55. „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“
Во свет каде што традицијата често се заклучува во витрини, а стрипот се перципира како форма на уметничко изразување, честопати нарекувана деветта уметност, користејќи спојување цртежи (или други видови неподвижни слики, но не ограничени на фотографии) структурирани во наративни секвенци и најчесто придружени со текст (нарации, дијалог, ономатопеја), млад уметник успеа да направи нешто што ретко кој се осмелува – да ги спои двете. Во фоајето на Центарот за култура – Битола беше претставен проектот „Русалии – танц и традиција“, издание со авторски илустрации на Димитри Балојани, создадено специјално за 55. „Илинденски денови“. Преку динамичен цртачки јазик, внимателна драматургија и стрип-панели полни со движење, проектот успеа да ја раскаже приказната за русалиската традиција, онаа прастара обредна пракса што денес ја препознаваме во сценските интерпретации, но ретко кога ја разбираме како мит, симбол и културен код.
Балојани, млад илустратор од новата генерација, се впушти во ризичен подвиг: да ја претстави обредната моќ на русалиите со медиум што најмногу го читаат младите луѓе. И токму затоа проектот успева – затоа што ја менува формата, но не ја губи суштината. Панелите се поставени како фрагменти од раскажување – дедо што им објаснува на внуците што се русалии, кој бил првиот сабјар и како се собрала дружината. Во нив го препознаваме старото, но и го гледаме новото. Нешто што може да го прочита и етнокореолог и 12-годишен љубител на стрипови.
Проектот е и дел од повикот за нови уметности што го носи слоганот на годинашното издание на „Илинденски денови“, „Денес за утре“. Уметноста не мора секогаш да доаѓа на платно или на сцена. Понекогаш доаѓа на табла, со стрип-уметност.
Фотоспоменар – војводите од „комитското оро“
Во чест на 55-годишниот јубилеј на фестивалот „Илинденски денови“, Центарот за култура – Битола ја реализира изложбата: „Фотоспоменар – војводите од комитското“. Во глувите времиња, кога ехото на песната можеше да значи крај, комитите ја создадоа „комитската легенда“ – оро без звук, но полно со сила. Родено во кочанскиот крај, ова глувонемо оро, изведувано без музика, станало симбол на борбата, истрајноста и тишината што зборува погласно од зборот, објаснува м-р Љупка Стефановска. Во 1971 година, ова оро станува дел од репертоарот на КУД „Илинден“ – Битола, пренесено од ансамблот „Танец“ преку инспирираниот битолчанец Дончо Ефтимов. Од тој миг, па сè до денес, „комитското“ останува нераскинлив белег на „Илинденски денови“, со кое секоја година започнува фестивалската сцена и свечено отпочнува фестивалот. Изведувано од деветмина игроорци: осум комити и еден војвода, кој е всушност лидерот на групата и последен гине во борбата. Сцената станува бојно поле, каде што секој чекор, секое подзастанување, секој поглед и секое удирање на тапанот ги пренесуваат болката, пожртвуваноста и нескротливиот дух на македонската борба.
Улогата на војвода отсекогаш била посебна чест – доверена на најдобрите, но и највредни, најпосветени игроорци. Оние што ја воделе играта со срце, со сила и со душа. На изложбата се прикажани 21 фотографија од фотоархивата на Центарот за култура, со избрани моменти од изведбите на „комитското“ со акцент на последните децении – документирани лица, познати чекори, замрзнати емоции од сцени во кои традицијата оживува. Фотографиите сведочат за генерации војводи што ја понесоа таа чест и им ја предаваа како факел на следните. Изложбата претставува еден споменар на нашата колективна фолклорна меморија.
– Со огромно извинување до оние војводи за кои не најдовме фотографии, упатуваме еден апел, доколку имаат во домашната архива фотографии од нивната изведба, да ги донесат, а ние ќе ја збогатиме изложбата – испрати повик Стефановска.
Фестивалот „Илинденски денови“ упати длабока почит и благодарност до КУД „Илинден“ – Битола, кое со својата искреност, посветеност и уметнички жар, повеќе од пет децении е неразделен дел од духот на фестивалот.
Народната носија е аманет
Во рамките на 55. „Илинденски денови“, КУД „Илинден“ – Битола го претстави проектот „Аманет“ – ревија на народни носии од сопствената колекција на ансамблот, по повод 70 години од основањето на друштвото. Во Македонија и за македонскиот народ, народната носија не е само облека. Таа е визуелен запис на едно време, една заедница и еден светоглед. Секоја боја, секој вез, секој слој ткаенина имаат свое значење и пренесуваат порака: за потеклото, статусот, верата, улогата на жената или мажот во семејството и заедницата.
Со над 30 носии – од различни етнографски предели и социјални средини – во Заводот и музеј – Битола (пацио) беше претставена разноликоста на македонското културно наследство, со посебен фокус на женската носија. Само три машки носии се дел од селекцијата – што дополнително ги нагласува женскиот глас и израз низ материјалната култура. Како што беше речено при претставувањето на ревијата, некои работи не се чуваат во сандак. Се чуваат во срце. Во игла и конец. Во вез што кажува кој си, од каде си – и што носиш со себе. Како аманет носиите не беа прикажани како мода, туку како етнографски кодови – со уметнички пристап, што дозволи многубројните гледачи да ги почувствуваат нивната тежина, смисла и континуитет, кои со своите уметнички вредности и разноликост не можат да се најдат на ниту едно друго место во светот, освен во Македонија.
Тони Гламчевски