Одморот за оние на кои Грција им е омилената дестинација, годинава ќе биде повеќе од луксуз. Имено, веќе е познато дека цените на пакет-аранжманите се зголемија до 25 проценти, но она што е помалку познато, е дека истиот нагорен тренд на цените го следат и многу други придружни елементи, кои би требало да значат пријатен и релаксирачки летен одмор, вклучително и изнајмување лежалки, чадори за сонце, освежувачки пијалаци на плажа итн.

Истражување за граѓаните што ја планираат Грција како своја летна туристичка дестинација

Повеќе истражувачки портали што го третираат туризмот како граѓанска неопходност за квалитетен живот ги информираат граѓаните/туристите за новините во врска со нивните потенцијални туристички дестинации. Но она што изненадува е фактот за драстичните поскапувања, при што порталите објавуваат дека „на грчките плажи полека доаѓаат туристи, но дека цените на лежалките за оваа година – дури и во претсезоната, одат до 60 евра за сет“. (!?) Така, на пример, порталот „Никана.гр“ обезбедува ценовници за неколку популарни туристички дестинации.
Цените што тие ги изнесуваат во функција на информирање на гаѓаните/туристите за тоа какви трошоци ги очекуваат на грчките плажи прочитајте ги во продолжение…
– Пефкохори: две лежалки + чадор за сонце, чинат 20 евра за сет;
– Полихроно: сет од две лежалки + чадор за сонце: во прв ред чинат 50–60 евра, во втор ред: 40 евра, во трет ред: 30 евра, додека другите редови чинат 20 евра;
– Ситонија – Никити: до 1 јуни, само два пијалака како услов, од 1 јуни потрошувачка од 30 до 50 евра (храна и пијалаци);
– Плажа Лагониси: надвор од сезона, пет евра по лице + потрошувачка дополнително; во текот на сезоната прв и втор ред покрај море: 20 евра по лице или 40 евра сет + потрошувачка, трет ред: 15 евра по лежалка или 30 евра сет + потрошувачка, други редови: 10 евра по лежалка или 20 евра сет + потрошувачка.
Слични податоци изнесуваат и другите портали. Според нив, на Ситонија, особено во Никити, кое се смета за едно од најбараните места меѓу балканските туристи, изнајмувањето сет лежалки и чадори сега се движи од 10 дури до 50 евра, во зависност од местото и локацијата.

Од 1 јуни повеќето грчки барови на плажите воведоа обврска за консумирање храна и пијалаци како услов за користење на сетот за плажа

Во истражувањето, во функција на подобра информираност на туристите што одат во Грција, се потенцира информацијата дека „од 1 јуни повеќето барови воведоа обврска за консумирање храна и пијалаци како услов за користење на сетот за плажа, додека во претсезоната лежалките генерално можат да се користат со нарачани два пијалака“.
Во локалите како на пример „Версус бар“, цената за сет со пијалаци достигнува 50 евра, додека во „Авра бар“ за првиот ред се наплаќаат 45 евра, а другите редови чинат 35 евра. Најевтиниот сет моментно е во „Папаруна кафе“, каде што туристите можат со плаќање консумација од 10 евра да ги користат лежалките.
Слични цени се бележат и на други места. Во Пефкохори, на плажата Амос, сет од две лежалки и чадор чини 20 евра со потрошувачка. Во Полихроно цените се движат од 20 дури до 60 евра, во зависност од редот во кој се наоѓа сетот: колку сте поблиску до морето, толку е повисока цената.

Реакции на граѓаните

Поради ваквите цени во Грција, многу потенцијални туристи коментираат на социјалните мрежи дека „поисплатливо е да платат за поскапо сместување со приватна плажа отколку да даваат десетици евра секој ден за лежалки“.
Други граѓани изјавуваат дека ќе се снаоѓаат секој како што знае и умее: да доаѓаат порано на плажа, па и на диви плажи, да носат пешкири и друга опрема за на плажа, студена вода и храна, само да ги одбегнат турканиците и високите трошоци. Во секој случај, потенцијалните туристи летувалци што планираат одмор во Грција се вџашени, поради цените.
Информативниот портал за туристичка понуда „Радикал сториџ“ објави дека еднонеделното патување во Грција обично чини меѓу 1.400 и 3.400 долари по лице, „со варијации врз основа на вашиот стил на патување, сезона и специфични дестинации во земјата“!
И други специјализирани портали од областа на туризмот ги информираат граѓаните дека во просек патувањето во Грција чини помеѓу 1.400 и 3.400 долари по лице за една недела, во зависност од стилот на патување, изборот на сместување и активностите.
На пример, гореспоменатиот портал „Радикал сториџ“ тврди дека „двојка (пар) што патува во Грција треба да има буџет од 2.800 до 6.800 долари за еднонеделен одмор! Овие бројки вклучуваат летови, сместување, оброци, превоз и активности“.

Свето Тоевски