Фото: ЕПА

АНАЛИЗА: ЗОШТО НЕКОИ ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ СЕ СТРЕМАТ ДА ЈА ОГРАНИЧАТ ТОЛКУВАЧКАТА МОЌ НА ЕВРОПСКИОТ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА?

  • Во отворено писмо од 22 мај 2025 година девет земји членки на Советот на Европа повикаа на „испитување на начинот на кој Европскиот суд за човекови права го развил толкувањето на Европската конвенција за човекови права“ и, во име на својот суверенитет, го критикуваат „екстензивното“ толкување на пресудите на ЕСЧП, кое би ги спречило да ги остварат своите прерогативи во прашањата за миграциската политика. Затоа, тие се повикаа на својот „демократски мандат да започнат нов, отворен разговор за толкувањето на Конвенцијата…“

Предводени од Италија и Данска, група од девет европски земји започнаа напад врз Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), при што нивните влади ги критикуваат одлуките на оваа институција. Нивната реторика е едноставна: со премногу широко бранење на фундаменталните принципи, судиите од Стразбур го доведуваат во прашање суверенитетот на владите засновани на легитимитет на народот и ја загрозуваат безбедноста на нивните граѓани, која се смета за неразделна од контролата на миграцијата. Владите на Италија, Данска, Австрија, Белгија, Естонија, Латвија, Литванија, Полска и Чешка, кои претставуваат различни политички убедувања, потпишаа отворено писмо во врска со тоа на 22 мај. Тие ја осудија „промената во толкувањето на Судот“, кој наводно „ја ограничил нивната способност да донесуваат политички одлуки во сопствените демократии“.

Првпат неколку шефа на влади јавно се обраќаат до ЕСЧП

Зошто некои земји членки се стремат да ја ограничат толкувачката моќ на ЕСЧП? Иако политичкиот предизвик до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) не е без преседан, ова е првпат неколку шефа на влади (Австрија, Белгија, Данска, Естонија, Италија, Латвија, Литванија, Полска и Чешка) јавно да се обратат до ЕСЧП, институциите на Советот на Европа и неговите други земји членки.
Иницирано од Џорџа Мелони, премиерка на Италија, и Мете Фредериксен, премиерка на Данска, ова писмо доаѓа во услови на глобален контекст на двојно напаѓање од страна на одредени политички движења на судиите и имиграцијата, врз основа на тоа дека „судиите ја ограничуваат способноста на владите да донесуваат политички одлуки и дека имиграцијата ги загрозува безбедноста и демократијата“.

Под притисок и принципите што ги штитат човековите права: Конвенцијата е под обвинувања дека оди предалеку во корист на малцинствата

Митот за владеење на судиите е засилен во однос на ЕСЧП, бидејќи тој е и европски суд и суд за човекови права. Неговата европска димензија би претставувала опасност за националниот суверенитет, а нејзиниот опсег на „човекови права“ би ги заштитил малцинствата и сторителите на штета на мнозинството и жртвите на криминал. Поради степенот до кој ЕСЧП ја толкува Конвенцијата „во светлината на современите услови за живот“ (ЕСЧП, Ери против Аерланд, 9 октомври 1979 година, § 26), ова еволутивно толкување на Конвенцијата е под обвинувања дека оди предалеку во корист на малцинствата (како на пример, меѓу другите, и пресудите за непризнаеното македонско малцинство во Бугарија и Грција), странците и странските криминалци на штета на интересите на мнозинството граѓани и оние избрани од мнозинството.
Бидејќи правата што ги гарантира Конвенцијата им користат на сите човечки суштества без дискриминација, државите се должни да ги почитуваат без оглед на националноста. Во зависност од околностите на секој случај, земјите членки може да бидат прогласени за виновни за кршење на овие права, на пример во случаи на флагрантно негирање на правдата во земјата на дестинација на протеран странски државјанин (ЕСЧП, Харкинс против Обединетото Кралство, 15 јуни 2017 година). Некои земји членки сакаат да ослободат одредени национални мерки насочени кон странските државјани од надзорот на ЕСЧП, како што се враќање по кратка постапка на границите, префрлање на барањата за азил во трета земја како што се Руанда, Косово или Албанија и изборот на земја на дестинација за протераните странски државјани.
Бидејќи сите овие мерки се предмет и на национална судска ревизија и на надзор од страна на ЕСЧП, некои политички движења би претпочитале да ги подложат сите судии на политичка моќ. Поради нејзината крајна интервенција откако ќе се исцрпат домашните правни лекови, ЕСЧП е на нишан. Не случајно во 46-те земји членки на Советот а Европа често се вели „правдата ќе ја бараме во Стразбур“.

Дали критиките кон ЕСЧП се основани?

Според Жоел Андриантимбазовина, вонреден професор по право на Правниот факултет во Тулуз, Институт за истражување на европско, меѓународно и компаративно право, толковната моќ на ЕСЧП, како и онаа на кој било судија, легитимно е предмет на критика. Таа се врши во контекст на случај изнесен пред судија и секогаш резултира со решение неповолно за една од страните. Страната што губи ќе биде посклона да ја критикува толкувачката моќ на судијата што пресудил против неа. А уште поважно, кога страната што губи е држава, втората е во искушение да го потврди суверенитетот на државата за да избега од контролата на судијата. Но, постои разлика помеѓу критиката и политичкиот предизвик на толкувачката моќ на судијата. Првата е легитимна, втората претставува напад врз самата основа на принципот на владеење на правото утврден во преамбулата на Конвенцијата.
Принципот на владеење на правото, еквивалентен на владеењето на правото, е израз на демократија, единствениот политички модел компатибилен со Европската конвенција за човекови права (ЕСЧП, Обединета комунистичка партија на Турција, 30 јануари 1998 година, § 45). Либералната демократија на која се однесува ова не е ограничена само на изборот на владетели; таа вклучува ограничување на политичката моќ преку правата и слободите на поединците прогласени со Уставот и со конвенциите за заштита на човековите права слободно донесени и ратификувани од државите. Оваа мисија на следење на политичката моќ во светлината на правата и слободите е одговорност на судиите.
Имајќи го предвид тоа, државите што ја ратификувале Конвенцијата сметаат дека „целта на Советот на Европа е да постигне поголемо единство меѓу своите членови и дека едно од средствата за постигнување на таа цел се заштитата и развојот на човековите права и основните слободи“ (преамбула на Конвенцијата). За таа цел, државите што пристапиле кон Конвенцијата суверено му ја довериле на ЕСЧП надлежноста „да обезбеди почитување на обврските што ги презеле високите договорни страни според Конвенцијата и нејзините протоколи“ (членот 19 од Конвенцијата); тие суверено признале дека „јурисдикцијата на Судот се протега на сите прашања во врска со толкувањето и примената на Конвенцијата и нејзините протоколи што му се доставуваат (…)“ (членот 32 од Конвенцијата). Ограничувањето на оваа надлежност не е невозможно, но мора да се направи земајќи ги предвид целите и вредностите прогласени од земјите членки на Советот на Европа во преамбулата на Конвенцијата. Така, обидот на Обединетото Кралство и одредени држави како Данска драстично да ја намалат толкувачката моќ на ЕСЧП преку ревидирање на преамбулата на Конвенцијата не даде резултати. Всушност, иако државите пристапнички се гаранти на почитувањето на правата и слободите дефинирани со Конвенцијата и нејзините протоколи во име на принципот на супсидијарност и иако „уживаат во маргина на процена“, тие го прават тоа „под надзор на Европскиот суд за човекови права“ (амандман на Конвенцијата со протокол бр. 15 од 24 јуни 2013 година, кој стапи во сила на 1 август 2021 година).


Политичките проблеми не се решаваат со ослабување на правдата

  • Ниедна судска гранка не треба да биде предмет на политички притисок. Не може со ослабување на правдата да решаваме политички проблем, вели Ален Берсе, генерален секретар на Советот на Европа

Со оглед на темелите и филозофијата на Конвенцијата, политичката жалба до ЕСЧП во име на посветеноста на вредностите на човековите права и потрагата по рамнотежа помеѓу, од една страна, безбедноста на мнозинството граѓани и, од друга страна, слободите на мигрантите, мириса на лицемерство и демагогија, смета професорот Жоел Андриантимбазовина.
– Ниедна судска гранка не треба да биде предмет на политички притисок. Не може со ослабување на правдата да решаваме политички проблем – вели Ален Берсе, генерален секретар на Советот на Европа.
Во самата своја суштина, ЕСЧП постојано бара рамнотежа помеѓу, од една страна, суверенитетот на државите преку зачувување на безбедноста и заштитата на јавниот ред и, од друга страна, заштитата на правата и слободите на поединците. Тој им дава широка маргина на процена на земјите членки во борбата против неволјите на тероризмот, организираниот криминал, трговијата со луѓе и хулиганството, до тој степен што некои од прикрадните регресии на судската пракса на ЕСЧП може да бидат критикувани.
Отвореното писмо ги осудува ситуациите што не одговараат на општата структура на судската пракса на ЕСЧП. Принципот во врска со судските спорови во кои се вклучени странци е јасен: „(…) според добро воспоставениот принцип на меѓународното право, државите имаат право, без да се нарушат нивните договорни обврски, да ги контролираат влезот и престојот на лица што не се државјани на нивна територија. Конвенцијата не го гарантира правото на странец да влезе или да престојува во одредена земја (…)“ Понатаму, во прашањата за имиграција, членот 8 не може да се толкува како наметнување општа обврска на државата да го почитува изборот на земјата на живеење на брачните парови и да дозволи семејно обединување на територијата на таа земја“ (ЕСЧП, M.A. против Данска, 9 јули 2021, §§ 131-132). Само од случај до случај, државните мерки што се однесуваат на странците можат да ги прекршат правата гарантирани од судот (ЕСЧП, Мартинез Алварадо против Холандија, 10 декември 2024: во врска со тешко инвалидизиран странски државјанин што зависел од своите сестри што живеат во државата домаќин за потребната грижа и помош).
Понатаму, во прашањата за протерување, освен во специфични случаи што вклучуваат ризик од повреда на неповредливо и неотстапливо право (особено забраната за смртна казна и забраната за тортура, нечовечко или понижувачко постапување или казнување, забраната за ропство и експлоатацијата на човечки суштества), не може да се каже дека европската судска пракса е структурно и систематски поволна за странските деликвенти и криминалци (ЕСЧП, Мирзојан против Чешка, 16 мај 2024 година: одбивањето да се обнови дозволата за долгорочен престој од професионални и семејни причини не го прекршува членот 8 од Конвенцијата бидејќи подносителот на барањето се смета за закана за националната безбедност и јавниот ред). Т.Г.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција

продолжува