Фото: „Нова Македонија“

Повод: Какофонија во јавноста за последиците од изгласаната интерпелација за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути

По изгласаната интерпелација за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути во Собранието, во јавноста, кај граѓаните, но и кај политичките партии, се појавија различни толкувања за тоа што всушност ќе донесе институтот интерпелација (како една од контролните и надзорните функции во Собранието) и што треба да следува понатаму, како законски (деловнички) утврдена процедура, а во врска со носителката на функцијата претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Поради фактот што ова прашање разбуди широк интерес во јавноста, редакцијата направи разговори со повеќе правни експерти, кои го изнесоа своето видување за случајот „Даути“, што го пренесуваме во продолжение

Кои се актуелните дилеми во јавноста, но и кај партиите и пратениците по интерпелацијата за Даути како претседателка на Комисијата за социјална
политика, демографија и млади

Најпрвин кратко потсетување: интерпелацијата за Даути беше поднесена во Собранието со образложение дека таа „го крши на Деловникот со месеци не ставајќи ги на дневен ред измените на Законот за бранителите во Комисијата за социјална политика, демографија и млади“. Откога во Собранието се усвои интерпелацијата, се појавија две различни мислења за натамошни постапки (процедури). Едното толкување беше дека со „институтот интерпелација“ и неговото изгласување од страна на Собранието, „разрешувањето е завршена работа“. Второто толкување е дека „интерпелацијата не е извршна алатка за разрешување“, туку само дека со тој контролно-надзорен институт, Собранието донесува заклучок и потврда на наводите изнесени во интерпелацијата, а не дека Даути е автоматски разрешена со усвојување на интерпелацијата. На тоа се надоврзува и толкувањето дека „доколку самата пратеничка не поднесе оставка од претседателската функција во споменатата комисија“, интерпелацијата нема моќ таа да биде разрешена… Уште едно толкување за натамошната процедура е дека со потврдата на основите наведени во интерпелацијата од страна на Собранието, следен чекор е собраниската комисија за избори и именувања, која треба да го стави ова прашање на дневен ред и да ја отповика претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. И последното толкување се надоврзува на претходново, во кое се тврди дека само Собранието на своја пленарна седница може да ја разреши Даути од местото претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади.

Правни празнини или јасен тек на демократските (деловничко-законски) процедури

Во новиот деловник за работата на Собранието навистина не е експлицитно наведено дали следува разрешување откако на претседател на собраниска комисија му е изгласана недоверба. Според повеќето соговорници, индивидуалните толкувања што се појавија во јавноста не може да бидат земени за релевантни, туку само оние што децидно се предвидени со некој законски или подзаконски акт. Имено, според членот 51 став 4 од Деловникот на Собранието, ако парламентот ја прифати интерпелацијата на носител на јавна функција, тогаш тој донесува и заклучок во вид на писмен документ, во кој се изнесува ставот на Собранието во врска со наводите на интерпелацијата. Во случајот со Даути е донесен заклучок (на Собранието) дека наводите од предлогот за интерпелација се – основани. Соговорниците издвојуваат дека „деловникот на Собранието не предвидува педантна процедура што понатаму“. Правниците со кои се консултиравме велат дека нареден чекор е Комисијата за прашања за избори и именувања, каде што претседателката на комисијата Даути може да биде разрешена. Но, исто така, други соговорници во врска со истиот проблем додаваат дека таа може да биде разрешена само на пленарна седница на Собранието, по иницијатива на Комисијата за избори и именувања. Последнава, според одредени соговорници, може само да поднесе „заклучок до Собранието дека поднесува предлог за разрешување што е претходно усвоен со мнозинството на Комисијата за избори и именувања“.

Што велат правните служби во Собранието

Од правните служби во Собранието, повикувајќи се на соодветно упатство, тврдат дека интерпелацијата е само етички чин и дека интерпелацијата е правно необврзувачка. Тие сметаат дека процедурата треба да продолжи во Комисијата за избори и именувања. Тие исто така посочуваат стручна литература – „Политички систем“ (автори Саво Климовски и Тања Каракамишева), каде што пишува дека „гласањето за интерпелација е израз на задоволство или незадоволство од работата на пратеникот“. Доколку е изразено незадоволство, „тоа може да биде основа за понатамошна постапка за одговорност“. А, понатамошното утврдување на одговорност е во Комисијата за избори и именувања.


Сите треба да имаат одговорност доколку ги кршат законите и прописите!

Колку е моќна интерпелацијата кај нас?

Во документот „Политичка контрола и надзор на Собранието, на Владата и на други носители на јавни функции“, изработен во рамките на проектот „Воспоставување и развој на Парламентарниот институт“ на Собранието на Република Македонија, кофинансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) со советодавна поддршка од Националниот демократски институт (НДИ), публикуван од Парламентарниот институт на Собранието на Македонија, се обработуваат начините на политичката контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието. Политичката контрола и надзор на Собранието се едни од уставно утврдените надлежности на Собранието на Македонија, како што се механизмите на пратенички прашања, интерпелација, анкетни комисии, изгласување недоверба на Владата и надзорни расправи.

За моќта на институтот интерпелација, во документот „Политичка контрола и надзор на Собранието, на Владата и на други носители на јавни функции“, кој цитира извадоци од позитивното право

„Интерпелацијата за разлика од пратеничкото прашање претставува посложена постапка и инструмент на политичка контрола над конкретен носител на јавна функција. Интерпелација можат да постават најмалку пет пратеници во врска со работата на конкретен носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и во врска со прашања од работата на државните органи. Интерпелацијата со образложение се поднесува исклучиво во писмена форма, потпишана од сите пратеници што ја поднесуваат. Се поднесува до претседателот на Собранието, кој веднаш ја доставува до оној кому му е упатена. Субјектот на кој се однесува интерпелацијата има право да достави писмен одговор до претседателот на Собранието, најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата. Таа се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците. Ако одговорот не се поднесе во наведениот рок, интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието. Пратениците можат да ја повлечат интерпелацијата само пред почнувањето на претресот.
Право да ја образложи интерпелацијата на седницата на Собранието има еден од пратениците што ја поднеле интерпелацијата, во траење од 20 минути. Субјектот кому му е поставена интерпелацијата има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација, исто така, во траење од 20 минути.
Претресот по интерпелацијата трае еден работен ден до исцрпувањето на листата на пријавени пратеници за збор, при што пријавувањето и редоследот на пратениците за учество во претресот се исти како и во постапката за поставување пратенички прашања. Претресот во врска со интерпелацијата завршува со гласање што го изразува (не)задоволството на Собранието со одговорот добиен од носителот на јавна функција или Владата, најдоцна до 24 часот. Ако Собранието ја прифати интерпелацијата, донесува заклучок во кој се изнесува ставот во врска со наводите на интерпелацијата. Отсуството на такво задоволство само по себе не предизвикува правни последици за носителот на јавна функција, но може да претставува вовед во поведување постапка за политичка одговорност, или да резултира со оставка на носителот на јавна функција“.
Сепак, сите соговорници беа единствени во еден исказ: Доколку сакаме подинамично да се движиме во насока на засилување на темелите на правна држава и владеење на правото, не може да оставиме принципот на селективност и неказнивост да остане како рецидив од едно доскорашно владеење на неправото, на самоволието, на организираниот криминал и високата корупција и секаков вид криминал чии носители биле токму и носителите на јавни функции. Затоа, што поскоро треба да се детектираат сите аномалии (непочитување на законите и прописите, но и пропустите – дупките во правните прописи), доколку сакаме што побрзо да исчекориме на патот на фундаменталните и универзални вредности на едно општество и држава. П.Р.