СРЕДБА НА ПИСАТЕЛИТЕ ЗА ДЕЦА ОД РЕГИОНОТ, НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА „ДЕНОВИ НА КОЧАНСКИОТ ОРИЗ“

Во Кочани, од 4 до 8 октомври, се одржа традиционалната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“, која годинава содржеше богата и разновидна културно-уметничка програма. Општина Кочани, во соработка со општинската библиотека „Искра“ и со здружението „Стари поток“, спроведе низа активности посветени на литературата за деца, одбележувајќи ги важните датуми, Неделата на детето и Денот на учителот.
Писателите Власта Н. Цениќ, Русомир Д. Арсиќ и Александар Коциќ од Србија, Петја Хантова и Лилија Јурукова од Бугарија и Горјан Петревски и Филип Димкоски од Македонија одржаа литературни средби со учениците во кочанските училишта „Раде Кратовче“, „Кирил и Методиј“, „Никола Карев“, „Малина Попиванова“, како и во училиштето „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари.
Учениците со радост и со внимание уживаа во колоритот на стихови и јазици што им го понудија гостите писатели, а авторите, пак, беа восхитени од подготвеноста на учениците, благодарение на нивните наставници, и од гостопримливоста од страна на директорите и на училишниот персонал.

Претставена книгата „Ѕвездена лектира“ на Власта Цениќ

Во рамките на програмата, во просториите на библиотеката „Искра“ се случи промоција на книгата „Ѕвездена лектира“ од познатиот српски поет Власта Н. Цениќ, во препев на поетот Филип Димкоски, а во издание на здружението „Стари поток“. За книгата говореа Горјан Петревски и Филип Димкоски, а модераторка беше м-р Љупка Стојменова, професорка и претседателка на здружението „Стари поток“. На промоцијата воодушеви рецитирањето на авторот на сопствената поезија, но на македонски јазик, како и изведбата на песната „Бате ќе се жени“, изведена во оригинал на призренско-тимочки дијалект од авторот, како и на прилепски говор препеана и изрецитирана од препејувачот.
Во мултимедијалниот центар на библиотеката „Искра“, пак, се одржа регионалната средба на писателите за деца, на која пред многубројната публика настапија Марина Гоцевска, Горјан Петревски и Филип Димкоски од Македонија, Русомир Д. Арсиќ, Александар Коциќ и Власта Н. Цениќ до Србија и Петја Хантова и Лилија Јурукова од Бугарија. По средбата, гостите останаа уште долго да разговараат со писателите, да се фотографираат и да добијат автограми, а секако, тие со радост го прифатија тоа.
Писателите беа присутни и на традиционалното зажнејување на оризот, кое оваа година со целата придружна програма се одвиваше во селото Долни Подлог.

ПОДАРОК ЗА АЛЕКС АДЕМОВ ОД „КОЛИБРИ“

Во рамките на карванот на писателите низ кочанските училишта се одржа и една топла и емотивна средба во ООУ „Раде Кратовче“ во Кочани. Таму по долго време се сретнаа наставничката Вера Стојкова и поетот Филип Димкоски, „стари“ соработници во областа на литературата. На средбата, Димкоски, како долгогодишен соработник на „Колибри“, од името на „Нова Македонија“, на ученикот Асан Адемов од деветто одделение му додели книга од едицијата „Најдоброто од кинеската литература за деца“ од издавачката куќа „Македоника литера“, со желба и поттик на ученикот за литературно творештво и читање.

АЛБУМОТ НА ГОРЈАН И АЛБУМОТ НА АНДРЕЈ

Пред учениците на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари, познатиот наш писател Горјан Петревски го претстави својот албум со фудбалери што го собирал како дете, бидејќи бил страстен фудбалер во својата младост. Тој ни раскажа дека неговиот фудбалски пат го попречила една незгодна повреда на ногата, но сликичињата со фудбалери залепени со смола од „црешите“ во неговото родно Мренога, сѐ уште го држат жив фудбалскиот пламен. Четвртоодделенецот Андреј, пак, си го доби најновиот албум на „Нова Македонија“, како подарок од нашата редакција.

ВО ЖИВО СИ Е ВО ЖИВО…

За време на пандемијата на ковид-19, голем дел од културните случувања, меѓу кои и средбите со писателите и книжевните работилници, се одвиваа онлајн. Така, еден од часовите по поезија, учениците од петто три, кои тогаш беа четврто три во ОУ „Никола Карев“, го одржаа онлајн со поетот Филип Димкоски, посакувајќи што поскоро да го запознаат во живо. Тоа се случи за време на Деновите на кочанскиот ориз. Не штедеа прегратки, зборови и аплаузи, ниту учениците ниту нивната наставничка Кате Синадиновска ниту поетот. Заеднички уживаа во поетската средба. На оваа средба, Димкоски доби специјална благодарница рачно изработена од учениците, а за возврат тој им го подари последниот примерок од првиот тираж на својата книга „Заедно да растеме“.

РОДЕНДЕНСКАТА ПРОСЛАВА ЗАПОЧНА ВО КОЧАНИ

За време на поетската дружба, домаќините на програмата заедно со другите учесници подготвија роденденско изненадување за поетот Власта Н. Цениќ од Србија и со торта, свеќички и персонализиран подарок му го честитаа роденденот, но и заминувањето во пензија. Вниманието, се разбира, предизвика среќа, но и солзи радосници кај славеникот.

Ф.Д.