Катче за родителите
- Посетувајте книжарници заедно со вашите деца, одбирајте книги, зачленете се во библиотека, заедно создавајте домашна библиотека и она што е најважно – читајте и вие. Примерот најмногу поттикнува, порачува педагогот Ема Абјаниќ Чаусидис
Познатиот шпански писател Мигел де Сервантес рекол дека не постои ниедна книга во која нема барем нешто што е корисно за читателот. Според тоа, нам ни преостанува да читаме што повеќе и од секое дело да ги собираме зрнцата на мудроста и знаењето. Од 15 октомври до 15 ноември се одбележува Месецот на книгата. По тој повод во библиотеките, центрите и домовите за култура, училиштата и другите образовни и културни установи се одвиваат разни активности.
Но на децата не е доволно да им се каже да прават нешто, туку треба да им се објасни зошто тоа е добро или не е добро. Родителите, писателите, учителите постојано ги советуваат: „читајте, читајте, читајте!“, но зошто е добро децата да читаат, објаснува Ена Абјаниќ Чаусидис, дипломиран педагог и магистерка по филозофски науки. Таа, како што вели, благодарение на своeтo детe навлегла во светот на литературата, а денес одржува работилници за читање на задоволство на многу дечиња.
Читајте им на децата најмалку пет минути дневно!
Според Ена Абјаниќ Чаусидис, читањето наглас со децата има огромни бенефиции врз детскиот развој.
– Истражувањата велат дека децата чии родители редовно им читале наглас имале побогат вокабулар и развиена емпатија. Освен тоа, тоа влијае врз развојот на критичко размислување, го зголемува фокусот, ја подобрува меморијата, ги зголемува имагинацијата и креативноста. Децата на кои им се читало од најмала возраст покажуваат подобар академски успех – вели таа.
Како и воспитанието така и негувањето на љубовта кон читањето и книгите е процес. Велат дека за да се постигне овој позитивен ефект врз детскиот развој е потребно родителите да му читаат на детето барем пет минути во денот, но во континуитет, читањето да стане дел од семејната рутина.
– Додека родителот му чита на детето јакне меѓусебната врска, а тоа, освен на децата, ни е многу потребно и нам, на родителите. Кога читате заедно, тоа е заедничко време во кое детето се чувствува безбедно и слободно да поставува прашања, да искажува свои мисли и чувства. Секогаш говорам колку е важно вниманието на родителот да биде целосно насочено на овој момент, без дистракции од мобилните уреди. Зашто тој момент не е само читање, тоа е воспитување, пренесување идеи, активирање на детскиот ум и дух, подготовка за понатамошниот академски пат – подвлекува Ема Абјаниќ Чаусидис.
Според неа, и за дечињата што веќе самостојно читаат бенефициите се истите, но кога ќе почнат самостојно да го прават тоа, тие добиваат една посебна супермоќ – самите да допрат до еден хоризонт што нуди безброј информации и светови, авантура во која детето треба да заплови со помош на родителот.
Важна е содржината на она што им го читаме на децата!
Податоците велат дека сѐ помалку деца сакаат да читаат и сѐ поретко го прават тоа. Причините за таквата состојба, Абјаниќ Чаусидис најпрво ги бара во домашната средина во која детето расте.
– Најпрво да се запрашаме дали читањето е присутно во домот? Дали на детето му се читало? Потоа, користење екрани уште од најмала возраст, дали на детето почесто му се нуди мобилен и некоја видеосодржина во слободното време. Подоцна и присутноста на децата на социјалните мрежи, како и видеоигрите – времето и фокусот на децата се насочени во тие светови и секако „поинтересно“ е таму отколку да се седне под ќебе со чајче во раката и да се плови во светот на бајките – нагласува Ема Абјаниќ Чаусидис.
Според некои анализи до кои дошла нашата соговорничка, и нам возрасните паметните телефони и социјалните мрежи ни ги одземаат фокусот и времето, па така, навиката за читање сѐ повеќе луѓе ја губат или веќе ја изгубиле.
– А замислете си како новите технологии влијаат на умовите на децата, кои се во интензивен развој! Секојдневно минувам покрај основните училишта во мојата населба и сѐ уште не ми се случило да видам дете што чита на клупа или, пак, група деца собрани околу некоја книга. Она што го гледам е дека веднаш штом излезат од училиште, телефоните се в рака и погледите се вперени во нив – констатира таа.
Уште една причина, според Ема Абјаниќ Чаусидис, е немањето фокус за читање или едноставно на детето не му е создадена околина во која имало можност да изгради сопствен вкус за литература. Затоа се важни и содржината и квалитетот на она што им го читаме на децата. Тие треба да дознаат дека читањето не е нешто здодевно и застарено или обврска само за во училиште, туку дека книгата и покрај технолошкиот развој ќе остане клуч за отворање на умот и духот на човекот.
Родителите што читаат се најдобар пример за нивните деца!
Eма Абјаниќ Чаусидис споделува и свои искуства од работата со своите деца, но и од работата со други момчиња и девојчиња на своите читачки работилници. За читателите на „Колибри“ таа нуди и решенија за поттикнување на читањето кај децата.
– Читајте заедно. И тогаш кога детето ќе научи самостојно да чита, читањето наглас, велат некои истражувања, ќе помогне во овој предизвик. Одберете добра, интересна литература, тематика што му е привлечна на детето и разговарајте, дискутирајте.
Потоа постепено од заедничко читање кај детето може да се појави интерес тоа да биде и негова самостојна активност. Посетувајте книжарници заедно, одбирајте книги, зачленете се во библиотека, заедно создавајте домашна библиотека и она што е најважно – читајте и вие. Примерот најмногу поттикнува – порачува таа.
Ѕирнавме и во нејзиниот бележник на прочитани книги за деца, па ви ги откриваме насловите „Графало“, „Детето на Графало“ и „Малото мајмунче“ од Џулија Доналдсон, серијалот книги на Џеронимо Стилтон и серијалот „Хари Потер“, секако за оние што веќе се искусни мали читачи на книги.
Инаку, Ема Абјаниќ Чаусидис е голема љубителка на читањето наглас и редовно го практикува тоа со своите деца. Таа за време на пандемијата на ковид-19 го почнала својот блог „Алетеа“, каде што почнала да објавува осврти за сликовниците што ги купувала за нејзиниот син. Пред една и пол година почнала да одржува читачки работилници со деца од предучилишна возраст, а како што сподели со нас, наскоро ќе се оствари еден нејзин сон, а тоа е отворање културно-едукативен центар со наслов „Катче за приказни“. Таму ќе се одржуваат читачките работилници со деца, но и родителите ќе имаат можност да доаѓаат, да читаат или да им се чита и ќе се создаде средина во која ќе се негуваат културни вредности и околина во која ќе се поттикнува љубопитството кај децата.




































