Промовирани анимираниот краток филм и сликовницата „Желба“

Желбите се многу важни за сите луѓе, тие ги движат напред, а децата сонуваат и мечтаат за нив. Ѕвездан, дете со посебни потреби што се движи со помош на количка, кога една вечер во паркот виде ѕвезда што паѓа, си замисли желба да стане астронаут, да летне во вселената! Кога им го соопшти тоа на своите родители, тие му дадоа поддршка, како и секогаш…
Ете, вака почнува приказната за Ѕвездан, во книгата за деца „Желба“, која има и своја анимирана верзија. Сторијата и текстот се на Ирена Поповска, додека анимацијата и илустрациите се на Верица Тенекеџиева, дипломирана аниматорка и ова е нејзин прв независен анимиран филм. На Ирена Поповска, „Желба“ ѝ е втора сликовница со специфична тематика. Првата, со наслов „Цветната дружина“, беше објавена во 2022 година, со цел книгата да биде мост помеѓу децата со попреченост и светот, кој треба да ги сака и почитува.
Промотори беа Маја Цветаноска, психолог со долгогодишно искуство во вклучувањето на различните деца во главните општествени текови, и Владимир Мартиновски, поет, мултимедијален уметник и декан на Филолошкиот факултет при УКИМ.
Мартиновски најпрво го прочита мотото на книгата: „Гледајте нагоре во ѕвездите, а не надолу во вашите нозе. Обидете се да го разберете она што го гледате и да се прашувате зошто има смисла универзумот да постои. Бидете љубопитни“, позната мисла на генијалниот научник Стивен Хокинг.
– Сакам да искажам голема благодарност кон авторките што го создале заедно ова прекрасно дело. Ова е топла, длабока приказна за желбите што сите нас нѐ дефинираат. Сите деца на планетата имаат голема љубопитност кон вселената и во најраните години кој не посакал да биде астронаут. Сите сме мечтаеле за тоа, а и најстарите цивилизации знаеле многу за космосот. Многу интересни факти за вселената има и во книгата. Но пред сѐ таа е сон на едно дете, кој се остварува на јаве – рече Мартиновски.
Маја Цветаноска, пак, ја доживеа оваа приказна и како пофалба за улогата на родителите во растењето и поддршката на децата.
– Се израдував многу што имам можност да кажам нешто за ова дело на промоцијата. Оваа сликовница е приказна за ѕвездите на небото и оние во нас. За моќта на името Ѕвездан. Прикажан е процесот на настанување на една желба или како едно дете посака да биде ѕвезден летач, која е поддржана од неговите родители. Родителството е најкомплексна задача пред која човек може да се исправи. Родителите секој ден се пред многу предизвици за да донесат најдобри одлуки за своето дете, а татко му и мајка му на Ѕвездан се вистински шампиони, кои ги совладале сопствените грижи за да стане Ѕвездан астронаут. На тој начин за него во животот сѐ е остварливо – рече Цветаноска.
Всушност книгата и филмот „Желба“ се нарација за фантазиите, соништата, (над)реалноста, возвишеноста, (при)земноста, истрајноста, науката, волјата, ѕвездите, копнежите, надежите, стремежите, без кои животот не би имал смисла.
Ирена Поповска е млада жена, која со својот пример докажува дека не постојат безнадежни ситуации. Соочувајќи се со сериозна физичка попреченост, како резултат на невромускулна болест, нејзиниот силен интелект и желба за создавање не признаваат пречки. Таа е магистерка по општествена и културна теорија на Универзитетот „Стафордшир“ во Велика Британија, а во Македонија е основачка на центарот за поддршка на лицата со попреченост „Пркос“, кој застана и зад реализацијата на краткометражниот филм и сликовницата „Желба“.

М.Т.