Еротскиот трилер, во кој главните улоги ги толкуваат легендарната Никол Кидман, во улогата на Роми, и младиот Харис Дикинсон, кој го толкува ликот на Самуел, уште пред да се појави во етерот успеа силно да ја разбранува филмската јавност. Овој филм, како и неколку негови претходници, беше многу успешен во делот на маркетингот и може да се каже дека успеа да привлече голем број филмски обожаватели, кои со нетрпение ја очекуваа неговата премиера. Но дали „Бебигрл“ ги оправда големите очекувања на филмската јавност?
Рецензија за филмот „Бебигрл“ (2024)
Љубовта во реалниот живот не секогаш е онаква каква што имаат тенденција да ни ја прикажат холивудските филмови. Во американските романтични комедии, главните актери обично се соочуваат со слатко-горки предизвици, кои лесно ги надминуваат, а крајот секогаш е среќен. Во реалноста не е баш така. Секојдневните предизвици, трката по пари и кариера, грижата за семејството и брзината на модерниот живот му задаваат сѐ повеќе удар на емотивниот живот, а тоа сѐ повеќе се одразува на романтиката. Ваквиот недостиг од моменти во кои партнерите си посветуваат повеќе време еден на друг создава сѐ почеста појава на љубовни девијации, кои често водат кон ќор-сокак.
„Завршува со нас“, „Да полетаме до месечината“, „Фамилијарна афера“, „Никој освен тебе“ и уште многу други филмски наслови се дел од спектарот на романтични драми/комедии што излегоа на филмските платна минатата година. На прв поглед сѐ води кон тоа дека и филмот „Бебигрл“ на холандската актерка, писателка и режисерка Халина Рејн е уште еден во низата лесни „лимонади“ со среќен крај. Но, гледајќи го, можеме да воочиме дека овој филм повеќе би се вклопил во една друга листа на филмови што ја сочинуваат наслови како што се „Во царството на сетилата“, „Романса“, „Анатомија на пеколот“, „9 песни“, но во една многу поблага и посуптилна форма.
Халина Рејн е позната режисерка, актерка, авторка и продуцентка. Таа е добитничка на повеќе награди, вклучувајќи ги и холандската филмска награда „златно теле“ за најдобра женска улога, холандските театарски награди „Тео Д’Ор“ и „Колумбина“, како и бисерот „Курбоа“, награда што ја почестува актерката што оставила неизбришлив печат, како на сцената така и на филмот и на телевизијата. Од 2017 година таа е и горда сопственичка на прстенот „Тео Ман-Бууместер“, награда во чест на актерката што има голем придонес за Холанѓаните. Сепак, освен во кругот на нејзината родна земја, Рејн нема значителен успех во меѓународниот филмски свет. Освен неколку кратки филмови и ТВ-серии, овој филм е нејзиното прво посериозно долгометражно дело.
Еротскиот трилер, во кој главните улоги ги толкуваат легендарната Никол Кидман, во улогата на Роми, и младиот Харис Дикинсон, кој го толкува ликот на Самуел, уште пред да се појави во етерот успеа силно да ја разбранува филмската јавност. Овој филм, како и неколку негови претходници, беше многу успешен во делот на маркетингот и може да се каже дека успеа да привлече голем број филмски обожаватели, кои со нетрпение ја очекуваа неговата премиера. Но дали „Бебигрл“ ги оправда големите очекувања на филмската јавност?
Роми е успешна извршна директорка на огромна компанија, специјализирана за автоматизирани системи за испорака. Таа е мажена за Џејкоб (Антонио Бандерас), театарски режисер што моментално работи на продукцијата на Хеда Габлер, претставата на Ибзен за несреќен брак, со трендовски проекции од типот на Иво ван Хов на екранот. Тие имаат две ќерки во тинејџерски години. Едната од нив е квир, другата навидум стрејт. Роми и Џејкоб имаат многу секс (впрочем така и започнува филмот, со нивна еротска сцена). Навидум сѐ изгледа добро во нивниот брак. Но дали навистина е така? Изгледа дека Џејкоб не се грижи премногу за тоа како се чувствува Роми и нејзините површно изглумени реакции ги зема „здраво за готово“. Кариерата на Роми е во нагорна линија. Таа е има апсолутно високо мислење за ботоксот. Единствениот „проблем“ може да биде несогласувањето со нејзината ќерка, која, според неа, пројавува одредени сексуални девијации.
Но од тоа што Роми се плаши за нејзината ќерка, всушност ја затекнува токму неа. Нејзиниот комфорен свет на лаги и преправање го потресува младиот Самуел, новиот практикант што се појавува на конкурс во нејзината компанија. Нивната прва средба е на улица, каде што тој лесно, со еден допир, покорува разбеснето куче што трча кон неа да ја нападне. Одеднаш во Роми се распламтува чувство што таа го потиснува во себе уште од младоста. Таа добива силна желба да биде скротена. Самуел, пак, како да го чувствува тоа. Тој со невидена дрскост ѝ се приближува сѐ повеќе и повеќе, создавајќи чувство на сексуална тензија меѓу нив двајца. Роми, која го обожава своето семејство, навидум лесно одолева на непристојните предлози на ова дрско момче, кое пак е нејзин потчинет во хиерархијата на компанијата. Но колку Роми може да им одолева на мрачните пориви, кои сѐ повеќе излегуваат на површина? Доминацијата на Самуел достигнува кулминативно ниво. Таа е подготвена да го жртвува своето семејство за кратка добивка и задоволување на своите ниски страсти и забранети игри. Филмот се движи кон едно чудно, можеби на моменти и неверодостојно сценарио на непостојани ефекти. Вклучувањето на третиот лик Есме, амбициозната асистентка на Роми (која ја игра Софи Вајлд, позната од австралискиот хорор-хит „Разговарај со мене“), создавајќи љубовен триаголник, има тенденција да го вжешти дејството. Но не доаѓа до тоа.
„Бебигрл“ е филм што пред сѐ се занимава со табуа што сѐ почесто се дел од секојдневните животи на брачните партнери, но, за жал, тие сѐ помалку разговараат за нив. Рејн не случајно за главни ликови одбира актери (Никол Кидман и Антонио Бандерас) што, и покрај нивните години, сепак до ден-денес се симбол за убавина и сексапил. Аналогијата на режисерката е во фактот дека кога брачен пар каков што се Роми и Џејкоб може да има проблеми, тогаш може да има секој друг.
Никол Кидман неодамна ја разбранува јавноста со својата изјава дека била толку возбудена на снимањето на овој еротски трилер, што во еден момент морала да престане да снима. Генерациската разлика помеѓу неа и Харис Дикинсон кај неа предизвикала чувство на нервоза и стрес. „Претераните“ љубовни сцени што таа ги изведува со Бандерас и Дикинсон, во кој Кидман е доведена до степен на понижување, за неа биле премногу, изјави таа во интервју за реномираниот магазин „Сан“.
Сепак, 57-годишната актерка во својата кариера се соочувала со многу потешки предизвици пред камерите. Таа многупати шармираше во жешки сцени, од „Очи широко затворени“ до „Мулен руж“. Кидман одлично се снајде и во оваа улога, која, според многу филмски критичари, се смета за непригодна за една актерска величина како што е Никол Кидман.
Режисерката Халина Рејн за „Бебигрл“ очигледно се инспирирала од еротскиот трилер „Основен инстинкт“, слушајќи за жена што никогаш не доживеала сексуално задоволство за време на нејзиниот дваесет и петгодишен брак. Никол рече дека била привлечена од проектот бидејќи тоа е „област во која никогаш не била“ во нејзината кариера. Таа објасни: „Отсекогаш сум барала авантура, секогаш одам таму каде што не сум била“, пишува „Дејлимејл“.
Оваа улога на Кидман се смета како своевиден пандан на улогата на нејзината колешка Деми Мур во телесниот хорор-хит „Супстанцијата“, со која долги години го делеа врвот на топ листите на најсексапилни актерки во минатиот век. Токму улогата на Мур, која ја глуми Елизабет во филмот на Корали Фаргит, е засегната од речиси истиот мотив и порив што ја гони и Роми (Никол Кидман) во „Бебигрл“. Тоа е исконскиот мотив, да се биде вечно млад и посакуван.
Освен позитивните, овој филм наиде и на доста негативни критики. Имено, голем број филмски критичари сметаат дека она што навистина го носи овој филм се двете одлични централни изведби на Никол Кидман и Харис Дикинсон. Без нив, овој филм би бил целосно заборавен, особено затоа што овој филм навистина не отвора нова основа во својот жанр и заплетот е тенок. Софи Вајлд и Антонио Бандерас се добри и во споредните улоги. Кидман е одлична во портретирањето жена што сака да потоне во нејзините желби, но постојано е во конфликт со тоа.
Кидман претходно играше слични улоги на луксузни метрополитенски локации, во „Очи широко затворени“ на Стенли Кјубрик и во „Раѓањето“ на Џонатан Глејзер, се чини дека најдобро знае да игра елегантна и софистицирана жена. Но таа и Дикинсон не можат да ја испорачаат еротската возбуда на вистинската опасност.
Партитурата, саундтракот, атмосферата, костимите што ги носи Кидман, навистина го издигнуваат овој филм. Филмот е премногу студен во споредба со тоа што би требало да носи една ваква жешка тематика. Најголемиот проблем на филмот е тоа што приказната е слаба и не е навистина ништо ново. За филм што се занимава со сексуалноста можеби има премалку голотија, а таа што ја има не восхитува, имајќи предвид дека главната актерка е во својата шеста деценија. Сепак, можеби тоа беше намерата на режисерот. Додека секс-сцените во еротските трилери имаат тенденција да бидат секси, страсни, љубезни, речиси фантастични, секс-сцените во овој филм се чувствуваат многу органски, па дури понекогаш и непријатно. Помеѓу Роми и Семјуел владеат непријатни тишини, збунетост што да се прави понатаму, несигурност во врска со интимноста. Резултатот кај гледачот буди и позитивни, но и многу негативни чувства. Позитивно затоа што се чувствува реалистичното. Но негативно бидејќи голем дел од филмот е тежок за гледање. Она што навистина би го издигнало овој филм е кога можеби би имале по реална претстава за минатото на Роми и нејзините мрачни желби.