Фото: Маја Јаневска-Илиева

Проекција на историскиот контекст за односите помеѓу Македонија и Бугарија од 1967 до 1969 година, во актуелна временска рамка

  • Меѓу покарактеристичните години на зовриена атмосфера меѓу Македонија и Бугарија се годините 1967-1969, крајно затегнати односи што се одразувале на влошување и на односите меѓу тогашна Југославија и Бугарија. Во тие периоди Македонија беше сведок на една нечуена антијугословенска, но пред сѐ антимакедонска националистичка речиси секојдневна кампања
  • Владо Малески: Наследникот на Георги Димитров, раководството на НР Бугарија, со тезите што ги пласира фрапантно некритички му приоѓаа на бугарското историско минато, го зема богатиот фундус на големобугарската буржоаска историографија – идеализаторска, фалсификаторска (не само во однос на Македонија) дневнополитичка, вулгаризаторска, военоподбуцнувачка, обременета со „величие на Бугарија“, кое не еднаш се подметнало во форма на национална катастрофа на Бугарија и оставило длабоки трагични траги кај сите балкански народи. Сега го презема тој квазиисториски фонд и го вградува во основите на една долгорочна политика. Дејството на овие тези се покажа како чудовишно. Во атмосфера наелектризирана со величање ханови и цареви од сите можни бугарски царства, тоа е вистинска хистерија…

Односите на Република Бугарија кон Република Македонија од 1944 година наваму секогаш биле на работ меѓу политичка војна и лицемерно примирје. За бугарската политика и практика национализмот и шовинизмот во никој случај не биле нова појава во периодот по завршувањето на Втората светка војна. Од основањето на модерната бугарска држава, значи речиси сто и педесет години, бугарската државна политика, со мали исклучоци, постојано е оптоварена со опсесијата за создавање голема Бугарија на Балканот, со територијата и народот на Македонија во неа. Амбициите за враќање на границите на Санстефанска Бугарија одвреме-навреме се смируваат, но до денешен ден никогаш не гаснат.

Корените на бугарскиот хегемонизам и шовинизам од поновата историја

Меѓу покарактеристичните години на зовриена атмосфера меѓу Македонија и Бугарија се годините 1967-1969, крајно затегнати односи што се одразувале на влошување и на односите меѓу тогашна Југославија и Бугарија. Во тие периоди Македонија беше сведок на една нечуена антијугословенска, но пред сѐ антимакедонска националистичка речиси секојдневна кампања. Таа се манифестирала пред сѐ низ негирање на македонската национална самостојност, низ присвојување на нашата севкупна воена и културна историја во минатото, низ директни и агресивни истакнувања на наводниот бугарски карактер на Македонија, на цврстата политика на асимилација на Македонците во Пиринска Македонија, низ глорифицирање на територијалните аспирации, како и на афирмирање на ставовите на големобугарската политика застапувана од страна на старите националистички антимакедонски кругови.
Кампањата, предводена од бугарската комунистичка партија под раководство на претседателот Тодор Живков, се одвивала преку масовно објавување книги, публикации, радиоемисии, политички говори, народни трибини. Главната ролја ја играле Бугарската академија на науките (БАН) и нејзините одделенија за историја и јазик.
Република Македонија се обидувала не да се брани, туку да ги докаже бугарските пропагандни фалсификати исто така преку книги и брошури, но во многу помал обем. Се разбира дека дејствувала политички како во своите раководни структури така и во југословенските одговорни за надворешната политика. Сепак тежиштето беше на домашниот терен. Во тој контекст во Собранието на Социјалистичка Република Македонија на 4 март 1969 година беше одржана вонредна седница во проширен состав на која се расправаше за бугарската политика. Тоа беше првпат во дипломатската историја на нашата земја Републичкото собрание да се занимава со проблеми од надворешната политика. Дотогаш таа беше во рамките на сојузното министерство за надворешни работи.

Генерал Михајло Апостолски со визионерско предвидување

Во долгите дебати, покрај политичарите, многу поактивно и самостојно се вклучуваат поголем број македонски историчари, воени ветерани против бугарската окупација, книжевници и други културни афирмирани дејци.
Генералот Михајло Апостолски, македонски партизан, командант на НОВ и ПОМ, воен теоретичар, историчар и народен херој, изнесе дека бугарскиот шовинизам извира уште од пред Втората светска војна. Можеби вешто прикриен, но тој во ниту еден момент не бил во заден план на досегашните раководства на бугарската држава. За него антимакедонските активности не се ништо ново. Тоа се чести бугарски репризи. Бугарите направија една историска претстава по империјалистички рецепт, која веќе со години ја играат, само во различни сценски облици и со различни актери. Тие едноставно не може да се ослободат од фиксидеите за Санстефанска Бугарија, идеите за нивна доминација на Балканот. Децении подоцна – сведоци сме на уште една реприза во претставата на бугарскиот шовинизам, моделиран од санстефанските дејанија.
Генералот Апостолски, кој мошне активно настапуваше тие години изнесувајќи искуства од војната како партизански командант и како голем познавач на бугарската милитаристичка и националистичка политика, изрази и едно, од денешен аспект гледано, пророчко мислење, што може да се оцени како визионерско предвидување. Имено, според него, кога историјата во одредена форма се повторува, бугарскиот шовинизам добива одлична подлога за развој благодарение на петтоколонашките политичари инсталирани на раководни функции во Македонија.

Димитар Митрев – современик и сведок на историски фалсификати направени од страна на бугарските политички и културни кругови

Димитар Митрев (14.Х.1919-24.II.1976) е македонски литературен критичар, универзитетски професор и академик, папата на македонската литературна критика, кој посочи дека Здружението на бугарските писатели го развива знамето на милитаризмот, на големобугарскиот милитаризам. Како познавач на бугарската историја и односите во бугарските политички и културни кругови, Митрев ги обвинуваше бугарските колеги за апологетство кон политичарите, за фалсификување многу историски факти како во минатото така и во современоста. Според Митрев, македонскиот народ има два Илиндена. Неговите генерации имаат завет од Илинден да ја чуваат својата национална свест и чест, а Вториот Илинден даде уште еден завет до последниот куршум да се бранат придобивките од тие легендарни настани.
Владо Малески своевремено
укажува на „вистинска хистерија на големобугарската буржоаска историографија – идеализаторска, фалсификаторска…“ и не само во однос на Македонија

Мошне забележлив настап имаше и Владо Малески, истакнат македонски писател, општествено-политички работник, револуционер, автор на стиховите од химната на Република Македонија. Во својот говор Малески оцени дека наследникот на Георги Димитров, раководството на НР Бугарија, со тезите што ги пласира фрапантно некритички му приоѓа на бугарското историско минато, го зема богатиот фундус на големобугарската буржоаска историографија – идеализаторска, фалсификаторска (не само во однос на Македонија) дневнополитичка, вулгаризаторска, военоподбуцнувачка, обременета со „величие на Бугарија“, кое не еднаш се подметнало во форма на национална катастрофа на Бугарија и оставило длабоки трагични траги кај сите балкански народи. Сега го презема тој квазиисториски фонд и го вградува во основите на една долгорочна политика. Дејството на овие тези се покажа како чудовишно. Во атмосфера наелектризирана со величање ханови и цареви од сите можни бугарски царства, тоа е вистинска хистерија.
Малески (Владо) оцени дека постои противречност помеѓу официјалната, наводно мирољубива надворешна политика и неофицијалните антимакедонски искажувања. Но, во 1967 година е направен пресврт и некогашниот неофицијален став станал официјален, а причините за тоа не може да се сфатат како рационални.
Говорејќи за начините како треба да се бранат Македонија и македонскиот народ од бугарските напади, Малески сметал дека најдобрата одбрана е сознанието дека нациите сами себе се докажуваат со своето активно живеење.

Политиката на Бугарија кон Македонија има континуитет што подразбира негирање на македонскиот народ, јазик и писмо, како и отворени територијални аспирации

Ова беа неколку кратки исечоци за македонски ставови во врска со ескалацијата на антимакедонската кампања кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години од минатиот век. Тие може да послужат не само како некакво потсетување туку и да им укажат на одредени кругови во македонското општество дека политиката на Бугарија кон Македонија има вековен континуитет, кој подразбира негирање на македонскиот народ, на неговиот јазик и писмо, како и отворени територијални аспирации. Навистина, сега е ново време, други историски и политички околности, но не треба да се заборава дека историјата некогаш се повторува како трагедија. Ако во неколку наврати тоа ѝ се случило на Бугарија, не мора да ѝ се случи и на Македонија. Тој факт никако не може да биде третиран како дел од заедничката историја на која инсистираат сегашните бугарски политички и научни кругови, а го поддржува и минорен дел од македонските политички и културни елити. Р.Н.М.