Илустрација: „Нова Македонија“

Со постојаните аргументирани критики на Преспанската спогодба, како и на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, целта беше да се разбуди свеста кај меѓународната заедница дека се работи за отворен напад врз суверенитетот на една држава и врз идентитетот на мнозинскиот народ во таа држава. Сега, кога половина Европа и САД се свртеа кон ревизија на неолиберализмот, навестувајќи крај на стратегијата, дизајнот и структурите на таа идеологија, суверенистичкиот пристап и заштитата на националното и македонскиот отпор против наметнатите условувања, преточени во „договори“, се гледаат како повеќе од оправдани. Токму затоа е важно Македонија да гради блиски релации со САД и традиционална Европа и да инсистира на продлабочување на стратегискиот договор со Американците во насока таа соработка да се интензивира во уште повеќе области

Некои експертски ставови во врска со навигирањето на македонската надворешна политика во новите
евроатлантски текови

По неодамнешните разговори за Украина меѓу високите претставници на САД и на Русија во Саудиска Арабија, од кои беше исклучена Европската Унија, францускиот претседател Емануел Макрон прави обиди да ја факторизира Унијата во глобалните процеси што се случуваат буквално во европскиот двор, а таа нема никакво влијание во носењето одлуки.
Американската шлаканица за ЕУ на Минхенската безбедносна конференција очигледно ги разбуди од длабокиот сон европските челници, кои сега бараат начини некако да се вратат во игра, но сите обиди засега им остануваат јалови.

Макрон свикува состаноци на кои уште повеќе испливуваат на површина европските
поделби

Вонредниот состанок што во понеделникот го одржа францускиот претседател Макрон, на кој присуствуваа лидерите на мал број клучни европски земји од старото јадро на Унијата, попознати како европска прва лига, дополнети со претставници на НАТО, заврши со целосно фијаско откако учесниците на состанокот не можеа да се договорат околу заедничката декларација што беше ставена на маса пред присутните.
Дополнително, по вонредниот состанок во понеделникот со само одбрано европско друштво, реакции стигнаа од преостанатите членки на Унијата, кои се почувствуваа маргинализирано, така што Макрон најави дека ќе организира нов состанок со претставници на „неколку европски и неевропски држави“ за Украина, како мала утеха за незадоволните членки.
Но и со овие и без овие состаноци на францускиот претседател, на крајот ништо нема да ја промени сликата што деновиве се создаде кај европската јавност, дека САД целосно ја преземаат диригентската палка во процесите на европско тло. Ваквиот исход следуваше откако Вашингтон увиде дека ЕУ не може да најде решенија ниту за најбанални работи, вклучувајќи го и тоа како да ја надмине билатерализацијата на процесот на проширувањето, а не, пак, да биде клучен играч во надминувањето на руско-украинскиот конфликт.
Универзитетскиот професор и поранешен вицепремиер и амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски, најпластично го објасни моменталниот американско-европски однос околу клучните прашања.
– Кога станува збор за решавањето на конфликтите, Американците се тие што ја приготвуваат вечерата, а Европејците се тие што ги мијат чиниите – изјави Наумовски.
Она што им станува повеќе од јасно на европските лидери тоа е дека на овој или оној начин ќе мораат да ги прифатат условите на американскиот претседател Доналд Трамп, особено во поглед на трговијата, ако сакаат да ја спасат веќе длабоко девастираната европска економија. Токму тука можат да се насетат обидите на ЕУ да ги одоброволи САД со единствена цел да спречат трговска војна во која повеќе од извесно е дека Европа ќе биде најголемиот губитник. Впрочем, европските економии го платија цехот за безумната војна во Украина, така што евентуална трговска војна со САД ќе значи тотален економски колапс и многу извесен крај на самата ЕУ, во оној формат во кој што постоеше досега.
Во една таква констелација на односите, кога Унијата грчевито се бори за зачувување за својата релевантност по Минхенската безбедносна конференција и преговорите во Ријад на кои не беше поканета, изостанува каков било фокус на процесот на проширување, туку се води гола борба да се спаси она што може да се спаси во односите со Вашингтон.
Од тие причини, она што ѝ преостанува на Македонија е да ја продолжи дипломатската офанзива во насока на продлабочување на стратегискиот договор и соработката со САД, имајќи го предвид суверенистичкиот пристап на новата македонска влада, што е на иста линија со актуелната американска политика.
Со постојаните длабоко аргументирани критики на Преспанската спогодба, како и на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, целта беше да се идентификува, да се препознае и широко да се интернационализира противправноста на документите што беа потпишани под ултиматум и уцени и да се направи (светски) транспарентна постапката на отворен напад врз суверенитетот на една држава и негирање на идентитетот на мнозинскиот народ во една држава. Сега, кога половина Европа и САД се свртеа кон ревизија на неолиберализмот, навестувајќи крај на стратегијата, дизајнот и структурите на таа идеологија, суверенистичкиот пристап и заштитата на националното и македонскиот отпор против наметнатите условувања, преточени во „договори“, се гледаат како повеќе од оправдани. Токму затоа е важно Македонија да гради блиски релации со САД и традиционална Европа и да инсистира на продлабочување на стратегискиот договор со Американците во насока таа соработка да се интензивира во уште повеќе области.
А најдобра потврда дека македонската дипломатија направила добра процена каде да ја насочи енергијата е и новата посета на премиерот Мицкоски на САД, каде што присуствува на годишна политичка конференција на конзервативните активисти и функционери републиканци од САД.
Тоа ќе биде уште една добра можност да се претстават македонските позиции во однос на суверенистичкиот пристап кон прашањата од надворешната политика, за што неодамна говореше и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција.

Поголем осет за барањата на граѓаните и за националните интереси

Новиот американски пристап е да се слушне гласот на народот кога се работи за прашања што се однесуваат на националните интереси, а Македонија токму тоа и го бара, да се уважи народната волја и по прашањата за уставните измени, но и по прашањето за промена на името, чинови спротивни на меѓународното право и на целата меѓународна констелација на меѓународните односи. Онака како што американскиот народ ја избра својата политичка опција во следните години, така секој народ има неприкосновено право самиот да го одбира патот по кој ќе чекори. Ако во земјава само 20 отсто поддржуваат уставни измени, како што покажуваат истражувањата, понатаму и дека 80 отсто го отфрлаат т.н. француски предлог, тогаш демократскиот институт наречен референдум идентификувал одговор како земјава понатаму да постапува во креирањето на политиките што ги наметнува ЕУ. Овој демократски институт беше најдрско погазен при одлучувањето за промена на името, а европското интерферирање во целиот процес директно влијаеше сето тоа да се случи со погазување на демократијата и на волјата на граѓаните.
Во тој контекст се и размислувањата на професорот Васко Наумовски, кој смета дека новата американска администрација ќе гради односи на билатерална основа со земјите од Европа, вклучувајќи и со Македонија, особено со оние што се блиски до оваа американска идеолошка матрица.
– Она што беше поента на американскиот потпретседател во неговото излагање на Минхенската безбедносна конференција треба да биде сериозно сфатено од страна на европските лидери. Тој навлезе дури и малку подлабоко, дискутирајќи за внатрешните прашања на некои од земјите членки на ЕУ, што секако беше шокантно за голем дел од нив, меѓутоа онаа идеолошка пресвртница што настана во Белата куќа веројатно ќе биде на агендата на американската надворешна политика на тлото на Европа. Ние сега имаме избори во Германија, избори во некои други европски држави и не е тајна дека американската администрација, понекогаш неформално, меѓутоа некогаш и отворено поддржува определени политички структури што се сродни на нејзината идеологија што не е по волја на оние традиционални европски политички партии. Тие сега дискутираат и негодуваат поради некакво мешање во внатрешните работи, што повторно ги истакнува различните стандарди во Европа. Македонија и многу други држави во регионот се соочија со тоа. Европските држави не се против концептот за мешање во внатрешните работи, туку се против тој концепт кога не е по нивна волја. Мислам дека она што беше претставено како став на САД на Минхенската безбедносна конференција, можеби ќе им треба малку време на европските политичари да го сварат и да се соочат со фактот дека оваа нова администрација на претседателот Трамп веројатно ќе има еден поинаков однос и кон европските партнери. Поделбата на стара Европа и нова Европа повторно доаѓа на ред, оние држави од Централноисточна Европа што се посродни идеолошки на администрацијата на претседателот Трамп веројатно ќе имаат поголема улога и американската администрација ќе има различен третман кон нив. Тука се Унгарија, Полска, Словачка, нема да бидеме нескромни ако кажеме и дека Македонија има една добра комуникација со новата администрација на претседателот Трамп за разлика од многу земји членки на ЕУ. Во оваа нова распределба на картите на европското тло, секоја држава ќе сака да ги заштити своите национални интереси што е во контекстот и на таа билатерализација на односите и на американската надворешна политика, дека билатералните односи на САД со државите од Европа ќе доминираат над оние односи со ЕУ како структура – заклучува Наумовски.