Главната цел на провокаторите со години беше Македонија намерно да се оцрни пред меѓународната јавност, да се прикаже дека „една малцинска заедница во земјава постојано е угнетувана“, дека Македонија „не е демократска држава“ и дека од тие причини Бугарија става вето. Имајќи предвид дека ниту на ЕУ во овој момент не ѝ е приоритет проширувањето, официјален Брисел ја прифати бугарската игра и сега упорно опстојува на уставни измени…
Случајот „Мара Бунева“ како повод
Наметнатата блокада врз македонските евроинтеграции само покажува дека Европската Унија не се води според своите изворни принципи и критериуми, туку исклучиво според желбите на „привилегираниот клуб од земјите членки“, па дури и тогаш кога тие желби немаат никаква критериумска, правна или, пак, демократска основа.
Имено, веќе неколку години Бугарија ја блокира Македонија на нејзиниот европски пат со образложение дека земјава не ги почитува малцинските права, иако и самата има загубено повеќе пресуди од Судот за човекови права во Стразбур токму поради непочитување на правата на малцинствата.
Сето тоа јасно говори дека секогаш кога на Брисел нешто му одговара, тогаш носи политички одлуки и критериумите за членство не се важни, ниту во однос на владеењето на правото, борбата со корупцијата или малцинските права, ниту, пак, во однос на искажувањето отворени територијални претензии кон соседните држави, иако добрососедството е важен критериум.
Она што деновиве повторно ја преокупираше македонската јавност беа најавите од соседна Бугарија за чествување на Мара Бунева во Скопје, настани што изминатите години беа користени за провокации од бугарска страна и директни изјави за „бугарски карактер на Македонија“ (!?).
Сепак, за споменување е дека завчерашното одбележување на овој настан мина во мирна атмосфера во која македонските граѓани што се чувствуваат Бугари организираа панихида за Бунева во црквата „Свети Димитрија“ во Скопје, за потоа да се соберат на кејот на Вардар и таму да оддадат почит пред спомен-плочата.
Она што на прв поглед падна во очи е високиот демократски карактер на македонското општество и генерално на институциите на државата, кои јасно покажаа дека секој граѓанин ги ужива највисоките права и може слободно да го изразува своето лично чувство, било тоа да се однесува на неговата етничка припадност, културен идентитет, историја, јазик и слично, притоа без никакви пречки отворено да го манифестира тоа.
Од друга страна, стана кристално јасно дека проблемите при одбележувањето на ваквите настани ги предизвикуваа политичари од Бугарија, кои со експанзионистичката реторика што ја ширеа среде Скопје, со мапите на голема Бугарија и извиците дека „Македонија е бугарска“ предизвикуваа срам и непријатност дури и меѓу оние македонски граѓани што се чувствуваат како Бугари и кои претходно со ништо не почувствувале дека се обесправени на кој било начин, без оглед што како етникум не се споменати во македонскиот устав.
Сето ова говори дека кога нема надворешни замешателства и диригирани провокации, тогаш секој во Македонија може слободно да го негува сопствениот културен идентитет, да ги ужива највисоките права, многу повеќе од правата што ги уживаат малцинствата во земјите членки на ЕУ.
Впрочем, главната цел на провокаторите со години беше Македонија намерно да се оцрни пред меѓународната јавност, да се прикаже дека една малцинска заедница во земјава постојано е угнетувана и обесправена, а Македонија не е демократска држава и дека од тие причини Бугарија става вето. Имајќи предвид дека ниту на ЕУ во овој момент не ѝ е приоритет проширувањето, официјален Брисел ја прифати бугарската игра и сега упорно опстојува на уставни измени, иако е свесен дека бугарските барања нема да завршат со впишување на македонските Бугари во Уставот. Затоа и никој не дава гаранции.
Но она што е исклучително важно е дека сите македонски граѓани добро знаат дека без оглед дали се мнозински народ или малцинство, сите уживаат еднакви права без никакви исклучоци. Изминатиот викенд Македонија го докажа тоа, дека Бугарите во земјава ниту биле дискриминирани, ниту биле угнетувани, ниту, пак, некој нешто им забранувал, особено кога покажуваат лојалност кон сопствената држава, Република Македонија.
Познавачите на македонско-бугарските услови сметаат дека Македонија како држава покажала дека ничие право во државата не е ускратено и дека провокациите некој намерно ги предизвикува од страна.
– Бугарската намера беше преку креирани инциденти и провокации да манифестира некаква загрозеност на правата на македонските граѓани со бугарска самосвест. На чествувањето на Мара Бунева во Скопје доаѓаа со навредливи транспаренти, извикуваа навредливи слогани, правеа здруженија со навредливи имиња затоа што знаеја дека тоа ќе предизвика револт во македонското општество. И тој револт и реакција ги користеа за да прикажат лажна слика за некакво загрозување на правата на Бугарите. Но кога институциите ќе профункционираат, нема место за провокаторите и настанот си помина без посебна помпа. Се собраа десетина луѓе, се поклонија пред плочата и толку. Никој ниту ги спречи, ниту ги навредуваше, ниту, пак, има проблем со тоа. Од друга страна, кога веќе истите тие луѓе и овој настан го искористија да упатат политичка порака и да побараат нивно впишување во Уставот, можеа и јавно да ги осудат изјавите на Костадинов во кои беа искажани територијални претензии кон Македонија – посочуваат соговорниците.
Без оглед што ваквите изјави доаѓаат во време кога се продлабочува политичката криза во Бугарија, кога преговорите за состав на нова влада одат тешко и кога новите избори стануваат сѐ поизвесни, сепак ако техничката влада има мандат за сѐ друго, вклучувајќи и за нови вета за Македонија, тогаш можеше да испрати и една осуда и оградување од ваквите изјави на Костадинов
Зошто официјална Софија молчи за изјавите на Костадинов за анексија на Македонија?!
Молчењето значи одобрување
И додека малцинските права во Македонија постојано се надградуваат и се употребува реторика на градење добрососедски односи, официјална Софија молчи веќе една недела по отворено искажаните територијални претензии од страна на лидерот на третата политичка сила во Бугарија, Костадин Костадинов, кој ја повика бугарската влада да побара припојување на Македонија кон Бугарија.
Македонското МНР реагираше веднаш на ваквите непримерни изјави, но и покрај тоа никој од водечките политичари во соседна Бугарија не се огради и не ги осуди изјавите на Костадинов.
Со молкот всушност само се потврдува кои се вистинските намери на бугарската страна, односно дека сонот за голема бугарска држава сѐ уште се сонува. Без оглед што ваквите изјави доаѓаат во време кога се продлабочува политичката криза во Бугарија, кога преговорите за состав на нова влада одат тешко и кога новите избори стануваат сѐ поизвесни, сепак ако техничката влада има мандат за сѐ друго, вклучувајќи и за нови вета за Македонија, тогаш можеше да испрати и една осуда и оградување од ваквите изјави на Костадинов. Истото тоа можеше да го направи и претседателот Румен Радев, кој многу често се повикува на Договорот за соработка и пријателство, но заборава на точката три во членот 11, во која јасно стои дека „двете Договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга“.
Но ако се водиме по онаа молчењето е одобрување, тоа значи дека и зад блокадата на Македонија и за барањата за уставни измени стои една поинаква агенда, која, очигледно, некој во Бугарија нема никаков проблем да ја каже јасно и гласно.
Од друга страна, загрижува молкот на официјален Брисел, кој не реагира на ваквите изјави што доаѓаат од политичар што потекнува од земја членка на ЕУ, која преку него искажува отворени територијални претензии кон соседна земја.
Релативизирањето на ваквите изјави со наративите дека Бугарија е исправена пред нови избори, па темата Македонија се користи за собирање политички поени не оди во прилог на градење добрососедски односи за кои Македонија во последно време работи од петни жили. Се засилуваат инфраструктурното поврзување и културната размена, се најавуваат и други иницијативи за меѓусебно поврзување на двете држави и наместо и реториката да се ублажи, од бугарска страна повторно старата приказна. Затоа беше потребно официјалните бугарски претставници да ги осудат ваквите изјави и да излезат со јасен став, дека го почитуваат територијалниот интегритет на земјата и конечно да почнат да помагаат на нејзиниот евроинтегративен пат. На тој начин ќе докажат дека посакуваат искрено добрососедство и дека немаат никакви скриени агенди.