Ако велат дека по крајот се познава делото, тогаш заслужено тоа место ѝ припаѓа на Наташа Андонова. Љубовната игра во „Будење“ е како утрински ритуал во некоја филмска мелодрама. Андонова умешно ги отсликува сплотените тела. Нејзината амбициозност не ме изненадува бидејќи е носител на неколку значајни награди. Исто така костимографски успех постигнува и во неколку македонски играни филмови, а не помал талент има и во полето на анимацијата
Родољуб Анастасов – 90 години од раѓањето
Оваа недела имавме убава можност да присуствуваме на изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“ по повод неговиот 90. роденден. Во неа беа застапени некои заслужни, а некои не (толку) заслужни имиња што опстојуваат на македонската ликовна сцена. Иако очекував да врие од публика, моите првични очекувања не се остварија. Голем дел од репрезентите ги познавам од средношколските денови во уметничкото училиште.
Да започнеме по некој ред, но не хронолошки. Во „Портретот на Анастасов“, Новица Трајковски ја прикажува сугестивноста и ја доловува психологијата на својот професор синтезирајќи го хроматскиот валер. Но за потполна целина недостига светлосна гама во заднина. Во лавиринтите на мистичното нѐ води Катерина Ашостоловска де Сирио. Во централниот дел каде што треба да биде сигнифициран приказот овде е поставена меланхоличната поема „Т’га за југ“ од Константин Миладинов. И сето тоа можеби би имало сосема различна конотација доколку текстот беше испишан на македонски, а не на латински, но миговно околу нас лебдат прашални форми. Неразбирливо е зошто предност има на страничните делови од делото, а не главниот мотив што треба да биде по различен редослед. На границите на инфантилното е делото „Едра на хоризонтот“ од Славчо Соколовски каде што никаде нема асоцијација на какви било едра. Мал импулс на закрепнување дава Бојана Аргиновска во „Меморија на водата“ со суптилното нагласување на азурните водни површини.
Во оваа селекција на слики како да залутала анемичната мистификација „Пејзаж“ на Јован Шумковски, губејќи се во сивилото на ништожноста. Кога го спомнуваме името на Качев, веднаш други ветрови на позитивизам нѐ обвиваат. Со својот препознатлив стил на класицизам како да е во дослух со галските мајстори Енгр и Давид, кои се професионалци за исликување на женскиот акт. Од акварелот на Симонида Филиповска Китановска, „Сината птица“, само што не пропеала птичката на вашиот балкон. Не можеме да прецизираме со сигурност, но постои голема веројатност Симонида да пронашла инспирација во ренесансниот гениј од 15 век, Албрехт Дирер, за кого пишував во моите првични рецензии.
Ѓорѓи Томовски е редок мозаичар ако не и единствен во Македонија што го брусеше занаетот кај Газамфир Бајрам, а беше и мој професор по декоративно пишување. Неговото дело „Чуварот“ не е чувар само на портата туку на мозаичниот занает каде што Томовски со самурајска смиреност ги мести азурните нијансни камчиња, но и зелените нијанси и создава бисерна класика. Димитар Младеновски во својата контемплативна композиција успева да ги изедначи свелосните и темниите нијанси во стилот на Моне, кој го создаде сонцето нагласувајќи го импресионизмот во прочуеното ремек-дело „Импресија“. Младеновски со сличен сензибилитет на цинобер боја создава харизматична аура. За жал, овој уметник прерано замина, а веројатно имаше уште многу да каже со својот сликарски параф.
Оригиналниот Масин секогаш умее да изненади со својот боемски шарм. Во „Првиот грев“ луцидно го претставува италијанскиот маестро на ренесансата, Леонардо да Винчи. Таа ја пушта змијата за да ја овековечи во фамозното дело што ја препознаваме како Мона, која ги краси музејските излози во „Лувр“ (Париз). Едно од најдобрите дела на изложбата е „Автопортрет“ на Станислава Шаровиќ Павковиќ – претстава на крупни очи што прецизно продираат низ вас, a полните усни ја дефинираат компактноста на сликата. Нежното лице е осветлено од сончевите зраци и дава топлина на авторска созреаност. Делови од ова дело како да се во дослух со „Тахитанки“ на Пол Гоген. Футуристичката визија не му бега низ прстите на Борис Шемов, кој си поигрува со куклите како вешт куклар. Со името на Елизабета Наумческа се немав сретнато сѐ до моментот кога дојде на изложбата, но затоа нејзиното „Релативно време“ e релативен момент за секој од нас на различен начин. Двата приказа на различни часовници во кафеави нијанси се одлично конектирани и фрагментарно потсетуваат на „Часовници“ од ексцентричниот и ненадминлив каталонски надреалист Салвадор Дали. Ристо Мијаковски и Јулијана Гешоска иако се обиделе да прикажат нешто, и покрај моите напори од петни жили да дојдам до некое сознание, тоа не ми успеа.
Кубистички клуч на галски флуид во манирот на Жорж Брак се насетува кај Владо Муковски каде што во еден дел од сликата ѕирка реномираниот Ле Фигаро. Во хипнотичкиот танц на љубовната игра ќе се осведочиме кај Соња Куновска Мирковска. Со разиграните контури на телото со комбинирани кроки и одлични потези на азурната и сиена боја нејзиното дело е едно од најсвежите и најпријатни изненадувања. Трајче Чатмов жонглира со грундираниот портретен релјеф сакајќи да се доближи до мисје Мазев, а Вренцоска се прашуваме дали ли е тоа „Оживување“ во вителот што никаде нема импулс на смиреност.
Ако велат дека по крајот се познава делото, тогаш заслужено тоа место ѝ припаѓа на Наташа Андонова. Љубовната игра во „Будење“ е како утрински ритуал во некоја филмска мелодрама. Андонова умешно ги отсликува сплотените тела. Нејзината амбициозност не ме изненадува бидејќи е носител на неколку значајни награди. Исто така костимографски успех постигнува и во неколку македонски играни филмови, а не помал талент има и во полето на анимацијата. Анимациите во 2Д имаат значаен удел за нејзиното творештво, а неодамна работеше на филмот „Јон Вардар против Галаксијата“ во режија на Гоце Цветановски, кој, за среќа, ниже светски успеси. Но да не се оддалечуваме многу од темата за која зборуваме, а слободно можеме да потврдиме дека Наташа Андонова е „македонската Мери Касат“.
Со тоа полека, но сигурно го завршуваме омажот за доајенот на нашето сликарство Родољуб Анастасов, кој останува изгравиран со златни букви во антологијата на светското сликарство.
Автор: Александар Василевски