Фото: „Нова Македонија“

БРИСЕЛ СО ВРЗАНИ ОЧИ ЗА ГЕНОЦИДНАТА ПОЛИТИКА КОН МАКЕДОНЦИТЕ

  • Бугарија и Грција јаваат на двата црни коња на апокалипсата за Македонија и Македонците, и тоа под будното око и со амин од нашите стратегиски пријатели.
    Прегледот на пресудите на Европскиот суд за човекови права, каде што Македонците во овие две земји добија десетици случаи, кажува дека Софија и Атина немаат правни аргументи во нерегистрирањето македонски здруженија. Што да се прави понатаму кога ова прашање е дел од политичкиот котел на двата соседа што имаат иста цел – да ги сварат Македонците? А ние повторно ќе прашаме – која беше смислата за потпишување на Преспанската спогодба и Договорот за
    пријателство?

Минатата недела како една рутинска операција во Стразбур, Комитетот на министрите, еден вид извршен орган на Советот на Европа, расправаше за примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Тие пресуди не се консултативни, туку се обврзувачки за земјите за кои се однесуваат. Стразбур долго време се мачи со проблемот наречен како да се спроведат пресудите, но и ден-денес не го пронајде лекот. Барем не за некои земји, кои се решени да одат по жица зашто знаат дека подолу во реката не пливаат крокодили што би можеле да ги проголтаат. Случаите со Македонците, кои се малцинство во соседните земји и постојано добиваат чисти пресуди во Стразбур, се жив доказ дека правото и правдата не функционираат како што треба на европска почва. Да биде трагедијата поголема, тоа не функционира ни меѓу членките на Европската Унија. Зошто постои Стразбур и зошто би постоел Судот за човекови права? Кои се неговата смисла и оправданост ако некои членки си играат мајтап со пресудите? Во конкретниот случај тоа се Бугарија и Грција, шампиони во кршење на човековите, а особено на малцинските права.

Европската Унија (ЕУ) не е страна на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), но нејзините 27 земји членки се. ЕКЧП е посебен систем за заштита на човековите права управуван од Советот на Европа, а не од ЕУ. Сепак, ЕУ ги вклучува принципите на ЕКЧП во својот правен систем, а пристапувањето на самата ЕУ е правна обврска според Лисабонскиот договор за кој сè уште се преговара. ЕУ ја почитува ЕКЧП како минимален стандард за заштита на човековите права во рамките на својата правна рамка и ги вклучува нејзините принципи во Повелбата за основните права на ЕУ. Тоа значи дека иако има извесни преклопување во надлежностите, па дури и натпревар (на суети), сепак и Европскиот суд на правдата (седиштето му е во Луксембург) има надлежности во доменот на одбраната на човековите права, а со тоа и на малцинските. Но кога пред тој суд ќе дојде прашање за малцинствата, како што беше случајот со ОМО „Илинден“-Пирин, тој ги затвора очите и го упатува тужителот на адреса на домицилните држави, односно тужените страни. Просто кажано ги враќа во челустите на системите што повеќе сакаат да ги кршат малцинските права отколку да овозможат нивно спроведување.

КОЈА ПЕСНА ЌЕ ЈА ПЕЕМЕ ПО ОДЛУКИТЕ ВО СТРАЗБУР?

За да не биде ова разбрано како тема за дебатирање на академско ниво, ќе кажеме дека Македонците во Грција и во Бугарија поминуваат децениска голгота за остварување на нивните основни права. Најдебелата црвена линија кај овие два соседа на Македонија е што тие не сакаат да признаат постоење на македонско малцинство. Оттука тие не признаваат ниту нивен посебен идентитет, ниту јазик, ниту култура, ниту црква… А Грција со Преспанската спогодба, пак, си отвори мајдан (рудник) за црпење на македонското културно наследство како да е нејзино. Па така, ако некогаш на Македонците им беше забрането да пеат, а можеа само да свират, сега викаат пејте, ова е дел од грчкото наследство.

Прегледот на пресудите на состанокот на Комитетот на министрите не беше само обична рутинска работа, а на македонската дипломатија ѝ отвора широк простор за сериозни дипломатски маневри. За Бугарија, иако е позната старата песна, сепак, има тонови што се важни и се високи и остри. Пораката од Стразбур до Софија (сети се Скопје) е дека аргументите дека со регистрирање македонски организации е загрозена националната безбедност, наводно заради сепаратизам, како и тоа дека тие организации не се во согласност со уставот и со законите, „не се правно издржани“. Во само една реченица Стразбур ги побива сите квазиаргументи на Бугарија зошто упорно 18 години одбива да регистрира макар една македонска организација. За партија, па тоа е подалеку од Марс! Иако ОМО „Илинден“-Пирин беше еднаш регистрирана како партија, но тоа беше „пу, пу, не важи“, по бугарски „тази дупка не е дупка“.

„Повеќе од 18 години откако првата пресуда во оваа група стана правосилна, и покрај различните мерки усвоени од бугарските власти помеѓу 2018 и 2024 година за подобрување на функционирањето на механизмот за регистрација, здруженијата што имаат цел ’да постигнат признавање на македонското малцинство‘ продолжуваат рутински да добиваат одбивање за регистрација врз основа на причини што се чини дека се поврзани со поширок проблем на неодобрување на нивните цели и поттикнуваат сериозни сомнежи во врска со капацитетот на овој механизам да обезбеди испитување на барањата на подносителите на барањето во согласност со конвенцијата.

Со оглед на ова, затоа треба да се осуди што, во најновите постапки за регистрација што се однесуваат на подносителот на барањето и слични здруженија, агенцијата и судовите повторно не ги почитуваа принципите утврдени во пресудите на Судот и Привремената резолуција на Комитетот CM/ResDH(2020)197“.

Ова го велат и го нагласуваат во Комитетот на министрите, па затоа и прашањето – што по ова? Какви потези ќе повлече Софија? Ние го знаме одговорот, дали го знае Брисел? Ќе преземе ли нешто против Бугарија, да ја вразуми својата членка дека човековите права се универзални и тие мора да ги почитува. Ќе го искористи ли македонската дипломатија овој јасен став на Стразбур како свое оружје пред Брисел?

Во една од одлуките на Комитетот стои: „Енергично ги повикаме властите да преземат решителна акција на која Комитетот побара во своите претходни одлуки за да се осигури дека секое ново барање за регистрација на здруженијата подносители или на слични здруженија ќе се испита во целосна согласност со обврската според член 11 од Конвенцијата за заштита на правото на слобода на здружување“. Токму со оваа реченица, која е на висок и предупредувачки тон се потврдува постоењето македонско малцинство, затоа што членот 11 од Конвенцијата се однесува и на правото на малцинствата за слободно здружување и собирање.

Бугарија ќе ја дефинираме како едниот од јавачите на црниот коњ на апокалипсата за Македонија.

„ЦРВЕНИОТ КОЊ“ СТАНА ЦРН ЗА МАКЕДОНЦИТЕ

Кој е вториот? Пред да преминеме на вториот јавач, кој ни е добро познат, да изнесеме еден статистички податок за тоа кои држави се шампиони според бројот на поднесени случаи против нив пред ЕСЧП. На прво место е Франција со 334 случаи, потоа е Бугарија со 303 и Грција со 229. Некој ќе рече дека ова и не мора многу да значи за вистинската состојба со човековите права. Може и да се согласиме, но фактите не го потврдуваат тоа, патот до правдата често е долг, а многу често и тој пат нема крај. Како на пример за Македонците во Грција. Кога ќе направиме еден историски преглед на борбата за своите права на Македонците во Грција, која со децении ја водат и пред грчките судови и во Стразбур, секој би се запрашал – зошто воопшто се потпиша Преспанската спогодба? За Македонија да си ги врзе и рацете и нозете, а Грција да ужива во историската дипломатска победа над Македонија, тоа би бил еден можен одговор.

Еве што вели Стразбур, почнувајќи со случајот што веќе можеме слободно да го наречеме антички, оти е стар прастар. Во конечната пресуда на Судот се наведува дека Атина одбива да го регистрира здружението „Куќа на македонска цивилизација“ врз основа на тоа што употребата на зборот „македонски“ и целта прокламирана во Статутот на здружението го нарушуваат јавниот ред и го загрозуваат хармоничниот соживот на населението во регионот на Лерин“. Судот вели: „Сепак, во тој случај, тие требало да ја земат предвид и релевантната судска пракса на Судот, која фаворизира регистрација на здружение, а не претходна проверка на неговата законитост, кога националното право предвидува клаузули што овозможуваат следење на неговата активност, односно каква е праксата (a posteriori)“.

„Сидеропулос и други против Грција“ не е единствен случај што го добиле Македонците во Стразбур, има и неколку други што уште се влечат по судови. Такви се „Македонско движење за промоција на мајчиниот јазик“, кое е регистрирано на 20 ноември 2018 година, и „Братство од Серес: Кирил и Методиј“, кое е регистрирано во 2017 година, но беше укинато од Првостепениот суд во Серес во 2019 година. За првиот случај грчките власти запнаа околу терминот мајчин, односно македонски јазик, кој, според властите, создавал конфузија. Апелацискиот суд во Солун во 2021 година ја потврдил одлуката дека здружението не ги исполнува минимум законските стандарди за регистрација.

Од друга страна, пак, „Центарот за македонски јазик во Грција“ е здружение регистрирано во 2022 година од Подрачниот суд во Лерин (Флорина). Здружението е со цел да го промовира македонскиот јазик во Грција и да се воведат курсеви за негово изучување во јавното образование. Првостепениот суд од Лерин во 2023 година ја потврдил неговата регистрација, но во 2024 година Апелацискиот суд во Кожани наредил здружението да се избрише од регистарот. Судот како аргумент го навел тоа што македонскиот јазик во антиката се зборувал во „грчкото кралство Македонија“. Нам не ни е познато дека во некој современ судски процес некој извадил некакви аргументи стари најмалку 200 години, како што е тоа направено во еден грчки суд. Но Комитетот на министрите за овој случај јасно се изјаснува: „Се очекуваше дека усвојувањето на Преспанскиот договор ќе го олесни спроведувањето на овој случај. Всушност, тоа беше проследено со голем пробив, особено со регистрацијата на здружението ’Центар за македонски јазик во Грција‘ во 2022 година“.

Затоа е сериозно загрижувачко што овој напредок е ставен во прашање со неодамнешното распуштање на ова здружение во август 2024 година од страна на Апелациониот суд во Кожани.

Се очекува некаква судска разврска и на овој случај, а Стразбур до 15 декември 2025 година го очекува одговорот на Атина. Ние во Македонија можеме да го претпоставиме, ќе биде само потврда на грчката геноцидна политика кон Македонците.


Софија и Атина на иста линија против Македонците и македонизмот

Една површна анализа, не е потребна длабинска, на случаите што Македонците во Бугарија и во Грција ги добија пред Судот во Стразбур покажува дека Атина и Софија се на иста линија кога се во прашање припадниците на македонското малцинство. Таа линија, да ја наречеме прва фронтовска линија за одбрана на Грција и Бугарија како општества, е негирање на постоењето на Македонците. Бугарија дури се обидува да наметне некакви си модерни Македонци. Грција не признава постоење на македонски јазик, туку само како „словенски идиом“, а македонскиот јазик што се зборува во Македонија го прикажува како различен од тој што го зборуваат Македонците во Грција. Тоа значи дека нашите роднини, и тоа најблиски, зборуваат еден вид македонски во Грција, а ние тука некој друг вид. За среќа, кога ќе се видиме се разбираме, и тоа на македонски јазик. За Бугарија македонската нација е вештачка творба измислена од Тито, а јазикот е во основа бугарски. Нацијата е дел од бугарската. И сите овие геноцидни државни политики, за голема несреќа, се заверени и потврдени со потписи на македонски политичари ставени на Преспанската спогодба (која во насловот е кажано дека е вечна), и на Договорот за пријателство со Бугарија, вклучително и двата протокола. И сето ова е заверено од нашите стратегиски пријатели, кои сакале или не се соучесници во овој геноциден процес.