Фото: ЕПА
  • Експлозиите што во септември 2022 година го разнесоа гасоводот „Северен тек“ не беа само технички инцидент или чин на диверзија. Тие беа момент на геополитички пресврт. Подводните, но моќни експлозии што одекнаа од дното на Балтичко Море не го прекинаа само гасниот проток низ цевководите туку и удрија директно во (или од) центрите на моќ како Вашингтон, Москва, Берлин, а и Киев… Денес, речиси четири години подоцна, германските медиуми објавуваат детали од новинарски истражувања, со кои се прави чекор напред кон вистината за тоа кој знаел, кој ја одобрил, кој ја извршил, а кој се обидел да ја запре операцијата, но било предоцна…

Проектот „Северен тек“, долг повеќе од 1.200 километри, директно ги поврзуваше Русија и Германија преку Балтичко Море. Но за Киев таа директна гасна конекција Русија-Украина значеше губење милијарди долари транзитни такси и стратегиско слабеење.
Но, за Берлин, пак, проектот „Северен тек“ значеше евтин и стабилен енергетски извор.
Од друга страна пак, Вашингтон го сметаше проектот „Северен тек“ за „опасна зависност на Европа од Кремљ“. Во прилог на таквата констатација, уште пред почетокот на руско-украинскиот конфликт во 2022 година, тогашниот американски претседател Џо Бајден јавно се закани дека „проектот ’Северен тек 2’ ќе биде запрен доколку Русија тргне во војна“.
Во тој контекст, по почнувањето на руско-украинскиот воен судир и во моментот кога конфликтот ескалираше, гасоводот „Северен тек“ стана нешто повеќе од „висока инфраструктурна цел за отстрел“. Во секој случај, тој тогаш беше истовремено и стратегиски објект со висок степен на ранливост.

Состанокот во киевската населба Подил (пролет, 2022 год.)

Според истражувањето на реномираниот медиум „Шпигел“, во пролетта 2022 година во киевската населба Подил се одржале тајни средби меѓу претставници на украинските безбедносни структури и агенти на ЦИА.
Украинската страна, според изворите на медиумот, дошла со смела идеја. Имено, „да се уништи гасоводот ’Северен тек’“ на дното на Балтичко Море.
Планот бил технички комплексен. Имало потреба од нуркачи обучени за длабочини до 80 метри, воен експлозив, да се изнајми соодветна јахта и логистика, но сето тоа барало повеќемесечна подготовка.
Наводно, на почетокот Американците не се спротивставиле. Дури се создавал впечаток дека би можеле да помогнат со информации или финансирање. Но, подоцна, според истите извори на медиумот, ставот на ЦИА се сменил. Наводно, и ЦИА предупредила да не се оди во понапредна фаза од планирање и организацијата на диверзијата на гасоводот „Северен тек“. Се разбира, оваа информација што протече во јавноста, американската разузнавачка агенција ја отфрли како „целосно и апсолутно неточна“.

Човекот што дал зелено светло

Германските медиуми тврдат дека операцијата, со кодно име „Операција нуркање“, ја одобрил тогашниот врховен командант на украинската војска,Валериј Залужни. Денес тој е амбасадор на Украина во Велика Британија.
Во исто време, извори од Киев за новинарските истражувачи тврдат дека претседателот Володимир Зеленски „не бил информиран за планот“, а неговата администрација немала сознанија за операцијата.
Доколку ова се покаже точно, тоа би значело дека станува збор за државно координирана, но политички изолирана акција, односно операција спроведена без формално одобрение од врвот на извршната власт, што, според начинот на кој функционираше тогаш Киев, е малку веројатно.
И така, на 7 септември 2022 година од германско пристаниште испловила изнајмена јахта со име „Андромеда“. На јахтата имало шест мажи и една жена, цивилни нуркачи и капетан. Јахтата испловила со точно одредена цел и прецизни координати за закотвување. На јахтата претходно тајно и сукцесивно во Германија биле натоварени сите потребни технички средства за изведување на диверзијата. Во првата декада од септември јахтата „Андромеда“ пристигнала и се вкотвила во близината на островот Борнхолм. Таму биле поставени експлозивни направи на цевководите.
Неколку недели подоцна, сеизмографи во Шведска регистрирале потреси, а гасни меури широки до еден километар ја пробиле површината на морето.
Три од четирите линии на „Северен тек“ биле уништени.
Според „Шпигел“, поранешен украински командос Сергиј К. е во притвор во Хамбург. Налогот за апсење издаден од германскиот Сојузен суд на правдата наведува дека операцијата „многу веројатно била државно водена од Украина“.
Истражителите го поврзуваат случајот и со лицето Роман Червински, поранешен припадник на украинските безбедносни структури, кој важи за експерт за тајни операции. Тој наводно бил дел од елитна единица формирана по настаните од 2014 година, со учество на американски советници.
Но она што е исклучително интересно од безбедносно-разузнавачки аспект е информацијата дека во јуни 2022 година холандската воена разузнавачка служба МИВД добила информација за можен напад – диверзија на „Северен ток“ и за тоа ги известила ЦИА и германската разузнавачка служба БНД.
Новинарското истражување открива и дека „диверзантите ја одложиле операцијата, но не се откажале“. Наводно, во тој период ЦИА се обидела да изврши притисок врз Киев за да се откаже од планот, но без успех.

Сè уште отворени прашања

Во целото истражување на германските истражители се пронаоѓаат многу нови елементи, но сепак некои прашања немаат одговор.
На пример дали операцијата била автономна иницијатива на воени кругови? Дали Зеленски намерно бил исклучен од синџирот на одлучување или тоа воопшто не е точно?
Дали ЦИА навистина знаела за организацијата на диверзијата и ако знаела, зошто првично ја толерирала идејата, а потоа се обидела да ја запре?
Ако навистина веќе има несоборливи докази за луѓето што биле организатори и извршители на тој диверзантски акт, може ли сега полесно да се дојде до повисоките нивоа на еден ваков милитантно-девастирачки проект со длабоки политички и економски референци и интереси, односно да се дознае кои се инспираторите и вистинските нарачатели на диверзијата?
Дали вистината некогаш ќе биде целосно обелоденета?
Едно е сигурно. Експлозиите на „Северен тек“ не беа само удар врз цевковод. Тие беа сигнал дека војната во Украина одамна ја надмина фронтовската линија и се води и под морската површина, во сенка на тајните служби и геополитичките калкулации.
Балтичко Море молчи. Но документите, изворите и истрагите сè погласно зборуваат.

Марјан Велевски


Куса геополитичка опсервација

Кој доби, а кој изгуби од диверзијата на „Северен тек“?

 

Кога во септември 2022 година експлозиите го разнесоа гасоводот „Северен тек“, светот беше сведок на уште еден милитантен „спектакл“ – детонација под површината на Балтичко Море. Но вистинската детонација се случи во геополитиката.
Уништувањето на три од четирите линии на гасоводот не беше само инфраструктурен удар. Тоа беше стратешки пресврт што ги редефинираше односите меѓу Украина, Русија, Германија, САД и Европската Унија. Денес, кога истрагите сè уште траат, прашањето е кој навистина доби, а кој плати највисока цена.

Украина

За Киев, „Северен тек“ долго време претставуваше економска и безбедносна закана. Гасоводот ја заобиколуваше украинската транзитна мрежа и ѝ одзеде значајни приходи од транзитни такси, но, уште поважно, тој ја намалуваше стратешката важност на Украина во европската енергетска архитектура!
Со неговото уништување, Русија остана без директна гасна артерија кон Германија. Тоа значи помал маневарски простор за Кремљ во однос на притисок врз Европа.
Но доколку се потврдат медиумските наводи за вмешаност на украински структури, Киев би можел да се соочи со сериозни дипломатски последици. Довербата на европските партнери би можела да биде разнишана, а секое докажано државно учество би имало правни и политички импликации.

Русија

За Москва, „Северен тек“ беше повеќе од гасовод. Тој беше инструмент на геополитичка и економска директна енергетска врска со најсилната економија во Европа – Германија.
Со уништувањето на инфраструктурата, Русија изгуби милијарди евра инвестиции и моќна алатка за влијание во меѓународните односи. Енергетски снабдувачката артерија Германија-Русија практично исчезна прекуноќ.
Сепак, Кремљ доби простор за политичка реторика. Инцидентот се користи како аргумент за недоверба на Западот кон Истокот и како доказ за „тајна војна“ против руските интереси.

Фото: ЕПА

Германија

Берлин беше можеби најдиректно погоден. Со исчезнувањето на рускиот гас преку Балтикот, Германија беше принудена на брза енергетска реорганизација: терминали за течен природен гас, нови договори, повисоки цени.
Краткорочно, цената беше висока: економско енергетски притисок, инфлација и политички турбуленции. Германија до денес не се исправи од многуте грешки на своите либерални државноводечки елити, вклучувајќи и сѐ што ја поврзува со диверзијата на „Северен тек“.

САД

Вашингтон со години се спротивставуваше на проектот. Тогашниот претседател Џо Бајден јавно најавуваше дека „Северен тек 2“ нема да профункционира доколку Русија нападне.
Со уништувањето на гасоводот, Европа драматично се оддалечи од руската енергија, што беше и цел на либералните елити од Вашингтон. Тоа отвори простор за алтернативни снабдувачи, вклучувајќи го и американскиот течен гас.
Но доколку некогаш се докаже претходно знаење или толеранција од страна на американските служби, цената би можела да биде дипломатски скандал со далекосежни последици.

Европска Унија

Европската Унија претрпе енергетски потрес. Цените на енергентите нагло пораснаа, а безбедноста на подморската инфраструктура стана нова тема на агендата.
Но, со овој инцидент се поттикна и зелената транзиција. Инвестициите во обновливи извори и диверзификацијата на снабдувањето добија нова политичка и финансиска динамика, што всушност го сакаа глобалистите и либералните европски елити. Но, од оваа временска дистанца, ако навистина на некој начин ја мотивирале диверзијата на „Северен ток“, тогаш тие „си пукале во своето колено“, бидејќи со тоа придонесоа до крах на европското стопанство, индустрија и енергетика.
Експлозиите на „Северен тек“ го означија почетокот на нова фаза во модерните конфликти — онаа што се води далеку од очите на јавноста, под морската површина, низ сајбер-просторот и преку тајни операции.
Некои можеби добија тактичка предност. Други изгубија економска моќ. Но најголемата штета можеби е немерлива: ерозијата на довербата меѓу сојузниците и сознанието дека клучната инфраструктура може да стане цел во секој момент.
Балтичко Море повторно е мирно. Но политичките бранови од таа експлозија сè уште не се смирени. Р.С.