Крал Марко – последниот христијански крал на Македонија (2)

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Крунисувањето на Стефан Душан во Скопје и прогласувањето за цар на Македонија и сите други во регионот, несомнено биле поддржани од тогашните македонски велможи и свештени лица. Распадот на српската држава на династијата Немањиќи е повлијаен и од силата на Волкашин и Углеша, кои биле владетели во најважниот дел од царството – Македонија. Историските податоци покажуваат дека Волкашин претходно бил прогласен за крал, а Марко за наследник, но и дека Волкашин ги укинал надлежностите на Пеќ врз црквите во Македонија и, иако краток временски период, сепак владеел со поддршка и признавање на Охридската архиепископија. Податоците нè информираат дека преостанатите српски војводи и кнезови не се согласувале со признавањето на Марко за наследник и се противеле на неговото право на царската круна по смртта на татко му Волкашин. Информациите за смртта на Волкашин и Углеша на Марица, кога тргнале да ја освојуваат престолнината Едрене, иако се разликуваат од народните митови според кои Волкашин преживеал и подоцна го убил царот Урош, се потврдуваат како народни сеќавања за автономноста на Волкашин и Марко во Македонија.
Седиштето од каде што Марко владеел со Македонија било во Прилеп. Марко Крале бил прогласен за престолонаследник на последниот српски цар Урош во младоста, а подоцна ја наследил државата од татко си Волкашин во многу незгодни времиња. Најстариот историски податок зачуван за него говори дека бил испратен од татко си во Дубровник на преговори.Дури и таму има зачувани песни и преданија за посетата на Марко и брат му, коњите и касата со сребро.Откако повеќе автори во изминатите векови го вклучиле и Крале Марко во пропагандната борба, семејството на Марко и неговото владеење е претставувано најмногу како српско, често како бугарско, дури и како хрватско, а најретко како македонско. Податокот на Мавро Орбини е најстарата достапна информација за наводното потекло на фамилијата на Марко, Волкашин и дедо му Мрњо, Мрњава, по кои биле наречени Мрњавчевиќи, Мрњавчеви, или Мрњови, како што напишал големиот Ѓорѓија Пулевски. Современикот на Пулевски, дедо Иљо Марков Малешевски се говорело дека бил „на Марко Крале детето“, оти бил голем јунак. Во Прилеп и низ Македонија за јунаците во 19 век се велело дека биле „од Марково коленце“. Крсте Петков Мисирков не само што пишува за македонските војски на Волкан и Јован Углеша и македонскиот спомен за Крал Марко во легендарната книга „За Македонските работи“ туку и напишал цел научен труд како дипломска теза во Русија, кој бил насловен „Македонскиот крал Марко“.

Марков манастир именуван според македонскиот крал Марко

Според македонски историчари од нашиот век, постојат историски документи со податоци што укажуваат дека всушност дедото на Марко, Мрњо, потекнувал од територијата на денешна Македонија.
Зошто Марко бил македонски крал? Доколку внимателно се прочитаат достапните записи на македонските преродбеници од 19 век, ќе се забележи дека идентификувањето на „последниот христијански цар“ со Македонија било присутно во свеста на македонскиот народ низ изминатите векови. Потеклото на неговото семејство уште е нејасно. Татко му се одделил од српските велможи, ги победил на Косово и го заробил царот Урош. Марко владеел со територијата што во голем дел опфаќала граници од некогашното македонско царство на Самуил. Кралот Марко не задоцнил, туку не учествувал во втората битка на Косово помеѓу српските кнезови и војската на султанот и неговите синови.

  • Народното творештво од Македонија за големиот крал Марко и топонимијата во земјава покажува и докажува дека Марко бил крал на Македонија

По смртта на татко му во 1371 година, Марко ја зачувал Македонија околу две децении. Прилеп бил освоен од Турците во 1395 година, по што кралот Марко се повлекол во териториите околу Скопје, реките Црна и Бабуна и во делови на Овче Поле. Според историските податоци, во битката кај Ровиње во 1395 година, Крал Марко загинал борејќи се на страната на Турците. Станал турски вазал само неколку години пред неговата смрт…
Иако многумина користат ограничен избор на извори на информации за неговиот живот, кралот Марко ги зачувал државата и автономноста долги години по битката кај Марица. Во повеќе трудови на руски и турски историчари може да се прочита за македонскиот крал Марко и за македонското кралство на Марко со седиште во Прилеп.
Народното творештво од Македонија за големиот крал Марко и топонимијата во земјава покажуваат и докажуваат дека Марко бил крал на Македонија. Народот зачувал преданија во кои се раскажува дека, како и царот Александар Македонски, и кралот Марко пиел од водата на бесмртноста, водата на животот или живата вода…

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)