Tајните на најдобрите просветни работници: Добри Јовевски, одделенски наставник од Крива Паланка
- Драги наши читатели, во чест на просветните работници, од денес ја почнуваме рубриката во која ќе ви ги откриеме „тајните“ на дел од најдобрите наставници во Македонија. Во првиот циклус, па сѐ до крајот на оваа учебна година, ќе ви претставиме десетмина наставници од различни места во нашата татковина, кои со својата посветеност, знаење, методи и инвентивни решенија го претвораат наставниот час во магија. Целта на рубриката е да ги афирмираме најуспешните и најинвентивни едукатори, кои со својата посветеност и креативност ја прават наставата поинтересна, подинамична и поблиска до учениците. Преку нивните примери сакаме да споделиме конкретни идеи и методи што може да се применат во секоја училница
Во овој број ќе ви го претставиме одделенскиот наставник Добри Јовевски од Крива Паланка. Тој е препознатлив по современиот пристап во наставата што ја спојува академската прецизност со човечката топлина и мотивирачката училница. Магистер е по математички и информатички науки, а своето професионално искуство го гради преку континуирано усовршување, обуки и работа на развој на наставни материјали и програми. Автор е на повеќе учебници и збирки задачи по математика, како и на прирачници за ученици и наставници, со посебен акцент на јасни чекори, функционално знаење и примена во секојдневниот живот. Во својата практика ја промовира идејата за јасни насоки, слобода на избор и реална примена, преку која учениците добиваат избор, но со јасно дефинирани цели и критериуми, што резултира со поголема самодоверба и одговорност кај учениците. Особено внимание посветува на воннаставните активности што се во корелација со стандардите од програмите, затоа што верува дека најтрајното учење се случува кога знаењето „излегува“ од тетратката и станува животна вештина. Неговиот пристап ги охрабрува учениците да истражуваат, да создаваат и да ја градат својата личност, а родителите да препознаат дека училиштето не е само оценување туку растење и развој на секој ученик. Добитник е на признанијата „Просветен работник на годината за 2019/2020“ од Сојузот на просветните работници на Македонија, „Просветен работник на годината за 2018/2019“ во Општина Крива Паланка, а носител е и на титулата „Најдобар наставник во поранешна Југославија 2018“ – доделена од Асоцијацијата на најдобрите наставници од поранешна Југославија.
– Кога целта и критериумите се јасни, учениците можат да избираат пат и токму тогаш ги развиваат љубопитноста, креативноста и одговорноста – вели наставникот Добри Јовевски.
Според него, постојат часови што завршуваат со ѕвонење и часови што продолжуваат со прашања, идеи и дискусија.
Слобода со јасно поставена рамка
– Години по ред согледувам дека најсилните резултати не доаѓаат кога ученикот само слуша, туку кога учествува. Затоа мојата „тајна“ во наставата е кога им давам слобода на учениците – но слобода во јасно поставена рамка. Тоа не е попуштање, туку метод. Рамките се тука за да дадат насоки, а слободата за да ја разбуди љубопитноста. Кога ученикот има право на избор, учењето престанува да биде обврска, започнува да личи на нешто многу поприродно, истражувачко и откривање на нешто ново. На пример, на час по математика, кога обработуваме содржатели и делители, наместо да им давам една иста листа задачи за сите, започнувам со решавање проблем од секојдневниот живот: „Имаме училишна акција и треба да спакуваме 48 книги во еднакви кутии. Колку различни начини има за пакување на книгите?“ -објаснува Јовевски.
Тој потоа ги дели учениците во мали тимови и им дава избор со јасни насоки.
– Едни работат со цртежи и модели, други со табела, трети пресметуваат. Некои ученици прават кутии од хартија, други објаснуваат логика на табла, некој од учениците проверува дали решението важи за сите примери. На крајот, секој тим мора да достави свои докази, решение, објаснување и краток заклучок „каде се користи тоа во животот“. И тука се случува најважното. Ученик што обично е тивок се јавува и вели: „Наставнику, ако 48 го делиме со 6, добиваме 8 кутии – исто како кога дома пакуваме шишиња во гајба“.
Во таа една реченица има сè, разбирање, поврзување со секојдневието, самодоверба. Знаењето излегува од тетратките и станува применливо. Што значи „слобода во рамки“? – открива наставникот.
Како конкретно е конципиран неговиот начин на работа?
– Во мојата училница најпрво се поставуваат трите столба што ја претставуваат рамката.
Стандард/резултат: што точно треба да научиме денес.
Доказ: како ќе покажеме дека сме научиле (продукт, решение, мини-презентација, постер, краток текст).
Критериуми: што значи „добро“, а што „одлично“ (точност, логика, јасност, креативност, соработка).
А потоа доаѓа слободата. Учениците можат да изберат свој пат како ќе истражуваат, како ќе работат, со кого ќе соработуваат, како ќе ги претстават резултатите. Рамката е иста за сите, но патиштата се различни. И тоа е најдоброто воспитно правило што може да го добие едно дете, слободата оди рака под рака со одговорноста – ни ја открива својата „тајна“ Добри Јовевски.
Воннаставните активности се мост меѓу училиштето и животот
Посебно место во неговата практика имаат воннаставните активности, но не како „украс“ или „слободно време“.
– Воннаставните активности се мост меѓу училиштето и животот. Тие се продолжение на наставата – во корелација со програмските содржини и стандардите. Зошто? Бидејќи токму таму знаењето добива смисла. Кога учиме содржини од мајчин јазик, не остануваме само на граматика, пишуваме кратки текстови за реални теми, правиме интервјуа, подготвуваме училишни објави или мини-весник. Кога учиме природни науки или историја и општество, тука учениците набљудуваат и истражуваат во локалната средина, споредуваме информации и учиме да проверуваме извори. Кога учиме математика, планираме, мериме, распределуваме, пресметуваме ситуации што се поврзани со животот. На тој начин учениците не прашуваат „зошто ми е ова“, затоа што го гледаат одговорот: ова ми треба за секојдневниот живот. Така се развиваат љубопитноста, креативноста и личност што се развива и расте – ни рече тој.
Кога учениците добиваат простор да истражуваат, кај нив се активира љубопитноста.
– Децата почнуваат да прашуваат, да проверуваат, да споредуваат, да предлагаат. А кога ќе го спојат тоа со креативноста, резултатот не е само „повеќе знаење“, туку градење карактер, самодоверба, критичко мислење, комуникација, соработка. Јас не ги учам учениците само да „знаат“. Ги учам да го применуваат знаењето, да го поврзат со животот, да решаваат реални ситуации и да го градат својот пат. Затоа верувам во формулата: јасни насоки, слобода на избор, реална примена. Кога се учи така, им се отвораат хоризонтите на животот – посочува одделенскиот наставник Добри Јовевски.
Ф.Д.

































