„Колибри“ не е само додаток, тоа е спомен, инспирација и доказ дека зборот за децата има сила да расте и трае! Со секоја страница го чувате детскиот свет полн со боја, мудрост и креативност. „Колибри“ треба да постои и понатаму, затоа што децата заслужуваат свој глас, свој простор и своја магија на хартија. Во време на брза дигитализација, „Колибри“ останува искра на вистинска, тивка и топла комуникација со детското срце. Нека лета „Колибри“ уште многу години, со леснотија, љубов и крилја од приказни, вели Биљана Лотеска
Додатокот за деца на „Нова Македонија“ денеска слави роденден
На 8 јули 1958 година во „Нова Македонија“ излезе првиот број на единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат „Колибри“ и, еве, цели 67 лета со нашата содржина растеме заедно со децата.
Идеен творец и негова долгогодишна уредничка е поетесата Евгенија Шуплинова, потоа долги години писателот Перо Миленкоски го уредуваше „Колибри“, а неколку години уредник беше и поетот Наум Попески. Веќе 19 години заедно со своите соработници „Колибри“ го уредува Марија Таушанска.
Благодарение на љубовта, ентузијазмот и желбата сѐ уште опстојува ова единствено четиво за најмладите, кое секој вторник е шарен букет на страниците на „Нова Македонија“, весела птица што ги смее детските лица и мала оаза на знаење, убавина и отворени врати да се научат многу нешта. Секако постојано другаруваме со децата, ги поттикнуваме да творат, а секако најдобрите ги наградуваме. Тука сме да пофалиме, да истакнеме, но некогаш и да застанеме на страната на децата и да се залагаме за остварување на нивните права.
Се разбира „Колибри“ е како една убава алка бидејќи многумина учествувале, учествуваат и во иднина ќе учествуваат во неговото создавање и на сите од срце им благодариме.
По повод роденденскиот број, на социјалните мрежи ги повикавме сите наши драги пријатели, соработници и поддржувачи да напишат зошто тие го сакаат „Колибри“. Добивме навистина прекрасни одговори, сеќавања, желби, пораки, кои ќе ги прочитате во продолжение.
Васил Мукаетов, писател за деца
Честитајќи го роденденот со гордост се сеќавам на фактот што случајот сакаше да бидам еден од најстарите соработници на „Колибри“ – страницата за мали и големи деца што веќе осум децении е во „Нова Македонија“. Соработував со првиот уредник Евгенија Шуплинова и со сите уредници до денеска.
„Колибри“ известуваше за новите изданија и беше панорама на македонското литературно творештво за најмладите читатели. Објавуваше и крстозбори ребуси и гатанки.
Многу броеви сум зачувал, меѓу нив и првиот број во кој имав и песна. Во мојата библиотека се меѓу најчуваните.
Верувам во младите генерации. Тие се тука и го продолжуваат патот на културната надградба основа на секој напредок на генерациите што доаѓаат. Заедно со другите средства на технологиите што ќе доаѓаат, читањето сепак е основа на сѐ.
Со „Колибри“ и уредничката М. Таушанска имавме интересно гостување во ОУ „Киро Глигоров“ во Скопје. Децата читаа „Колибри“ и подаривме книги во училишната библиотека. Се среќаваме и на другите манифестации, во училишта, на саемски промоции… Секаде каде што се книгите и основците.
Се радувам на уште многу пријатни вторници со „Колибри“.
Филип Димкоски, поет
„Колибри“ е моја голема љубов. Растев и растам со него, во секоја смисла. Прво читав, потоа пишуваа за мене, односно дописничката на „Нова Македонија“ од Прилеп, Каролина Мицевска, во 2010 г. го напиша првиот прилог за мене и за мојата првообјавена книга, а натаму до ден-денес јас пишувам за другите.
„Колибри“ за мене е чувар на детството, промотор на убавото, негувач на македонскиот јазик, подадена рака од неговата уредничка Марија Таушанска Анастасовска. „Колибри“ е четири страници што зрачат со љубов секој вторник! Среќен 67. роденден, „Колибри“! Продолжи да зрееш, а ние ќе растеме со тебе!
Славица Танеска, уметница
Среќен роденден „Колибри“! Со тебе се запознав уште многу мала, кога беа моите први самостојни изложби. Уште оттогаш се информираше за моите успеси и крилјата на колибрито беа првите крилја на патот кон мојот сон да бидам сликар. Впрочем страниците на „Колибри“ секогаш се исполнети со мотивација и поддршка на младите таленти, што е голема реткост. Среќна сум што на страниците на ова списание заживеа и детскиот стрип „Марсо Марсоски“, кој беше прв што се објавуваше тука. Преку Марсо бев во можност да упатам поучни и едукативни пораки кон децата. Токму поддршката и едукацијата на децата сметам дека треба да бидат најголема вредност за една држава, а „Колибри“ успешно го прави тоа 67 години. Честитки и само напред уште многу години!
Владо Јаневски, писател и ликовен уметник
Како писател и автор на стрипот „Палавковците Влатко и Емче“ го сакам прилогот „Колибри“ не само како дом на палавковците туку и како место каде што може да се прочитаат интересни содржини од животот на голем број мали и големи деца, кои се појавуваат на страниците на овој интересен и редок весник. Некои од нив утре ќе бидат нашите идни писатели и верувам дека ќе сакаат „Колибри“ да продолжи да живее и понатаму за уште многу други идни генерации. Честит 67. роденден!
Каролина Мицевска, новинарка
„Колибри“ е историја, традиција, катче наменето за децата, да учат, да се образуваат, да се надградуваат, но и прилог во кој се промовираат талентите. Горда сум што 25 години сум со „Колибри“. Многу страници испишани, многу промовирани таленти, кои денес се гордост на Прилеп.Честитки за нашиот и ваш „Колибри“!
Биљана Лотеска, просветна работничка
Среќен 67. роденден, „Колибри“! Од срце честитам за оваа значајна годишнина на единствениот детски додаток, кој долги децении ги негува детството, љубопитноста и радоста кај децата низ Македонија.
„Колибри“ не е само додаток, тоа е спомен, инспирација и доказ дека зборот за децата има сила да расте и трае! Со секоја страница го чувате детскиот свет полн со боја, мудрост и креативност. И јас, како воспитувач, психолог, автор и поддржувач на детската литература, со голема благодарност гледам на соработката со вас. Вашите страници досега објавиле интервјуа, написи и информации за проекти што ги реализирам со љубов и посветеност и токму таа поддршка ја прави вашата мисија толку значајна.
„Колибри“ треба да постои и понатаму, затоа што децата заслужуваат свој глас, свој простор и своја магија на хартија. Во време на брза дигитализација, „Колибри“ останува искра на вистинска, тивка и топла комуникација со детското срце.
Нека лета „Колибри“ уште многу години, со леснотија, љубов и крилја од приказни!
Иванка Петровска, поетеса
Во пресрет на 67-та годишнина од постоење на литературниот додаток за деца „Колибри“, како дел од дневниот весник „Нова Македонија“, постхумно му изразувам благодарност на мојот татко Ристо, кој од рана возраст, како најмала од четирите деца, ми го даваше да го разгледам и ги исчитам од прв до последен застапените прилози. Тоа за мене беше посебна привилегија, што пред другите негови деца, токму мене ми ги врачуваше страниците од додатокот. Со сигурност можам да кажам дека со радост се сеќавам на тоа чувство дека токму мене ми беше доверен додатокот на неговата библија – весникот „Нова Македонија“, кој и мене подоцна ми стана неразделен и најдобар другар и бев претплатена да го добивам секаде каде што живеев: во Белград, Лондон и долги години во Мелбурн. Тој гест од негова страна, кога бев малечка, беше како да сум добивала чоколадо секој ден. Ми стана навика да бидам информирана и за тоа што се случува надвор од домот, од татковината. Така кај мене се вроди и се зацврсти желбата да читам и дА пишувам…
Додатокот „Колибри“ треба и понатаму да биде дел од раното детство на секое дете.
Честитки за роденденот кон сегашниот тим и кон сите досегашни и идни учесници во креирање на ова уникатно четиво за најмладите!
Мирјанка Селчанец, писателка
Ова што сега ќе го напишам првпат го кажувам јавно. Имав 13 години, учев во седмо одделение во прилепското училиште „Кочо Рацин“. И тогаш, во весникот „Нова Македонија“ се појави додатокот „Колибри“. Ме воодушеви, исто како што бев воодушевена од мојата прва платонска љубов кон мојот соученик К.К.М. Тогаш кога го прочитав првото издание на „Колибри“ јас „пливав“ во водите на љубовта. Напишав и песна за врапчето, па ја испратив до редакцијата. Следната седмица моите стихови потпишани со моето име и презиме (Мирјана Мирческа) веќе можеа да ги прочитаат сите што го читаа подлистокот. Мојот другар од третата клупа (во кого бев тајно вљубена откако игравме „маж“ и „жена“ во една детска драма) ја прочитал мојата песна и… Додека учителката по македонски јазик Вера Кареска си го запишуваше часот, мојот љубен К.К.М. застана пред таблата и пред сите ученици во нашето одделение ја прочита мојата песна. А откако заврши, рече: „Гледате со каква поетеса ние учиме?“ Силен аплауз беше одговорот од моите соученици, а и од учителката Кареска. А јас, наивна како врапчето што го опеав во стихови, си помислив: „Изгледа и тој е платонски вљубен во мене…“ Ах, младост, ах, пубертет, ах наивност!!! Мојата платонска љубов засекогаш си остана таква, а еден ден кога веќе бев баба на три внуци седнав и напишав сонетен венец со наслов „Љубовта не умира“ и го отпечатив во збирката песни „Венец од мирта“.
Примете ги моите поздрави за целиот тим што го подготвува „Колибри“.
Саво Костадиновски, писател
Честопати сум пишувал за разни јубилеи, а овој пат сум посебно инспириран бидејќи „Нова Македонија“ е првиот весник по ослободувањето на Македонија, па ми буди спомени од минатото. Исто така, додатокот „Колибри“ е првиот додаток за деца во македонскиот дневен печат.
Токму затоа со големо задоволство го честитам 67-от роденден, со желба, како досега, страницата на „Колибри“ да бидат привлечни за децата, да се дополнат со нови содржини и успешно да ги едуцираат и да ги забавуваат младите читатели. Лично јас, иако сум во одминати години, сѐ уште соработувам со „Колибри“. Наедно, овде во Келн, Германија, им препорачувам и на моите блиски роднини и пријатели, нивните деца преку интернет да го читаат овој прилог во вторниците и на тој начин да го практикуваат македонски јазик. Ме радува и фактот што лично се познавам и сум соработувал со сите досегашни уредници: од Евгенија Шуплинова, преку Перо Миленкоски, Наум Попески, па сѐ до сегашната уредничка Марија Таушанска… Среќно, и за многу години!
Гордана Каракашевска, поетеса
Среќен роденден „Колибри“! На 8 јули 2025 година, „Колибри“, единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат, кој излегува во рамките на весникот „Нова Македонија“, ќе го одбележи својот 67. роденден.
Оваа годишнина не е само бројка, туку сведоштво за трајната љубов, труд и посветеност со кои низ децении се градел и се одржувал овој уникатен детски свет на пишаниот збор.
За многумина, „Колибри“ беше почеток – првите стихови, првите приказни, првото чувство дека зборот може да допре срце. Пред околу 35 години, токму овде беа објавени моите први песни. Тоа беа моите први чекори во книжевноста. Благодарна сум.
„Колибри“ е повеќе од додаток – тоа е спомен, искра, поттик и глас на многу генерации што растеле со него, со имагинацијата и со љубовта кон пишаниот збор. Нека живее „Колибри“ уште многу години!
М.Т.
Среќен роденден „КОЛИБРИ“
К ога песната на малата птица
О декнува во сите срца додека
Л ета и прелетува низ времето како
И нспирација и мотивација, како
Б огатство во стихови и приказни
Р аскажани со љубов за најмалите
И најмилите-тогаш радост е, среќа е…
Ксенија Маказлиева Трајчева, писателка
Живко Поповски-Цветин
Зад мене се 40 години соработка со „Колибри“ во мисија на мирот со цвеќето, за поубав и посреќен живот на децата во Македонија и светот!
Наташа Старделова
„Колибри“ го сакам поради секогаш уникатните и оригинални конкурси на кои учествуваат моите ученици и поради секогаш подадената рака за соработка со најмладите.
Валентина Бачваровска
Растевме со „Колибри“. А и самата како коректор во „Нова Македонија“ бев меѓу „првите читатели“. Нека трае бесконечно тоа што е добро и вредно и за генерациите што доаѓаат.
Виолета Цветковска
Едно од ретките убави нешта што со децении опстојува! Честитки!