Фото: „Нова Македонија“

Во третово продолжение анализираме седум ставки во категоријата „настрадани лица според категоријата на учесниците, по години“ што се достапни во базата на податоци МАКСТАТ на Државниот завод за статистика. Накратко, во базата МАКСТАТ на ДЗС, во категоријата „настрадани лица според категоријата на учесниците, по години“, многу се зголемиле бројките во три ставки: настрадани лица вкупно, полесно повредени вкупно, полесно повредени возачи на патнички автомобили и патници. Ова е неопходно да се сподели со јавноста и да има превентивно-предупредувачки ефект кон граѓаните и кон учесниците во сообраќајот, токму заради зголемување на внимателноста и на претпазливоста и за најстрого почитување на прописите, кога активно се влегува во сообраќајот

ОСВРТ НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“ НА СТАТИСТИЧКИТЕ ПОДАТОЦИ ЗА СООБРАЌАЈНИТЕ НЕЗГОДИ ВО ДРЖАВАТА ОД 2010 ГОДИНА (3)

 

Денешното продолжение е трето во пакетот написи за феноменот „сообраќај на патиштата“ во Македонија. Целта на написите е мобилизирање и фокусирање на сите општествени чинители за децидно и решително спроведување на мерките и активностите за поголема безбедност на сообраќајот на патиштата. До стигнување на целта, која значи висока безбедност и сигурност на сите учесници во сообраќајот – има патишта и има решенија. Особено во делот од превенцијата, на која е неопходно интензивно да се поработи.
Во продолжение е денешниот статистички осврт кон сообраќајките во нашата држава, како црвено предупредување дека треба да направиме сѐ за тие да запрат!

Во МАКСТАТ на ДЗС во ставката „настрадани лица, вкупно“ во почетната 1995 година настрадале 3.600 лица, а во завршната 2021 година 6.775 лица, за што пресметавме дека е зголемување од околу 88 отсто. Во оваа ставка пишува дека „не се опфатени незгодите со материјална штета“. Го поделивме овој период на три етапи.
Во првата етапа од десет години, од 1995 до 2004 година, во шест години бројката била поголема од три илјади (највисока, 3.600, била во 1995 година), а во преостанатите четири години била помала од три илјади (најниска, 1.937 лица, била во 2001 година).
Во втората етапа, која трае две години, просечната бројка се зголемила за околу 1.500 лица повеќе отколку во 2004 година, кога имало 3.082 лица. Во овие две години бројката била над четири илјади лица: 4.319 настрадани во 2005 година и 4.936 во 2006 година.
Во последната, трета етапа, која трае петнаесет години (2007-2021), бројката била поголема од пет илјади, а во десет од нив – повеќе од шест илјади. Наспроти три од последните четири години во кои се забележани најниските бројки во оваа етапа, во 2021 година е евидентиран вториот највисок број (6.775 лица) воопшто во оваа ставка.
Во ставката „полесно повредени, вкупно“, во почетната 1995 година биле повредени 2.491 лице, а во завршната 2021 година 5.867 лица, за што пресметавме дека е зголемување од околу 136 отсто. Овој период може да го поделиме на шест етапи.
Во сите десет години (1995-2004) од првата етапа бројката се движела помеѓу 1.337 (во 2001 година) и 2.491 (во 1995 година), при што во седум години биле повредени повеќе од две илјади лица, а во преостанатите три бројката била помала од две илјади.
Следува радикално зголемување, приближно е удвојување, во втората етапа: во 2005 година полесно биле повредени 3.357 лица, а во 2006 година 3.967 лица.
Бројките многу се зголемиле и во третата етапа (2007-2021), при што во 13 години имало повеќе од пет илјади, а во две години бројката била помала од пет илјади (4.378 во 2019 година и 4.940 во 2020 година). Осетно се зголемила бројката (5.867) во 2021 година.
Во ставката „полесно повредени возачи на патнички автомобили и патници“, во МАКСТАТ на ДЗС во почетната 1995 година бројката била 1.418 лица, додека во завршната 2021 година изнесувала 4.308 лица, за што пресметавме дека е зголемување од околу 204 проценти.
Го поделивме овој период на шест етапи. Во првата етапа (1995-1999), бројот се движел помеѓу најниските 1.188 (во 1998 година) и највисоките 1.418 (во 1995 година).

Во втората етапа бројката се намалила: во 2000 година била 922 лица, а во 2001 година 763 лица, што е најниска бројка во текот на сите 27 анализирани години.
Во третата етапа (2002-2004) бројката секогаш била поголема од илјада лица.
Во четвртата етапа (2005-2006) бројката значително нараснала и изнесувала повеќе од две илјади лица: 2.069 полесно повредени во 2005 година и 2.463 во 2006 година.
Бројките најмногу нараснале во петтата етапа (2007-2020). Во дванаесет години бројката била поголема од три илјади, во 2011 година 4.032, а единствено во 2019 година имало помалку од три илјади (2.894) полесно повредени возачи и патници.
Во последната анализирана (2021) година полесно се повредени рекордни 4.308 лица.
Утврдивме алармантни показатели во ставката „полесно повредени други лица“ во МАКСТАТ на ДЗС. Во 1995 година биле три, а во 2021 година 351 лице.
Го поделивме овој период на две етапи. Во првата етапа, која трае 25 години (1995-2019), единствено во 2010 година не било полесно повредено друго лице. Во петнаесет години бројот бил едноцифрен. Во преостанатите девет години бројот се движел помеѓу десет (во 2007 и 2009 година) и дваесет (во 1998 и 2013 година).
Во последнава, втора етапа (2020-2021) бројот осетно се зголемил: во 2020 година 318, а – како што споменавме – во 2021 година полесно се повредени 351 лице.
Неколкукратни зголемувања има во две ставки во МАКСТАТ на ДЗС, пред сѐ во „полесно повредени возачи на мотоцикли и патници“ уште и во „потешко повредени возачи на мотоцикли и патници“. Мала надеж во двеве ставки гледаме во податоците за последните неколку години бидејќи доста се намалени бројките, а особено во ставката „полесно повредени возачи на мотоцикли и патници“.
Во ставката „полесно повредени возачи на мотоцикли и патници“ во почетната 1995 година бројката била 59 лица, а во завршната 2021 година 207 лица, за што пресметавме дека е зголемување од 250 проценти. Откако во првите девет години (1995-2003) бројката била двоцифрена, па во 2004 и 2005 година просекот бил 116, преку 207 во 2006 година, алармот бил најавен со дотогаш рекордните 389 во 2007 година. Црвеното светло било вклучено од 2008 до 2010 година, кога биле забележани највисоките три цифри: 462 во 2008 година, 486 во 2009 година и 433 во 2010 година. Во повеќето од последните единаесет години, споредбено со претходната година, се намалил бројот – шест пати бројот бил помал од триста: најмалку во 2020 година (196) и во 2021 година (207).

Во ставката „потешко повредени возачи на мотоцикли и патници“ во почетната 1995 година бројот бил 40 лица, додека во завршната 2021 година изнесувал 92 лица, за што пресметавме дека е зголемување од 130 проценти. Откако во првите дванаесет години (1995-2006) бројот бил двоцифрен (помеѓу најниските 25 во 2001 година и највисоките 68 во 2006 година), во секоја од следните девет години (2007-2015) бројката била поголема од сто, од кои најголема (152) била во 2009 година. Во три (2016, 2019 и последната 2021 година) од последните шест години бројката била помала од сто, а во преостанатите три години таа се движела помеѓу 114 (во 2020 година) и 138 (во 2017 година).
Катастрофален е порастот во ставката „потешко повредени други лица“ во МАКСТАТ на ДЗС. Во првите 24 години (1995-2018) пет пати немало потешко повредено друго лице, а во преостанатите 19 години бројката била едноцифрена, при што само во три од тие 19 години бројката биле најмалку пет потешко повредени други лица. Во последниве две години, во 2020 и 2021, бројот бил по 92 потешко повредени други лица.

Живко Здравковски

(продолжува)