Астрономите забележаа 12 дополнителни месечини што орбитираат околу Јупитер, со што вкупниот број достигна 92. Откритието беше направено преку внимателно следење од астрономот Скот Шепард од институтот „Карнеги“ и неговиот тим научници. Тие ги користеа телескопот Субару на Хаваи во септември 2021 година и телескопот Бланко во Интерамериканската опсерваторија во Чиле во август 2022 година.
– Случајно забележавме нови месечини околу Јупитер, додека нашето главно истражување беше фокусирано на пребарување небесни објекти во просторот надвор од Плутон – рече Шепард.
Последователните набљудувања и анализи на 12-те нови месечини траеја околу една година за да се добие конечна потврда, а тимот го искористи телескопот Магелан во Чиле за да ја заврши работата. Ниту една од месечините сè уште нема име, бидејќи нивното откритие штотуку е објавено, но тоа се очекува во наредните месеци. Центарот за мали планети ги следи позициите на помалите планети, комети и вселенски карпи. Под покровителство на Меѓународната астрономска унија, организацијата е одговорна за идентификација, означување и податоци за орбитата за таквите небесни објекти.
– Меѓународната астрономска унија дозволува именување која било месечина поголема од 2,4 километри, од кои половина од овие нови откритија се поголеми од тоа, така што ќе добијат имиња – рече Шепард.
Бидејќи Јупитер е светла планета, астрономите мораа да се справат со проблемот на отсјајот и расфрланата светлина што влијае на просторот во кој можат да постојат месечините. Современата технологија го олесни подеталното набљудувањето на Јупитер и областа околу него. Шепард и неговиот тим се во процес на следење голем број други месечини околу Јупитер, но им требаат повеќе податоци за да ги потврдат и објават своите наоди. Пронаоѓањето дополнителни месечини околу Јупитер и одредувањето на нивните орбити би можело да помогне да се идентификуваат целите за идните вселенски мисии, вклучувајќи ја и програмата на НАСА и Европската вселенска агенција за посета на планетата – планирана за 2024 година.
– Се надеваме дека барем една од новите месечини ќе биде во близината на патеката на вселенското летало како дел од таа мисија, за да може да прави слики одблиску. Месечините се важни за разбирање голем дел од материјата за која сме заинтересирани бидејќи тие се последните остатоци од групата објекти што се формирале во регионот на џиновската планета, затоа што остатокот од материјалот бил инкорпориран во планетите – вели Шепард.
Овие месечини се остатоци од најмалку седум поголеми, кои се распаднале кога се судриле со други месечини, астероиди или комети. Нивното распаѓање довело до создавање стотици помали месечини. Тимот на Шепард ги следи и месечините околу Сатурн, но тие е потешко да се лоцираат бидејќи планетата со познатиот прстен е подалеку од Земјата.