Од творештвото на бугарскиот писател за деца Ангел Иванов Каралијчев
Далеку во океанот, на островот Мадагаскар, живее едно мало пиле, колибриче. Вие мили читатели веројатно не знаете ништо за најмалите птици, кои се ведат во топлите јужни краишта. Тие се викаат колибри. Секое пиленце е големо колку една мува. Затоа учениците ја викаат „птица мува“. Чудна облека ѝ дава природата на таа птица. Има колибричиња црвени како цреши или жолти како килибар и зелени како шумата. Кога колибричето ќе слета на некое слонче прилега на расцутено цвеќе. Сончевата светлина игра по неговите пердувчиња и тоа блеска како скапоцено каменче. Колибричето е малечко, но самото се смета за многу големо, како и секое дребно нешто на светот.
Колибричето Мадагаскарче беше си свиткало седело некаде во шумата, на едно тенко дрво крај врвицата што води кон гората на слоновите. Седелото му беше големо колку напрсток, а јајцата што ги снесе пилето прилегаа на семки од јаболка. Легна врз нив колибричето и си изведе три пилиња. Тие беа толку малечки, та кога мајка им ќе фатеше некоја мува одвај ќе можеа да ја проголтаат.
Еднаш старата птичка стана рано и им рече на децата:
– Дечиња, останете мирни во седелото и не мрдајте. Јас ќе се вратам по еден час.
– Каде ќе одиш? – ја запрашаа пиленцата.
– Одам во селото Чики-Тава. Таму има бананови градини. Ќе ви донесам на ручек бананова кашичка. Бидете само послушни, стуткајте се и поспијте малку дури да се вратам.
Штом мајката замина, пилињата ги мушнаа главичките во топлиот мов на седелото и задремаа. Токму во тоа време од шумата излезе еден слон. Чекореше бавно, мавташе со сурлата и целата земја се тресеше под неговите нозе. Одеше надолу кон реката. Кога стигна до дрвцето на колибричињата, застана и почна да си ја чеша сурлата. Дрвцето се залула и една росна капка падна во седелото. Колибричињата трепнаа и се разбудија.
– Поплава! – извикаа наглас намокрените душички. Ги подадоа главчињата надвор и истрпнаа од страв кога го видоа слонот. А тој си ја чешаше долгата сурла и силно го виткаше надолу дрвцето.
– Стој, дедо! Што правиш?! Ќе нѐ истресеш од седелото! – писнаа во хор трите пилиња.
– Кој брмчи таму горе? – праша слонот и ја крена сурлата кон седелото. Кога ги виде малите намокрени пиленца почна да се смее. Од силното дување едно колибриче излета надвор, тупна на земјата и рече:
– Оп-пара!
Слонот замина. По малку се врати старата птичка. Ја зеде рожбата од земјата, ја крена во седелото и ја праша:
– Што се случи?
– Ах, мајче ти не знаеш страшно нешто мина оттука! – забрмчеа пиленцата.
– Беше ли големо?
– Многу големо, со две опашки, една однапред и една одназад.
– Колку беше големо, колку мене ли?
– Многу поголемо!
Тогаш птицата се накостреши и почна да се дуе:
– Кажете деца, олкаво ли беше?
– Уште поголемо!
– Како уште поголемо? Ох, смешни глупави пилиња! Тогаш треба да било олкаво! – и таа се наду уште повеќе.
– Не, мајко, уште поголемо.
– Ох, деца, вие ќе ме натерате да пукнам од смеа. Има ли нешто поголемо од мене? Гледајте сега, кога ќе ги раширам крилјава, целото седело го покривам. Кога ќе помине вторпат, тоа нешто, сакам да ми го покажете.
– Зошто мајко?
– Ќе го колвнам!
Пилињата почнаа да се смеат, но за да не ја натажат мајка си, ги скрија клунчињата во крилцата.
За авторот
Ангел Иванов Каралијчев е бугарски писател и преведувач, кој стекна популарност со своите раскази и со книгите за деца. Роден е на 21 август 1902 година во с. Стражица, област Велико Трново, а умира во 1972 г. во Софија.
Работи како редактор и соработник во неколку периодични изданија и издавачки куќи. Пишува раскази, патописи и сказни, ги прераскажува бугарските и странските приказни и легенди. Неговата писателска дејност почнува кога како 17-годишник во списанието „Ученичка мисла“, во Русе, му ја објавуваат песната „Орелот“. Подоцна дипломира дипломатија на Универзитетот во Софија во 1928 година, по што сѐ почесто почнува да ги публикува своите дела во литературни списанија. Во 1924 година излегува од печат неговата прва книга за деца „Мечо“. Автор е на неколку книги со раскази, како и на 15 книги за деца и млади. Во 1974 година постхумно добива меѓународна награда за својата литература за деца.
Книгата „Кладенче“ на Ангел Иванов Каралијчев долго беше лектира за трето одделение во нашата земја, во превод на Душко Брдарски.