Креативна дружба на писателката Јадранка Клисарова со учениците од с. Грдовци, Кочанско
Под мотото „Книгата е подарок што можеш да го отвораш одново и одново“, во училишната библиотека и медијатека во ООУ „Никола Карев“ во Кочани започна чествувањето на Месецот на книгата.
На 15 октомври учениците од второ, трето и четврто одделение од централното и од ПУ во селото Грдовци се дружеа со авторката Јадранка Клисарова, чија лектира „Децата од моето училиште“ е влезена како изборна лектира во трето одделение. Се одржаа три посебни работилници: писателката им претстави дел од своите дела на второодделенците и им прочита текстови по кои се поведе дискусија. Со третоодделенците разговараа за лектирата „Децата од моето училиште“ и за впечатоците од неа, а учениците имаа интересни прашања и заклучоци од истата. Четвртоодделенците авторката Јадранка Клисарова преку игри ги воведе во светот на креативното пишување, па преку заеднички активности создадоа прозен и поетски текст, но се истакна и важноста од неговото уредување.
– Живееме во време на интернет, виртуелни игри, телефони, таблети и компјутери и, за жал, децата сѐ помалку читаат. На пример, денес учениците повеќе време поминуваат на интернет барајќи ја содржината од лектирата, а воопшто не ни помислуваат да се потрудат да ја прочитаат книгата. Но, од друга страна, има и ученици што сакаат да читаат. Тоа се забележува по нивната комуникација, активноста на час или кога самостојно творат. Најдобар период за започнување со читањето е од најмала возраст, поточно кога детето има пет-шест месеци. Најпрво тоа гледа слики, слуша зборови, но се запознава и со книгата. Со читањето децата интелектуално подобро и побрзо се развиваат, покажуваат поголем интерес за животната средина, подобро комуницираат, брзо учат. Исто така читањето смирува, го збогатува речникот, ја зголемува мозочната функција, ја поттикнува фантазијата – вели Јадранка Клисарова.
Покрај оваа активност, предвидена е богата програма по повод Месецот на книгата во ООУ „Никола Карев“ во Кочани, во која ќе бидат опфатени учениците од сите одделенија. Предвидено е читање бајки со првоодделенците, средби со роднокрајните автори од ЛК „Копнеж“, книжевен портрет на Киро Герасимов, творење поетски и прозни дела на членовите на литературната секција, презентација на стручната литература со која располага училишната библиотека на наставниот кадар, како и презентација на нови книги за учениците. Крајот на Месецот на книгата годинава е предвиден за средба на учениците со писателот Киро Донев и афористичарот Ацо Ѓоргиев.
Целта на ваквите литературни средби и работилници е на учениците да им се доближи книгата од сите жанрови, но и да им се укаже дека најубавиот подарок што може да се даде и добие е книгата, на која може да ѝ се навраќаат одново и одново, не само еден месец туку секој ден во годината.
Ф.Д.