. Преубаво уреден простор со фонтани, зеленило, скулптури од кои тече вода. Вистинска фантазија. Музеите се приказна што не може да се раскаже, туку да се доживее. Прошетајте и до стариот дел од Марсеј, областа Ла Пание, со тесни улички, уметнички галерии, кафулиња, место за одмор и релаксација. И задолжително седнете, одморете се и вкусете марсејски специјалитети, како на пример рибја чорба со разни морски плодови, улична храна, пржени стапчиња со брашно од леблебија, традиционалниот колач „навет (navette) во облик на чамец со вкус на портокал. И сето тоа залејте го со розе вино, кое е одлично со храната со медитерански вкус. Така нема да забележите кога ќе ви мине времето и ќе мора повторно да се вратите на крузерот, кој вечерта тргнува кон Барселона. Нова вечер во која ќе имате магични моменти и забави на крузерот.
Барселона град со архитектонски ремек-зданија
По ноќната пловидба, утрото околу 8.30 часот стигнавме на пристаништето во Барселона. Со шатл-автобус пристигнавме на паркинг, каде што нѐ пречека автобусот со кој требаше да заминеме на разгледување на градот. И тука врнеше ситен дожд. Се упативме во разгледување на градот, сместен на Средоземно Море, со медитерански клима, град со богата историја, архитектура, култура и традиција. Најпрво отидовме до архитектонското ремек-дело на Гауди, Саграда фамилија, која сѐ уште се гради. Властите планираат годинава да ја завршат, но дали ќе успеат, ќе покаже времето. Имавме половина час да прошетаме, да се фотографираме и го овековечиме престојот тука, особено тие што првпат доаѓаа во градот, кои беа воодушевени од ова архитектонско чудо на Гауди. Потоа со автобусот панорамски ги разгледавме широките улици, куќата Батло, повеќето паркови, магичните фонтани, шпанското село, за да продолжиме кон стадионот „Ноу камп“, кој сѐ уште се доградува, иако рокот за негово завршување одамна е минат. Некои имаа можност да го посетат на само стадионот туку и музејот, а други да купат сувенири во продавницата и да пијат кафе во кафетеријата. Потоа патот нѐ однесе до ридот Монжуик, висок 185 метри, од каде што има преубава глетка на цела Барселона. Околу ридот – паркови, згради… За жал, ситниот дожд ни го скрати задоволството да останеме подолго време. На крајот од обиколката низ Барселона со автобусот завршивме на главната пешачка улица Ла Рамбла. И тука се гради. Во Барселона секогаш нешто се гради… Можност за прошетка, посета на продавници и на сувенирници и вкусување убави колачи. Кога и да појдам во Барселона се чувствувам убаво, не попусто го носи епитетот цвет меѓу најубавите градови на светот. И, така, петте часа прошетка низ Барселона завршија многу брзо. Повторна средба со групата пред споменикот на Колумбо, седнување во автобусот и враќање на бродот.































