Фото: Маја Јаневска-Илиева
Методија Величковски

Одбележување на Денот на Армијата на Република Македонија – 18 Август

 

Интервју со Методија Величковски, македонски воен генерал и десетти началник на Генералштабот на АРМ

Формирањето на народноослободителниот баталјон „Мирче Ацев“ на 18 август 1943 година, како прва регуларна воена единица на народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, претставува демонстрација на повеќевековниот континуитет на стремежите на македонскиот народ за формирање сопствена држава. Во тие околности, на Славеј Планина беше видена шанса за создавање вооружени сили, со чија пожртвуваност беше отфрлен окупаторскиот јарем и беа издејствувани слободата и државотворноста на Македонија. Низ децениите по Втората светска војна, нашите војници и офицери партиципираа во рамките на федералната ЈНА, а по осамостојувањето на државата беше формиран концепт на вооружени сили за самостојна и суверена Македонија, која сега е дел од НАТО. Денес АРМ е значаен чинител за сигурноста, безбедноста и одбраната на Македонија и нејзините граѓани. Таа е еден од носечките столбови на националната сувереност. Но, сведоци сме дека македонската армија одвреме-навреме се соочува со предизвици и закани за загрозување на нејзината мисија, на кои е неопходно успешно да одговори. Но АРМ има и други предизвици, како на пример за постигнување интероперабилност со сојузниците и за справување со геополитичка нестабилност. По повод Денот на армијата – 18 август, со цел за одбележување и оддавање почит на повеќевековниот континуитет на македонските вооружени сили, разговаравме со двајца врвни професионалци – со генералот и десетти началник на Генералштабот на АРМ, Методија Величковски, и со поранешниот командант на воената полиција и ЕБР, Антонио Станковски, кои со своето богато знаење и искуство дадоа голем придонес за македонската армија и сѐ уште се во можност да дадат придонес за нејзино понатамошно унапредување, во функција на граѓаните на Македонија и на нашата држава.

По повод 18 август, Денот на македонската армија, разговаравме со генералот Методија Величковски, кој беше десетти началник на Генералштабот на армијата на Република Македонија од 2015 до 2018 година. Величковски завршил воена академија во 1988 година, а своето образование и обуки ги продолжил и во следните години, како што се Школата за команданти на баталјон во Германија и Школата за национална безбедност и одбрана. Тој е и магистер по стратегиско раководење со одбраната и вооружените сили. Во текот на својата воена кариера извршувал повеќе должности – командир на вод, инженериска чета, инженериски баталјон и полк, началник на инженерија во 1. Гардиска бригада, командант на 2. Механизирана пешадиска бригада, командант на ЗОК (Здружена оперативна команда) и началник на Генералштабот на АРМ (2015–2018). Неколкупати е одликуван, меѓу кои со медал од Националната гарда на Вермонт од САД и НАТО-медалот за достигнување во СЕЕБРИГ.

Господине генерале, често во своите забелешки нагласувате за континуитетот на македонската армија. Што значи инсистирањето на тој континуитет?
– Она што нѐ убедуваат во последно време во политиката, особено соседите, дека „ние сме дрво без корен, немаме традиција“ и така натаму. Ако гледаме врзано за војската и армијата, ние апсолутно и недвосмислено има на што да се повикаме. Имајте предвид дека во армиите, но и во општествата, трансформацијата не е дестинација, туку е пат. Сѐ брзо се менува.
Ајде, да го видиме тој континуитет. Во овој контекст, првата голема трансформација на армијата ја има направено Филип Втори Македонски. Во тоа време тој поведува револуционерна реорганизација на армијата и ја создава фалангата како организациско-формациска единица за борба. Следно, има неверојатен технолошки напредок, а тоа е сарисата. Оттука, ние имаме на што да се повикаме и знаеме што претставува војската. Секако, тука е и Александар Македонски, кој е еден воен гениј затоа што разбрал дека борбеното поле и војната се хаотични и непредвидливи, затоа и прв во историјата ја воведува институцијата воен штаб. Така што, ние Македонците и тоа како, не само од Александар Македонски, па и преку Самоил, преку востанието на Петар Делјан или Крушевската Република, имаме со што да се гордееме, а нашата воена традиција има длабоки корени, многу специфични и посебни, што нѐ двои од другите, дури и од времето на антиката. Така што корените на модерната македонска армија се влечат од Александар Македонски, преку илинденците и генералот Михајло Апостолски. Тука, за читателите на „Нова Македонија“, би сакал да го споменам и фактот дека при пробивањето на Сремскиот фронт има една германска депеша во која се вели дека „фронтот е пробиен од наследниците на Александар Македонски“. Ние како народ, слободата скапо сме ја извојувале, со жртви. И уште нешто мошне значајно, ние Македонците во Втората светска војна, тежишно, сме се ослободиле благодарение најмногу на нас самите. Но тоа во друга пригода.

Како се создаваше македонската армија?
– Она што е интересно да споменеме е дека со дисолуција на ЈНА, многу македонски офицери бевме низ бившата Југославија, но одлучивме да се вратиме во Македонија и да започнеме со изградба на македонската армија. Интересно е да се спомене и симболиката на воената пошта на генералниот штаб, односно дека е 2803, датумот на кој замина последниот југословенски војник од Македонија. Во првата караула, караулата во Крива Паланка, односно Рамна Нива, за првпат беше подигнато македонското државно знаме. Првите македонски војници започнаа да пристигнуваат на 15 април 1992 година, а првата нивна борбена мисија беше разминирањето на касарната „Ѓорче Петров“ и складот „Бардовци“, кои беа минирани од ЈНА. Тие припадници на АРМ имаа обука во реални борбени услови. Тогаш во македонската јавност имаше една несигурност, дали нас Македонците нѐ бива, ќе можеме ли сами, дали знаеме да водиме држава, дали знаеме да водиме војска… Се докажа дека по три децении и тоа како знаеме да го правиме тоа. Ни се наметнуваше еден комплекс, дека ние сме Македончиња, но сепак ние покажавме дека сме Македончишта. Сами си направиме држава и армија, без ничија помош.
Првиот предизвик беше на Чупино Брдо во 1994 година, кога српската армија навлезе на македонската територија. Тогаш, во тоа време, северниот сосед се обиде да испровоцира ангажман на армијата. Сметаа дека сме неискусни, но сепак покажавме дека имаме сили и средства за заштита на границата од кого било.

Каков е вашиот став за статусот на АРМ откога станавме членка на НАТО?
– Фактот е дека Македонија е мала земја и наша стратешка определба, без разлика на политиката или идеолошката определба, секогаш било да станеме членка на НАТО. Јас сум голем поддржувач на тоа дека за мала држава е добро да биде во воен сојуз, но на граѓаните мора да им биде јасно дека во НАТО-сојузот, во суштина секоја членка треба најпрво сама да се брани, а потоа се активираат механизмите за помош од другите членки. Со други зборови, ние мора да се опремуваме. Безбедноста е приоритет и, во зависност од способноста на општеството, секогаш се поставува прашањето дали повеќе да се инвестира во здравството, образованието или одбраната. Вистина е дека треба да се инвестира во инфраструктурата, економијата, образованието, здравството итн., но украинската криза потврди дека е потребно да се вложува во армијата. Секако, во согласност со можностите, но потребни се и опремување и вложување во армијата за да може да си ја изврши својата задача – одбрана на Македонија.
Не смееме да забораваме дека од вложувањето во армијата зависи и нејзината подготвеност при некои други предизвици како што беше бегалската кризи. За една година во Македонија тогаш поминаа еден милион бегалци. Замислете од Баварија до Данска за една година да поминат 40 милиони, или од Мексико до Канада за една година да поминат 150 милиони, тие држави нема да можат да го издржат мигрантскиот притисок. Меѓутоа, ние со два милиона жители успеавме да го издржиме притисокот од милион бегалци и мигранти, а притоа општеството и државата продолжија непречено да функционираат. Тоа се случи благодарение на подготвеноста на македонските безбедносни сили, особено македонската армија. Затоа треба да се инвестира во армијата, за да можеме да се справуваме со слични предизвици.
Исто така мора да нагласиме дека армијата може даде помош при непогоди, како што се пожарите, земјотресите или поплавите. Армијата поседува механизми што можат се активираат, како што беше ангажманот на македонската армија при поплавата на Стајковци кога активно помагаше.

Каков е вашиот став за прашањето околу враќањето на воениот рок?
– Сега мора да ви кажам дека ниту една армија во светот не го држи потребниот број на војници, заведени за оружена борба, колку што е потребно. Сите имаат мирновременски и резервен дел од армијата. Во принцип, основна задача на армијата е да го прими почетниот удар во случај на агресија и да овозможи непречена мобилизација на резените единици и дневните оперативи на развој. Кај нас проблемот е што граѓаните што служеле воен рок се веќе стари, односно веќе имаат педесетина години, па, оттука, немаме резервен состав. Во периодот 2015-2018 година направивме анализа со предлог за враќање на воениот рок, но тоа не беше прифатено. По случувањата во Украина, многу држави увидоа дека без редовно обучени младинци, не може да се има резервна армија. Украина покажа дека не може две години еден ист човек да војува на фронт, мора да се има резервна армија. Д.Ст.


Антонио Станковски

Интервју со Антонио Станковски, поранешен командант на воената полиција и ЕБР

Армијата е еден од носечките столбови на суверенитетот на секоја држава

По повод 18 август, Денот на македонската армија, разговараме со Антонио Станковски, поранешниот командант на воената полиција и Единица за брзо распоредување (ЕБР) при Министерството за внатрешни работи. Станува збор за исклучителен професионалец, кој целиот свој работен век го минал во македонските безбедносни сили, најпрво во редовите на македонската армија, а подоцна и во МВР. Тој е поранешен началник на специјалните единици, втор човек на „Волците“, како и еден од главните команданти при операцијата Планинска бура, кога припадниците на МВР успешно се справија со терористичко-екстремистички криминални групи дојдени од Косово, кои се закануваа со рушење на мирот и стабилноста во македонската држава.

Дали може да нѐ потсетите на времето кога по осамостојувањето се создаваше македонската армија?
– Со осамостојувањето на Република Македонија и со референдумот за осамостојувањето, беше направен првиот чекор кон создавање самостојна армија, бидејќи првиот столб на една држава е формирање на своите армиски сили. До самото создавање на македонската држава имавме некоја добра база, бидејќи сите старешини беа искусни, бидејќи во таа бивша Југославија имаше од најнискиот до најголемите генералски чинови, кои со распадот и формирање на нашата самостојна држава се префрлија во Македонија и, едноставно, со добра персонална база, ние ја формиравме армијата на Р Македонија, во која и јас бев долго време, од 1993 до 2007 година. По 2007 година, се префрлив во Министерството за внатрешни работи.
Можам да кажам дека многу подготвен, стручен и патриотски настроен персонал дојде од таа бивша ЈНА, со одредено борбено искуство, бидејќи во таа Југославија нѐ затекна и таква ситуација, а таквите ситуации го челичат човекот. Оттаму дојде една голема база од персонален аспект на првите луѓе, македонски старешински кадар, кои ја формираа армијата, која и ден-денес е релијабилен, стабилен партнер во НАТО, каде што сме денес.
Да се разбереме, ние војниците не сме „љубители на војни“, сепак тоа е наша работа и ако дојде до такво нешто, спрема државата во која живееме и е наша татковина, ние први сме должни да ги ставиме на располагање своето знаење, вештини, посветеност, патриотизам и својот живот за македонскиот народ и македонската држава.

Кои се, според вас, исчекорите во развојот на АРМ што ви оставија најсилен впечаток како активен офицер?
– Можеби навреме започна професионализацијата на македонските армиски сили, бидејќи во 1994 година се формира првата професионална единица, тоа е специјалната единица „Волци“. Пред кризата во 1999 година почнаа да се професионализира ат и други одредени служби во границата на логистиката, исто така и армијата. По 2001 година веќе на некој начин дојде до професионализирање на војската, а особено по 2006 година, кога веќе се укина воениот рок, бидејќи немаше кој да ги опслужува тие војнички должности и активности во рамките на армијата, што веќе беше на некој начин и професионализирање на армијата.

Дали се потребни одредени промени во развојниот концепт на македонската армија, земајќи го предвид нашето членство во Алијансата, а и во контекст на геополитичките промени?
– Армијата е потребна, ние сме во НАТО, а во светот секој ден се отвораат бојни полиња, кои можеби ќе се доотвораат, а не се затвораат, така што ние во рамките на НАТО не знаеме што нѐ очекува нас. Бидејќи тоа нема да биде наша одлука, тоа ќе биде одлука на највисоко ниво, а ние сме во тој воен сојуз. Утре можеби, прекуноќ, ќе бидат ангажирани нашите припадници, така што психофизичката подготвеност треба да биде на највисоко ниво. Јас, како бивш припадник и човек што цел живот работел во безбедносните институции, мислам дека психофизичката способност, генерално на армијата, според мене, би требало да биде на повисоко ниво и подобро опремена.
Една позитивна работа што можам да ја кажам во однос на другите институции е финансиската компонента, за која секогаш досега имало проблем во армијата, во последните пет-шест години мислам дека може да кажеме дека самата плата и финансиските додатоци што ги има еден припадник на армијата се на завидно ниво. Но во организациската употреба при оперативно дејствување на извршување некоја суштинска задача и мислам на внатрешна употреба на армијата, како што е помош на ЦУК и слично, особено сега со овие пожари, мислам дека малку е пречекорена онаа дозволена линија колку, каде и како треба да се употребува и армијата. Сепак, армијата си има своја мисија, нејзината мисија може да дојде утре да се врши, а со месеци е ангажирана на некои споредни работи, во испомош на другите институции, што ја ослабува нејзината борбена готовност.
Во текот на 2001 година, доколку некој мисли оти се дадени малку резултати во оперативна смисла, мислам дека тука грешката е што во одредени сегменти во армијата не дојде порано до професионализација. А битен сегмент е и опремувањето на армијата, бидејќи ние дојдовме во теснец со времето, во 2001 година се вооружувавме, а не го направивме тоа порано. И тука е тој расчекор, по образувањето со персоналот и техниката, ние имавме расчекор и затоа бевме на некој начин затечени во 2001 година. Мислам дека критериумите на прием, дали во воена академија, дали за професионален војник, треба да бидат потранспарентни.

Дали Македонија како држава има бенефит во полн капацитет од членството во НАТО?
– Со влегување на НАТО на некој начин безбедноста на самата држава и опстанокот од тој аспект се на повисоко ниво. НАТО е воена алијанса со многу стандарди, стандарди што се применете некаде во пракса, испробани на терен, особено околу процесот на донесување одлуки, на штабното работење, планирањето активности на акциите, вооружувањето, системите, комуникацијата и сето тоа. Мислам дека тука ни се придобивките, бидејќи сме во некој голем сојуз, каде што цело тоа богатство што некој го има некаде, сега ни е достапно нам. Многу вежби се организираат надвор и тука, утре во одредени ситуации можеш да добиеш одредена помош и во вооружувањето, во знаењето, во тактиките, во оперативните стратегии итн. Значи, сепак, во ова лудо време ние сме под некој чадор на безбедност, каде што на некој начин е загарантирана нашата безбедност. Но, сепак, тоа не значи дека е крајно загарантирана, затоа што проблемот меѓу членките во НАТО, што секогаш на Балканот се случувало, никој го нема разработено и никој не дал супозиција што ако некои две членки прават што ќе прават.

Какво е вашето мислење за можното враќање на воениот рок во Македонија?
– Во југословенската армија воениот рок беше задолжителен, а потоа тоа се пренесе и во македонската армија. Во почетокот беше девет месеци, па се скрати на шест месеци, за на крајот да се укине. Според мене, доколку се земе предвид дека армијата е еден од носечките столбови на секоја држава, вклучувајќи ја и нашата, потребно е враќање на воениот рок, во согласност со процените и потребите. Ова е особено важно доколку се земе предвид дека живееме во период на нестабилност, период кога настануваат постојани воени жаришта, како што се Украина или Израел. Фактите од теренот потврдуваат дека е потребна воена обука на граѓаните, затоа што во случај на криза, некој ќе треба да ги замени професионалните војници, бидејќи колку еден конфликт подолго трае толку повеќе се исцрпуваат силите на професионалните војници, нешто што се потврди од Украина. Д.Ст.