Емилија Луиз Флиге не била само пријателка и животна сопатничка на еден од најпознатите сликари од периодот на арт нуво туку и жена што ја обликувала визијата за уметничката мода и стилот на преминот од 19 и 20 век. Таа е најпозната како инспирација на Густав Климт за сликата „Бакнежот“

Која е убавата загадочна жена на сликата „Бакнежот“ на еден од најпознатите сликари на почетокот на 20 век, Густав Климт? Познавачите на неговиот живот и дело речиси се сигурни дека тоа е дизајнерката и модна икона, Австријка родена во Виена, Емилија Луиз Флиге. Иако низ животот на Климт поминале многу жени, таа останала запаметена по славната слика.
Емилија Луиз Флиге не била само пријателка и животна сопатничка на еден од најпознатите сликари од периодот на арт нуво туку и жена што ја обликувала визијата за уметничката мода и стилот на преминот од 19 и 20 век. Нивната врска била длабоко вкоренета во заедничкиот дух на слобода, креативност и неограниченост од општествените норми.

Модна икона и дизајнерка

Родена на 30 август 1874 година во Виена, Емилија пораснала во семејство што поттикнувало независност и иновација. Таа заедно со своите сестри го отворила модниот салон „Флиге систерс“ каде што ја промовирала т.н. реформистичка мода. Нејзините креации, ослободени од стегите на корсетите и класичните викторијански норми, им понудиле на жените удобност и слобода на изразување, што било револуционерно за тоа време. Креациите на Емилија биле слични на она што го правел Климт во својата уметност.
Тие се запознале на крајот на 19 век, кога Климт веќе бил познат уметник, а Емилија амбициозна млада дизајнерка. Нивната слободарска љубов траела повеќе од 27 години, до смртта на Климт во 1918 година. Иако никогаш не ја официјализирале својата врска, нивното пријателство и уметничко партнерство биле неизмерно значајни. Неговите последни зборови наводно биле: „Викнете ја Емили“.

Иновативни креации на музата на Климт

Емилија и Густав летувале на езерото Атерзе во подножјето на Алпите во Горна Австрија, каде што уживале во природата и тишината далеку од метежот и вревата на Виена. Во градот Лицлберг, во вилата „Паулик“, Емилија често му била придружничка на Климт додека тој ги создавал своите дела инспирирани од алпските пејзажи и пенливите води на ова божествено езеро чија вода можела слободно да се пие. Нивните летни одмори не биле само бегство од секојдневието туку и време на интензивна уметничка инспирација.
Во блискиот град Шрефлинг отворен е и музеј, попознат како „Климт центар“, кој нѐ потсетува на оваа силна љубов и уметничка врска, нудејќи погледи во делото на Густав Климт и неговите помалку познати пејзажи, кога бил инспириран од цветните полиња на ова идилично место. Има дури и место во музејот, со прозорец, од кој можете да погледнете низ очите на Климт во воодушевувачката сцена. Затоа, не е чудно што Климт тука нашол инспирација за своите ремек-дела, кои и денес им го привлекуваат вниманието на љубителите на уметноста. Во музејот се изложени и креации на облека дизајнирани од оваа извонредна жена.
По смртта на Климт, Емилија продолжила да го води својот салон и да го одржува сеќавањето на уметникот со зачувување на нивните писма и цртежи. За време на Втората светска војна, таа го изгубила најголемиот дел од својот материјален имот, но останала симбол на силна и независна жена. Таа починала во 1952 година, оставајќи зад себе наследство не само во модата туку и во историјата на уметноста.
Едно е сигурно, Емилија Луиз Флиге била многу повеќе од муза на Климт – таа била иноватор, уметник и симбол на женското зајакнување во време кога се очекувало од жените да останат во традиционалните улоги.