Фото: Маја Јаневска-Илиева/илустрација

Извадоци од книгата „Разнесено наследство“, 2006 г., која всушност е адаптирана верзија на истражувачка серија написи во весникот „Нова Македонија“, во ноември 1998 г.

Нове Цветаноски: Разнесено наследство

Македонија во својата историја имала многу освојувачи, кои, меѓу другото, многу се посветиле на уништувањето и на ограбувањето на сè што било вредно на нејзината територија. Историските факти, а особено оние што се однесуваат на поновата историја, потврдуваат дека тие се покажаа големи пљачкаши и му нанесоа катастрофа на културното наследство.
Поради тоа, највредните средновековни ракописи и книги, најубавите икони и археолошки предмети денес се наоѓаат во туѓи музејски збирки. Непроценливите ракописи и книги изработени со исклучителна орнаментика и илуминации во македонските средновековни книжевни центри, вредните дела на иконописците создавани во времето на ненадминатите Микеланџело и Да Винчи, ограбувачите ги носеле во своите земји или ги продавале во други и денес љубоморно се чуваат подалеку од очите на јавноста или од македонската наука. Затоа, меѓу другото, македонската наука не може да располага со податоци за сè што е разграбано и однесено, но и податоците што ги има се фрапантни.
Сето она што е изнесено од Македонија не може да се мери со бројки што изразуваат вредност во пари. Вредноста на културното наследство не се мери на тој начин, а колку и во таа смисла е непроценлива говори и една ваква споредба:
еден стар лист од пергамент на црниот пазар во светот, но и на аукциите, се продава за астрономски износи (стотици илјади долари), а од Македонија се изнесени (и денес во странски библиотеки, музеи и приватни збирки се чуваат) стотици такви ракописи, односно десетици илјади пергаментни листови!
Или, пак: во почетокот на деведесеттите години на минатиот век државната библиотека „Владимир Илич Ленин“ во Москва, за да изложи во Скопје само петнаесет од многуте македонски ракописи што ги чува, побара високо осигурување што не можеше да го плати нашата земја, зашто руската библиотека процени дека петнаесетте македонски ракописи вредат околу 70 милиони долари!
Трет пример: Во 1998 година кај бугарската и кај македонската јавност големо интересирање предизвика објавувањето на информацијата дека во Бугарија се чуваат вредни македонски старини и неколку македонски реликвии, меѓу кои и круната на охридските архиепископи. Дотогаш, половина век, само се претпоставуваше каде се наоѓа архиепископската круна, а нејзината голема вредност беше главното образложение зошто била криена. Притоа, директорот на софискиот историски национален музеј искажа процена дека само скапоцените камења што се наоѓаат во круната денес вредат околу 20 милиони долари!?

Вредните предмети во наведените примери се само капка во морето богатство што е однесено од Македонија. Потребни се многу томови само за да се регистрира она што е уништено и разнесено од странските емисари. Може ли да се издвои и да се наброи само највредното од вредното македонско културно наследство, особено ако се има предвид фактот дека за многу вредни предмети не се зачувани податоци и нема сознанија за нивната судбина, односно дека и денес тие се чуваат притаено во трезорите на некои соседни и европски земји?
Македонската наука и македонските установи што имаат надлежност за грижата за културното наследство денес не располагаат со податоци за сè што е уништено или е однесено од македонската територија. Тоа и никогаш не ќе може да се направи, зашто во многу случаи и во одредени периоди се избришани трагите на уништувачите и на пљачкашите.
Освен тоа, и она што денес се чува во туѓи трезори не е многу достапно за јавноста, па ниту за македонските истражувачи. Дури и кога се случува некои експонати што потекнуваат од Македонија да бидат изложени, и тогаш ним им се прикрива потеклото, односно крај нив стои забележан само насловот (името на експонатот), евентуално локалитетот (ако експонатот е археолошки предмет), но не се наведува земјата од каде што потекнува, односно каде што се наоѓа локалитетот. Иако со многу тешкотии, сепак македонските истражувачи дошле до многу податоци за ограбеното движно културно наследство, а тие податоци говорат дека најголема катастрофа му е нанесена на пишаното наследство, односно на средновековните ракописи.
Што покажуваат тие податоци?
И зошто цел на разграбување било ракописното наследство?

Старите книги и ракописи се значаен дел од македонското културно наследство, пред сè и поради фактот што Македонија зазема значајно место во сесловенската писменост, но и поради црковно-книжевната и скрипторската традиција во Македонија. Во средниот век постоеле неколку големи книжевно-скрипторски центри (пред сè во манастирите), во кои, во услови на туѓо и нехристијанско владеење, бил сконцентриран духовниот, просветителски и културен живот. Книжевното наследство што потекнува од средниот век првенствено е од религиозен карактер (почнувајќи од работата на Свети Климент во неговата т.н. Охридска книжевна школа биле преведувани и препишувани евангелија, апостоли, триоди, октоиси, часослови, требници, житија и многу други видови текстови наменети за христијански обреди). Но и покрај религиозниот карактер на текстовите – ракописите (се разбира дека се развивало и писменото литературно творештво), тие се особено значајни поради изворната употреба во нив на првобитната словенска азбука – глаголицата (која во Македонија била применувана од појавата, при крајот на 9 век, до крајот на 11 век), како и заради проучување на развојот на словенските литературни јазици, кои историски првично се диференцираат од црковнословенскиот јазик, кој во основа е јазикот што се употребува и се развива во Македонија, а подоцна овие ракописи стануваат особено интересни за приврзаниците на словенскиот романтизам и за пионерите на славистиката.
Токму поради тоа, односно поради што Македонија е најинтересна за почетоците на писменоста и просветителската традиција, во средината на деветнаесеттиот век, кога почнала да се развива славистичката наука во Европа, голем број собирачи и познавачи на ракописните културно-историски споменици се упатуваат на територијата на Македонија и собираат ракописи и книги. Токму дел, поточно: поголем дел од тие собрани и зачувани книги и ракописи, денес се наоѓаат во повеќе европски градови (во Белград, Загреб, Москва, Одеса, Санкт Петербург, Софија, Пловдив, Краков, Букурешт, Истанбул, Ватикан, Болоња, Минхен, Париз, Лондон…), а еден мал дел е зачуван во Република Македонија, и тоа пред сè ракописи и стари книги што се откривани по Втората светска војна. И покрај вековните безмилосни пустошења и грабежи на ракописите, во Македонија сепак нешто останало, а тоа говори дека на овие простори навистина имало богато книжно наследство и дека на оваа ветрометина не можело сè да се уништи и да му се одземе сето она што овој народ го создал.
Според истражувањата на македонските археографи и научни институции, во странски библиотеки и музеи има околу 700 ракописи и книги создадени од крајот на 10 век до почетокот на 18 век. Тие се директно или индиректно регистрирани – од каталози и описи или споменувања во литературата, но основано се претпоставува дека по библиотеките, музеите и архивите низ Европа се чуваат скриени уште многу ракописи и стари книги. Наспроти овој број, во Македонија денес се чуваат нешто повеќе од 400 ракописи и книги, од кои најголем дел се пронајдени и се евидентирани во последните две децении на дваесеттиот век.

Како земја на најстарите пишани траги на словенски јазик, односно на најстарите глаголски епиграфи, во Македонија не е зачуван, односно нема ниеден од најстарите глаголски ракописи, иако седум од деветте најстари се создадени во Македонија: Зографското, Мариинското и Асемановото евангелие, Синајскиот псалтир, Синајскиот требник, Битолското евангелие и македонските глаголски ливчиња. Пронајдени се на Синај, Света Гора, Ерусалим или во Охрид, но денес сите се надвор од границите на Македонија. Меѓу најстарите книжевни (глаголски) споменици се и охридските глаголски листови и Бојанскиот палимпсест. Букви, зборови или текстови напишани на глаголица се запишани и на некои од најстарите кирилски текстови (ракописи): Македонски кирилски лист, Ресенскиот фрагмент од триод, Охридски апостол, Битолски триод, Григоричевиот паримејник, Шафариковиот триод, Орбелскиот триод, Аргировиот триод, Болоњскиот псалтир, Битолскиот изборен октоих и др.
Токму најстарите и највредни ракописи се наоѓаат надвор од Македонија. Според потеклото по периоди, зачуван е следниот ракописен фонд: Од крајот на 10 век и од 11 век се зачувани девет ракописи со глаголско писмо и четири фрагменти со кирилско писмо (сите денес се наоѓаат во странски библиотеки!), од 12 век петнаесетина, од 13 век – повеќе од сто, од 14 век – околу 220, од 15 век – околу 120, а од 16 век – околу 170 стари македонски ракописи. За сите овие ракописи, македонската наука ги има и сигнатурните броеви под кои се заведени во библиотеките и музеите, но тие се само мал дел од ракописите што се однесени во други земји.
Кога се имаат предвид податоците за катастрофата што му е нанесена на македонското културно наследство, а во тој контекст и на ракописното наследство, се добива впечатокот дека во минатото уништувал и ограбувал секој што ќе стигнел – од завојувачите до разните намерници: собирачи, проучувачи, патешественици и други заинтересирани лица. По таквиот собирачки и уништувачки поход, може да се заклучи дека и она што денес е зачувано во Македонија случајно останало неуништено.
Уништувањето на македонските ракописи почнало уште по пропаѓањето на Самуиловата држава, за време на двовековното византиско владеење, кога византиските власти и црква спроведувале вистински пустош врз сè што носело словенски белег во Македонија, односно кога преку елинизацијата на словенската култура и просвета се уништуваат и ракописите. Уништувачкиот поход продолжил и за времето на богомилството, но и по доаѓањето на османлиската власт и на муслиманската религија на македонските простори, кога продолжило потиснувањето на црковно-христијанската просветна, книжевна и духовна дејност, која, пак, само се повлекува и опстојува меѓу манастирските ѕидини. Токму во тој долг темен среден век на македонската историја, во некои македонски манастири и цркви, како резултат на активната и богата духовно-просветна и книжевна дејност, биле создадени богати манастирски ракописни збирки, меѓу кои, во историската литература, како поголеми се споменуваат збирките во Лесновскиот, Марковиот, Слепченскиот, Бигорскиот, Лешочкиот манастир. Ако дотогаш повеќе се случувало уништување, уште за време на турското владеење, по создавањето на независните балкански држави, пред сè српската и бугарската, кога никој не го спречувал нивното изнесување, се случило најголемото разграбување на ракописите и на другите старини од Македонија.
Во 18 век и во 19 век, а особено во времето кога се појавуваат никулците на македонската преродба, и некои видни македонски граѓани (меѓу кои е и Ј.Х. Константинов–Џинот) создаваат свои приватни збирки. Токму овие збирки по македонските манастири и цркви се најголемата цел на собирачите на ракописи што доаѓале од други земји, пред сè Русија, а најпознатите собирачи, или колекционери, биле Виктор И. Григорович, Стефан И. Верковиќ, Антун Михановиќ, Г. Илински, А. Гилфердинг, Полихроние А. Сирку, Рудолф Гутовски, А. К’нчев.
Освен собирачите дојдени од други земји, ракописи собирале и, за жал, продавале и некои видни македонски граѓани. Јордан Хаџи Константинов-Џинот ѝ доставувал ракописи на Бугарската егзархија во Цариград и во Софија, подоцна и на Српското учено друштво во Белград, а една колекција од 36 вредни ракописи, при крајот на животот, ѝ продал на Народната библиотека во Белград. Во деветнаесеттиот век собирал и Димитар Миладинов (кој потоа ракописите им ги доставувал на цариградската црква „Свети Стефан“ и на Друштвото на српската словесност во Белград), а во податоците за ракописите во странските библиотеки и музеи стојат повеќе имиња на доставувачи, меѓу кои и почесто и со повеќе предадени ракописи се споменуваат Јанош Алексиевич од Велес (кој само во 1867 година во Белград предал 26 пергаментни ракописи), професорот Лазар Дума од Битола (собирал за Српското учено друштво), а во Народната библиотека во Софија најмногу предале (продале) Васил Икономов од Лазарополе и Ефтим Спространов од Охрид.

Во Македонија во минатото имало повеќе уништувачи отколку собирачи на ракописното и на другото движно културно наследство. Од тоа што го прибрале собирачите потоа нешто е подарувано и продавано во некои библиотеки кај соседите и во Европа и од тоа еден дел сè уште се чува, но голем дел неповратно е уништен.
Интересни се сознанијата за состојбата со ракописите во Македонија во средината на деветнаесеттиот век, кои произлегуваат од некои податоци на Јордан Хаџи Константинов–Џинот. Тогаш тој ги посетил речиси сите манастири и цркви во Македонија и за тоа оставил записи во „Цариградски вестник“. Според него, на пример, во Марковиот манастир „Свети Димитрија“, во Скопско, имало дваесет товари книги, во манастирот „Свети Пантелејмон“, во селото Нерези, имало повеќе од 30 товари, во манастирот „Свети Никола“ – десет товари, но, како што вели, ги изгореле, ги искинале и ваму-таму ги разнесле несовесни калуѓери. Многу ракописи имало и во манастирот „Света Богородица Пчињска“, каде што калуѓерите, исто така, ги гореле или ги фрлале во реката, потоа – во манастирот „Матејче“ до 1848 година имало десет товари ракописи, кои, како што вели Џинот, потоа ги уништиле Арнаути. Во Трескавец тој регистрирал библиотека од 20 товари, во „Свети Јован Крстител“, Велешко (во 1851 година) – десет товари, во „Свети Никола“ во Моклиште имало 20, во манастирот „Свети Ѓорѓи“ на Црна Река – 50 товари ракописи, во Лесновскиот манастир имало повеќе од 50 товари, а во 1855 година затекнал само десет товари ракописи. Во селото Буково, Битолско, во истата година, имало повеќе од 20 товари, но, како што вели Џинот, сите ги уништил некој свештеник Цинцарин. Џинот во „Цариградски вестник“ пишува дека во тој период најмногу ракописи имало во Охрид и во Охридско, но и таму калуѓери „не од наш јазик“ ги уништиле, меѓу другото, и со фрлање во езерото.
Џинот проценува дека Македонија била полна со „милиони славјански древности писувани рукописеј на пергаменти“. Во 1854 година тој запишал: „За древните наши славјански рукописни книги ако бехме ги собирале пред 35 години од нашата Македонија и да ги турехме во една книгохранителница, штеше да држим едно число од 150.000 рукописи“.
Од сето тоа богатство денес се останати мали траги. Неколку стотици се случајно зачувани во Македонија или во Света Гора, Ерусалим, Синај, односно во Русија, Србија, Бугарија, Хрватска, Украина, Чешка, Полска, Италија, Франција, Германија, В. Британија, Турција, Грција и во други земји. Во некои странски библиотеки денес има ракописи што дури и Џинот ги продал (!).

(Нове Цветаноски: „Разнесено наследство“, 2006)
Продолжува


Во оваа публикација се изнесени само најзначајните релевантни податоци и сознанија за уништувањето, разграбувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство (ракописно, археолошко, етнолошко, сакрално) и оваа книга беше првиот обид во кој интегрално беше третиран проблемот со уништувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство на Македонија. Ваквиот преглед на фактографски податоци и сознанија можеби никогаш не ќе може да биде сеопфатен, затоа што за многу разграбувања и уништувања не се зачувани податоци или, пак, податоците за тоа се прикриваат во земјите од каде што потекнуваат извршителите или во чие име се извршени тие нецивилизациски постапки. Но овој преглед е обид да се даде одговор на прашањата: како и од кого е уништувано, како е разграбувано, каде е носено и каде се наоѓа денес македонското движно културно наследство, односно кои значајни артефакти од македонската територија во кои музеи, библиотеки и колекции се чуваат денес во светот.