Фото: Емил Јовановиќ

Во врска со заштитата, чувањето и безбедноста на Охридско Езеро (и сето она што го опфаќа оваа тема), изминативе години изостанувале ефикасни механизми и систем на реакции за заштита и чување. Но сега, со доделувањето концесии (за стопанисување и излов на риба), конечно, државата смета дека концесионерите имаат и соодветни знаења, вештини, својства и способности да се грижат за езерото. И како што вели многу описно еден од нашите соговорници од Струга, „да се грижат за езерото како старатели за своето чедо“

Почеток на крајот за долгогодишното дивеење на рибокрадството во Охридско Езеро

Заштитата на Охридско Езеро, како и заштитата на рибниот фонд, секогаш била тема од највисок приоритет, не само за локалната самоуправа или за невладините организации што се занимаваат со екологија и заштита на средината туку и за самата држава. Во тој контекст и концесионирањето за стопански и рекреативен (спортски) риболов како предизвик на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство било врвен приоритет, бидејќи темата „Охридско Езеро“ со децении отсекогаш била енигма со повеќе непознати. Токму во врска со заштитата, чувањето и безбедноста на Охридско Езеро (и сето она што го опфаќа оваа тема), изминативе години изостанувале ефикасни механизми и систем на реакции за заштита и чување. Но сега, со доделувањето концесии, конечно, државата смета дека концесионерите имаат и соодветни знаења, вештини, својства и способности да се грижат за езерото, како што вели многу описно еден од нашите соговорници, да се грижат како „старатели за своето чедо“.

Избрани концесионери за стопански риболов на Охридско Езеро

Намерата на државата беше да го даде Охридско Езеро под концесија, на седум различни концесионери за стопански риболов на 12 години. (За потсетување, државата го издава Охридско Езеро и за рекреативен риболов на 12 години). Во меѓувреме, шест од вкупно седум концесионери веќе се избрани.
Дали конечно ќе се најде концесионер што ќе стави ред, кој ќе вработи рибари што ќе работат за плата, ќе добиваат алати, гориво и сѐ друго и ќе ловат за концесионерот/концесионерите, со полна контрола над уловот и целата риба од уловот да ја зема и продава концесионерот, а не рибарите, како многупати досега, „да вршат продажба на црно на уловената риба и неконтролирано да го оштетуваат рибниот фонд од езерото“? Нашите соговорници велат дека државата овој пат со своите контролно-надзорни механизми треба да покаже цврста рака во надгледувањето и заштитата на нашиот македонски бисер.
Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, вели дека ова е начинот да се заштити езерото од рибокрадската девастација и дека ќе се постигне поголема и повеќеслојна контрола врз езерото.

Рибокрадците сѐ уште активни

Радован Димитриевски од риболовното здружение „Рибарска вистина“ предупредува дека и сега дневно нелегално се ловат од 500 килограми до еден тон риба.
Цветаат рибокрадството и нелегалниот риболов. Треба да се појде и во рестораните, којзнае колку килограми охридска пастрмка продаваат, а нема од каде да ја набават. Жалосно е што во овие пет години во кои немаше концесионер никој не влегуваше да ги контролира рибокрадците. Имам неколку пријави за непознат сторител, немаме познати сторители, додаде Радован Димитриевски од риболовното здружение „Рибарска вистина“.
– Рибарите се декларираат како „заштитници“ на езерото, а во голем дел од случаите, тие се нешто спротивно. Многумина од рибарите го пустошат во безредие рибниот фонд за време на мрест, за време на забрана и без концесионирање! Сега со концесииве треба да се види! Езерото повеќе години недозволиво беше без концесионер. Конечно да дочекаме да се стави ред во изловот на рибниот фонд од езерото. Треба и ние граѓаните некако да се вклучиме и да помогнеме во зачувувањето на езерото – велат повеќе наши соговорници, жители на Охрид и Струга.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски изјави дека веќе интензивно има подготовки да бидат спроведени низа симултани мерки од повеќе надлежни држави органи, преку кои ефикасноста за заштита и контрола над езерото ќе се подигне на многу висок степен.
– Веќе разговараме и со граничната полиција и со инспекторатот за земјоделство, кој е директно вклучен како надлежна институција за следење на целиот процес, мора да се почитуваат законите, тука нема да има пропусти – ни изјави министерот.

Иако заплените на риболовен алат за криволов се множат, рибокрадството продолжува

Најстрашно е што рибокрадството е најприсутно за време на мрестот на рибата, велат наши соговорници, додавајќи дека охридската пастрмка (зимска форма, пештанска и струшка) се мрести од 15 октомври до 31 март, охридската пастрмка (летница) од 1 јуни до 31 август, охридската белвица од 15 октомври до 31 март, крапот од 1 април до 30 јуни, кленот од 1 мај до 31 мај… и токму тогаш „рибокрадството цвета“ и треба да се спречи!
Минатата година е запленета речиси двојно повеќе риба во однос на 2023 година. Имено, во текот на 2024 година од страна на службениците од полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ и Државниот инспекторат за земјоделство-Охрид, пронајдени се и одземени вкупно 4.113 парчиња риба, односно 572,55 кг разновидна риба (не вклучувајќи грунец и плашица во парчиња, која се пресметува во килограми). Во 2023 година се пронајдени вкупно: 2.638 парчиња риба, односно 390,98 кг разновидна риба.
Според портпаролот на СВР-Охрид, Стефан Димоски, одземената риба oд незаконит риболов или друг прекршок во согласност со Законот за рибарство и аквакултура или друг закон, по извршен преглед во ЈНУ Хидробилошки завод-Охрид се предава во КПУ „Затвор“-Охрид. Пронајдената риба што дава знаци на живот се враќа во водите на Охридско Езеро од страна на полициските службеници и референтите од Државниот инспекторат за земјоделство, информира портпаролот, Стефан Димоски.
– Полициските службеници во случај на незаконит риболов, во соодветна процедура ја одземаат пронајдената риба, за што се составува записник, а на лицето за кое има основи на сомневање дека е сторител на кривично дело или прекршок му се издава потврда за одземање на рибата и риболовниот алат во која детално се опишуваат настанот, видот и количеството риба. Одземените риби што потекнуваат од кривично дело или прекршок со потврда за предавање на привремено одземени предмети се предаваат на КПУ „Затвор“-Охрид. Претходно рибите се прегледуваат од страна на стручно лице од Хидробиолошкиот институт, кој утврдува за кој вид риба се работи и во каква состојба е истата таа – вели Димоски. Н.М.


Според информација на соговорници, „успешните полициски жетви од областа на рибокрадството во езерото се плод на анонимни пријави на ривалските групи рибокрадци“. Имено, полициските заплени на мрежи и друга опрема од рибокрадците се должат, како што велат соговорниците, на „шпионажа помеѓу рибокрадците, со цел групите рибокрадци да си наштетат едни на други, а полицијата се користи како алатка за подметнување и елиминација на ривалската група“…

Анонимни пријави за рибокрадство на Охридско Езеро од ривалските групи рибокрадци!?

Соговорниците, кои се добро упатени во феноменот рибокрадство во Охридско Езеро, истакнуваат интересни детали во врска со ова инкриминирано поведение. Имено, тие го истакнуваат најпрвин фактот дека сега риболовниот алат (односно мрежите) е толку евтин, што и покрај одземањето (запленување) од страна на полицијата, многу лесно повторно може да се набави. Тие велат дека сега не е како порано кога риболовната опрема се набавувала од странство, била поскапа, а и била под контрола на надлежните служби.
Втората работа што ја истакнуваат соговорниците е – модерната и пристапна комуникациска технологија. Имено, тие го истакнуваат фактот дека „модерната и пристапна софистицирана опрема за комуникација си го прави своето: се следи и се набљудува полицијата на секој чекор, се набљудува каде се движи таа, каде патролира, каде поставува заседи“, при што преку средствата за комуникација, членовите на риболовните банди се известуваат меѓу себе за потенцијалните контроли, заседи или други опасности за нив што се преземаат од страна на полицијата.
Во тој контекст, соговорниците презентираат исклучително интересна информација дека во синџирот на рибокрадството постојат и специјализирани лица т.н. чекачи, кои ја набљудуваат и ја следат езерската полиција – кога и каде се движи, кога излегуваат глисерите и таквите информации му ги доставуваат на еден од групата рибокрадци, при што за тоа добиваат соодветна награда. Чекачот може и да не е активен член на „рибокрадната банда“, па дури и да не ги знае другите членови на групата, а да е поврзан само со еден од нив до кого ги доставува информациите за полицијата…
Уште поинтересна е информацијата на соговорниците дека „полициските успеси од областа на рибокрадството во езерото се плод на анонимни пријави на ривалските групи рибокрадци“. Имено, полициските заплени на мрежи и друга опрема од рибокрадците се должат, како што велат соговорниците, на „шпионажа помеѓу рибокрадците, со цел групите рибокрадци да си наштетат едни на други, а полицијата се користи како алатка за реализација и елиминација на ривалската група“!
Јасно е, како што тврдат соговорниците, дека полицијата има сосема друг законски приоритет. Нејзината примарна задача не е борба против рибокрадството, туку обезбедување на водниот граничен појас со Р Албанија и негова контрола, задача што си ја врши многу добро, како што велат локалните жители. Н.М.