Според повеќето соговорници, имајќи го предвид владиниот коалициски состав, како и малцинската поддршка што ја има владата на Жељазков, простор за голем оптимизам нема, бидејќи каква било чувствителна одлука кон Македонија (што не е во согласност со ставот на закоравените бугарски хегемонисти, иако таа одлука би била во согласност со меѓународното право) лесно може да ја урне кревката бугарска влада
Дали Бугарија доби влада што храбро ќе се дистанцира од досегашната анахрона хегемонистичка доктрина
По седум изборни циклуса во четири години, Бугарија конечно доби редовна влада на чие чело застана Росен Жељазков, со што е решена дилемата дали земјата ќе оди на нови, осми избори, а во меѓувреме ќе продолжи техничкото управување на земјата.
Сега таа дилема е решена, но и натаму останува клучното прашање дали новата бугарска влада е подготвена за отворен и искрен разговор со Македонија или, пак, ќе продолжи со политиките на условувања и уцени.
Македонската влада го поздрави изборот на новата влада во Бугарија, упатувајќи порака до своите бугарски колеги дека остануваат посветени на разговорите, иако се свесни дека досегашното искуство не остава многу простор за конкретни очекувања.
– Како Влада упатуваме честитка за изборот на соседна Бугарија, но со оглед на искуството, резервирани сме и претпазливи, но и отворени за дијалог на принципиелни основи, кои ќе гарантираат заштита на нашиот идентитет и црвени линии – се наведува во изјавата од македонската влада.
Имајќи го предвид владиниот коалициски состав, како и малцинската поддршка што ја има владата на Жељазков, простор за голем оптимизам нема, бидејќи каква било чувствителна одлука кон Македонија лесно може да ја урне кревката бугарска влада.
Политичкиот аналитичар Владимир Владимиров не очекува дека Бугарија ќе го промени ставот кон Македонија, а деблокада на македонските преговори со ЕУ, според него, може да се случи со впишување на Бугарите во македонскиот устав.
– Тоа се истите партии што ги создадоа црвените линии и гласаа во бугарскиот парламент пред неколку години за Македонија. Така што попрво очекувам тврда бугарска позиција, отколку некаква полиберална, поотворена, која ќе бара компромис. Во Бугарија и бугарските политички партии, францускиот предлог го гледаат како разумен компромис, разумна варијанта. Многу малку, тука сите партии се на тој став, вклучувајќи го и претседателот Радев – вели Владимиров.
Голем оптимизам нема ниту кај домашните аналитичари и познавачи на македонско-бугарските состојби.
Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев изјави дека Македонија и Бугарија ќе седнат на иста маса со поддршка на САД, но за да се постигне добар билатерален договор, потребно е да се надминат стереотипите од минатото.
– И Бугарите ќе седнат на маса и ние, бидејќи и на Бугарија ѝ треба Македонија и нема како да се избегне тоа, ќе се разговара – рече Ѓорчев и додаде дека за успешен билатерален договор, потребно е да сме искрени едни со други во нашите барања.
Според него, поддршката на САД е поради тоа што Македонија, но и Албанија и Бугарија се значајни за НАТО и затоа би било полезно да нема разлики и несогласувања меѓу сојузниците.
Новиот бугарски владин состав е познат по тврдиот став кон земјава, особено министрите од редовите на Има таков народ и БСП-обединета левица. Премиерот Жељазков, кој претходно беше и спикер на бугарското Народно собрание, во ноември 2023 година ја посети Македонија и повика на уставни измени, додека за францускиот предлог кажа дека е историски компромис.
Ресорот надворешни работи, кој е клучен за евентуалните разговори меѓу Македонија и Бугарија за наоѓање решенија за излез од ќор-сокакот во меѓусебните односи, ќе го предводи Георг Георгиев од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов. Тој своевремено беше заменик-министер за надворешни работи, од ноември 2014 година до јануари 2017 година, во време кога бугарската дипломатија ја водеше Екатерина Захариева, која беше позната по тврдите изјави кон земјава.
Останува периодот што следува да покаже дали Бугарија е искрена во намерите да воспостави цврсти и пријателски односи со земјава или, пак, ќе ја продолжи политиката на условувања.