Фото: Архива на „Нова Македонија“

Некои нови моменти од Брисел во врска со концептот за „обратно проширување“ на ЕУ :

Крајно неповолни вести пристигнуваат за Украина и за нејзиниот претседател Володимир Зеленски, кој во последните недели инсистира на забрзан прием на земјата во Европската Унија. Амбицијата Киев да добие јасен датум (во 2027 год. како дел од евентуален мировен договор со Русија) се соочува со тивок, но сериозен отпор во европските престолнини. Идејата за забрзан прием, во дипломатските кругови позната како „обратно проширување“, денес сè поотворено се оценува како политички неодржлива. Еден европски дипломат директно ја сумира состојбата во една силна реченица: „Концептот на обратното проширување е мртов“!

„Обратно проширување“, што беше тоа, политикантска компензација или институционален ризик?

За потсетување, предлогот што извесно време беше актуелен во Брисел, а кој зад затворени врати го презентираше претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, предвидуваше радикален пресврт во пристапниот процес. Накусо, тој предлог би се сублимирал во следнава реченица: „Наместо кандидатите прво да ги исполнат сите критериуми, тие би можеле формално да се приклучат кон Унијата со ограничен пристап до фондовите и до процесот на одлучување, сè додека целосно не ги исполнат стандардите“.
Во пракса, тоа би значело дека Украина и другите кандидати би добиле политичка гаранција за членство, дури и пред да ги завршат реформите. Патем споменато, Зеленски сметаше дека токму таква гаранција е неопходна за да им се „продаде“ евентуалниот мировен договор на украинските граѓани, особено ако Украина не ја врати целосната територијална контрола или не стане членка на НАТО. Но во Брисел и во главните европски престолнини владее поинаква логика.

Копенхашките критериуми како единствено утврдени и усогласени принципи и стандарди

Процесот на пристапување во ЕУ традиционално е долг, сложен и строго условен. Секоја кандидатка мора да ги исполни т.н. Копенхашки критериуми, а тоа е да има стабилни демократски институции, владеење на правото, функционална пазарна економија и усогласување со европското законодавство. Секое поглавје од преговорите бара едногласна согласност од сите 27 членки.
– Отпорот кон „обратното проширување“ не е сега само технички туку суштински и политички. Земји како Франција и Германија, иако јавно воздржани, сѐ погласно изразуваат скепса кон идејата дека Украина би можела да добие членство без целосно исполнување на реформите, особено во делот на борбата против корупцијата – вели наш извор од бриселската администрација, додавајќи дека Украина едноставно не е подготвена и дека таму има „епидемија на корупција“.

Стравовите на членките на ЕУ

Покрај институционалните аргументи, присутни се и прагматични грижи. Нашиот соговорник од Брисел издвојува за „Нова Македонија“ дека земјите членки на ЕУ стравуваат од многу работи, а ги потенцира оние што се помалку споменувани во јавноста, како што се „евтина земјоделска конкуренција, големи миграциски бранови што би влијаеле врз пазарот на трудот, дополнителен притисок врз буџетот на ЕУ, можност реформите да запрат веднаш по добивањето формален статус на членка“ итн.
– Во повеќе држави паѓа поддршката за раководните либерални елити од Брисел, бидејќи тие навистина ги урнаа сите утврдени стандарди и темелни вредности на Унијата, вклучително ги урнисаа и Копенхашките критериуми за проширување. Милитаристичкиот концепт и концептот на прв ешалон на држави на ЕУ на Европската комисија стануваат сѐ поомразени кај конзервативците. Суверенистички настроените влади се особено внимателни. Без јасна јавна поддршка, ниту една влада не сака да преземе ризик со драматично забрзување на процесот. А за Украина, дополнителен сигнал за институционалната реалност е и блокадата од страна на Унгарија, која уште во рана фаза го кочи „украинскиот пат“ – тврди нашиот соговорник.

Дали „обратното проширување“ ќе важеше за сите држави кандидатки или, пак, и тука ќе имаше двојни стандарди на Брисел?

– Доколку „обратното проширување“ беше прифатено, тоа немаше да се однесува само на Украина. Би ги опфатило и државите од Западен Балкан, кои што со години се во преговори или во чекалницата на европските институции. Токму тука лежи суштинскиот проблем. Ако Украина добие забрзан третман од геополитички причини, како ќе се оправда тоа пред земјите од Западен Балкан, кои со децении ги исполнуваат условите, често под болни политички и економски реформи. Таков нов тежок преседан би можел да биде крај за довербата во целиот пристапен механизам – вели соговорникот од Брисел.
Тој додава дека идејата на „обратното проширување“ била дизајнирана токму за Украина, но сѐ повеќе се напушта оваа идеја бидејќи доколку не помине Западен Балкан, тоа ќе биде најтежок пораз за ЕУ од своето постоење – вели нашиот соговорник од Брисел. П.Р.


Брисел без компас

Украина несомнено е централна геополитичка тема на Европа. Но токму украинскиот случај покажува дека проширувањето на ЕУ останува политичко- политикантски процес на Брисел, а не пред сè правно-институционален утврден процедурален и принципиелен процес. Без целосно исполнување на Копенхашките критериуми (а не на дневнополитичките условувања и уцени на бриселските елити) членството не е прашање на датум, туку на долгорочна трансформација кон развој, просперитет и благосостојба на кандидатите.
Во таа смисла, тезата дека „концептот на обратното проширување е мртов“ не е само дипломатска фраза. Таа е одраз на длабоката неподготвеност на Европската Унија да ги отфрли сопствените неолиберални заблуди дека е „привилегиран убер алес клуб“. ЕУ треба да се врати на своите темелни и клучни европски вредности јасно наведени во членот 2 од Договорот за Европската Унија (кои наедно и претставуваат услов за членство во ЕУ), и тоа: почитување на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото, почитување на човековите права, плурализам и толеранција, солидарност, недискриминација и еднакви можности… П.Р.