Според преданието, градот Дебар се наоѓал кај денешното село Граждани – денес во Албанија, а потоа се преместил и се прилепил до старото село Раовник (Орехово), а пак друго предание вели дека селото Коџаџик „пред доаѓањето на Турците и долго време потоа се викало Оровник“. Менувањето на положбата на имињата на градовите било многу честа појава во историјата. Името Дебар како име на областа било во употреба уште во првите децении од отоманското освојување. Името Дебар се појавува и во опширниот пописен дефтер бр. 4 од 1467/1468 година, меѓутоа не е јасно дали се мисли на областа или на градот
Се поставува прашањето дали е можно каде што лежи сега денешен Дебар да не постоела некоја важна средновековна населба. Податоците покажуваат дека главната сообраќајна раскрсница е во дебарската котлина, која секогаш била направена во некоја голема населба. Тоа го потврдуваат и многубројните знаменитости и храмови. Така, во градот или непосредно околу градот од крајот на 19 век се обновени или пронајдени седум стари цркви и манастири. Целосно или делумно се обновени црквите „Свети Никола“, „Св. Петка“ и „Св. Недела“ во населбата Варош, потоа црквата „Св. Петка“ во Долната Населба. Во урнатини се манастирот „Пијанец“ северозападно од Дебар, една црква во југоисточниот дел на градот и една црква во населбата Тикварци. Околу овие цркви има остатоци од гробови. Од ова се гледа дека христијаните не можеле да градат многу црковни храмови во османлискиот период, туку се претпоставува дека тие се од времето пред доаѓање на Османлиите. Толку голем број на храмови можело да има само некое значајно населено место. Затоа не треба да се бара дека денешен Дебар како населба настанал во османлискиот период, туку дека тој постоел и пред тоа. За тоа зборува и појавата што Османлиите во освоените области, најчесто, ако не и редовно, се населувале во затекнати и развиени за живот и средени населби.
Дебар под османлиска власт потпаднал по конечниот неуспех на Скендербег во 1449 година. Градот прв по име во 15 век го спомнува Барлеције (Barletius), биограф на Ѓорѓи Кастриот, кога од дебарскиот крај патувал за Полог и Скопје. Ф. Петанчиќ во 1502 година за Дебар (Dibra) наведува дека е добро населен град. Во ферманот на султанот Сулејман во 1521 година, Дебар се споменува како седиште на кадиите, што значи станува збор за позначајна населба. Во 1545 година во Венеција е издадена картата Валвасориус, во која во северозападниот дел на Македонија е означен град Дебрис (Dibris). Тоа е несомнено градот Дебар. Две години подоцна (1547 г.) во еден запис се среќава Висарион – јеромонах на Дебар. Кон крајот на 16 век (1589 година) Дебар (Dibra) се спомнува во атласот на Г. Меркатор.
Во 17 век Дебар го споменува турскиот географ Хаџи Калфа, при што се наведува дека градот му припаѓал на Охридскиот санџак. Според неговиот опис, Дебар лежел „меѓу Охрид, Кичево и Тетово, 17 дена од Цариград“ (Ст. Новаковиќ, Хаџи-Калфа или Ќатиб-Челебија, турски географ XVII век, Споменик ср. кр. академије VIII, Београд 1892, стр. 54). Во 17 или 18 век денешен Дебар е седиште на епископија (Р. Грујиќ, Дебарска епископија, стр. 566). За време на Австро-турската војна во 1689 година, не се знае дали Дебар бил засегнат од воените операции. Тогаш, по традиција, се наведува дека Мијаците, кои му припаѓаат на дебарскиот крај, се бореле во султановата војска против Австријците кај Влајница (Т. Смиљаниќ, Мијаци, Горна Река и Мавровско Поле, В. Кнчов, Македонија, Софија 1900, стр. 85). Најмалку податоци за Дебар има во 18 век. Во 19 век Дебар се спомнува во делата на разни патеписци. Така, Пуквиљ на почетокот на 19 век за Дебар (Горни Дебар) вели дека има 200 домаќинства, што наведува за претпоставка дека Дебар пред тоа настрадал. Според описот на Бус, околу 1837 година Дебар имал 4.200 жители, 64 дуќани, џамија и караван-сарај. Доктор Милер во 1844 година запишал дека Дебар има од 500 до 540 куќи со 4.200 жители. Притоа, жителите на градот во него се занимавале со изработка на челични производи, кожарство, бојаџиство и со бозаџилак (Ј.Х. Василевиќ, Град Дебар у време ослобоѓења 1912 г.). Во првата половина на19 век за минатото на Дебар е интересна појавата на одметникот Дали-бег, кој се сметал за господар на областа. Истиот тој околу 1840 година со војска бил нападнат и покорен од турскиот војсководец Ајредин-паша. Притоа борбите се воделе кај местото Удово, непосредно под Дебар. Конзулот Хан во 1863 година сознава дека во Дебар има 2.000 домаќинства, од кои повеќето биле муслимански. Во 1868 година Г. Прличев го означува Дебар како град богат со грабливци и насилници, поради што животот на христијаните бил прилично тежок (Григор Прличев,Автобиографија). Според С. Гопчевиќ од 1889 година, Дебар имал 12.000 жители, од кои 4.000 биле „Арбанаси“ (Албанци).
Во градот тогаш постоела чаршија со развиени пушкарски и кујунџиски занаети. Гопчевиќ наведува уште и дека Дебар бил град на знаменитости. Според бугарскиот етнограф В. Кнчев, Дебар имал 15.000 жители, при што 4.500 православни, а другите муслимани (В. Кнчев, Македонија – етнографија и статистика, за Дебарска каза 1900 г.).
Од разните извештаи на пишувачите за Дебар за втората половина на 19 век, Дебар главно е претставен како град во кој владеело безвластие и каде што често се случувале бунтови. Најголемиот бунт избил во време на Руско-турската војна. Тогаш муслиманите направиле многу штета над христијаните и ги принудиле на непрекинато иселување. Пред крајот на османлиското владеење Дебар се опишува како град во кој владее анархија. Османлиската власт поради одметниците речиси и не постоела. Според Ј. Цвијиќ, осилените дебарски бегови не се задоволувале само со ограбување на блиската околина туку ги освојувале чифлиците околу Струга, Битола и Прилеп. Беговите држеле многу слуги околу себе, секогаш опасни типови, кои ги извршувале нивните наредби. Оттука, Дебар се нарекувал „љута Дибра“. Од овие насилници, властите формирале групи што палеле и пљачкале.
Административната положба на Дебар во минатото се менувала, а со тоа се менувало и неговото значење. Во 1521 година Дебар бил седиште на кадилак. Во 17 век Дебарската каза била во рамките на Охридскиот санџак. Во 18 век Дебар станал средиште на истоимениот Дебарски санџак. Притоа, во рамките на овој санџак влегувале казите: Горнодебарска со центар во Дебар, Долнодебарска со центар во Пишкопеја, трета била казата Река и четврта Голобрдска.
Непосредно пред заминувањето на Османлиите, Дебар бил седиште на санџак со три кази: Горнодебарска, Долнодебарска и Реканска. По Првата светска војна тој станал само погранично место, какво што е и денес.
Според изнесеното дотука, сметам дека историјата на градот Дебар (како за неговиот постанок така и за неговиот севкупен развој) треба да биде предмет на сеопфатни научни истражувања од страна на професионалци.
Крај
(Извадок од книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“ од Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија)